Илијада

Од Википедија — слободната енциклопедија

Илијада (ст.грч. Ἰλιάς) — епопеја која се смета дека ја напишал Хомер. Тематски е поврзана со времето кога Грците ја започнале колонизацијата на островите во Егејско Море и на Мала Азија. Оваа колонизација била предизвикана од зголемувањето на населението на Балканскиот Полуостров, кое почнало да бара земји за населување и да ги напаѓа и ограбува соседите. Содржинската основа на епопејата ја сочинуваат настани од времето на Тројанската војна, што се случила во периодот од 13 век п.н.е. до 12 век п.н.е. Според митот за Tројанската војна, Парис, синот на тројанскиот цар Пријам, ја грабнал Елена, жената на спартанскиот цар Mенелај, и ја однел во родниот град Илион (Троја). Сите грчки јунаци од одделните полиси на чело со Агамемнон, царот на Арг, се кренале против ова нечесно дело на Парис за да му се одмаздат. Така почнала војната што траела десет години. За заповедник на грчката (ахајската) војска бил поставен Агамемнон. Настаните за кои се раскажува во „Илијада” се случиле во последната, десетта година од војната, односно се опева само 51 ден.[1] Илијада се смета за едно од најстарите дела од западната литература зачувани до денес, а пишаната верзија датира од околу осмиот век п.н.е.[2]

Кратка содржина[уреди | уреди извор]

Првите стихови од Илијада

Во десеттата година на Тројанската војна избувнала караница меѓу Ахил и Агамемнон, кога аполоновиот свештеник Хрис го замолил Агамемнон да му ја врати ќерката Хрисеида, која како дел од пленот ја заробил Агамемнон по освојувањето на градот Теба од страна на Ахајците. Агамемнон не сакал да му ја исполни молбата на Хрис, и богот Аполон налутен од оваа негова постапка за казна испратил страшен помор меѓу грчката војска. За да го умилостиви Аполон, Агамемнон му ја вратил Хрисеида на свештеникот, но ја зел Брисеида, заробеничката на Ахил. Кога ова го дознал Ахил - најсилниот ахајски јунак - се разгневил и не сакал да се бори против Тројанците. Разжалостен седнал крај „многуводното“ море и ја замолил мајка му, божицата Тетида да се одмазди за таа неправда што му ја сторил гордиот цар Агамемнон. Тетида го убедила Зевс да се застапи за син ѝ и да им помогне на Тројанците. Тогаш воената среќа поминала на страната на Тројанците.

Тројанците кои десет години не се решавале да излезат од градот и да војуваат на отворено бојно поле бидејќи во редовите на ахајската војска се наоѓал Ахил, тогаш излегле надвор од ѕидиштата на Троја и почнале двобои и општи битки. На двобој излегле Менелај и Парис каде што победил Менелај, но божицата Афродита го спасила Парис на тој начин што го направила невидлив и го одвела во неговиот дворец. На двобој излегле Ајант и Хектор. Хектор бил ранет, но богот Аполон бргу го излечил.

Боговите на Олимп се поделиле на два табора. Тетида и Зевс останале заштитници на Тројанците, а Хера и Атина - заштитници на Ахајците (Грците). Додека налутениот Ахил не се борел, многу јунаци од двете страни успеале да ја покажат својата храброст и борбени вештини: Агамемнон, Менелај, Диомед, Одисеј, Идоменај и други. Меѓу Тројанците како најсилен се покажал „вртишлем“ Хектор, Ајнеј, ликискиот цар Сарпедон и многу други. Кога бројот на убиените станал многу голем, двете страни склучиле примирје за да ги спалат загинатите. По примирјето борбата продолжила со уште поголема жестокост и според волјата на Зевс победиле Тројанците. Поразените Ахајци побегнале на своите кораби, гонети од Хектор, кој ликувал поради успехот. Ноќта го прекинал гонењето, а Тројанците радосни, цела ноќ палеле огнови и им принесувале жртви на боговите.

Во грчкиот логор Агамемнон не можел да се смири поради поразот, па затоа се согласил да ги испратат најдобрите грчки јунаци војник, Ајант и Одисеј кај Ахил и да го замолат да престане со гневот за да се врати на бојното поле. Ахил не се согласил и ги одбил даровите што му ги испратил Агамемнон и им рекол дека има намера да се врати назад во родната земја. Откако во борбите биле ранети Диомед, Одисеј и Еврипил, мудриот јунак Нестор го наговорил Патрокле, најдобриот пријател и побратим на Ахил, да појде кај својот пријател и да го замоли да престане да се лути, а ако не успее, да се облече како Ахил и да прифати двобој. Патрокле се согласил, а штом го виделе Тројанците, мислејќи дека е Ахил, се исплашиле и се повлекле од бојното поле. Патрокле успеал да ги потисне Тројанците и го убил Сарпедон. Хектор разгневен се замешал во двобојот и го убил Патрокле, мислејќи дека е Ахил. По смртта на Патрокле се сменила воената среќа на Ахајците и Тројанците.

Кога Ахил дознал за смртта на својот најдобар пријател, решил да се одмазди за неговата смрт и тогаш се помирил со Агамемнон. Почнале нови борби, Ахил прво излегол на мегдан со Ехеј, кого од сигурна смрт го спасил богот Посејдон. Ахајците биле надмоќни и Пријам наредил Тројанците од бојното поле пред ѕидиштата на Троја да се повлечат во градот. Војската се повлекла, единствено храбриот Хектор останал, а кон него се упатил Ахил и го повикал на двобој. Хектор се исплашил и почнал да бега, зашто не очекувал да го види Ахила. Ахил почнал да го гони и успеал да го убие. Му ја соблекол облеката, го врзал за својата кола за нозете, а главата му ја оставил да се влече по земја. Откако неколкупати обиколил околу Троја за да видат Тројанците дека нивниот најголем јунак е мртов, Ахил телото го довлечкал до ахајските кораби.

Цела Троја ја обзел ужас од смртта на Хектор. Мајка му тажела гласно и си ги кубела белите коси. Плачот бил толку голем како Троја да се урива во пожар. Во тоа време Ахил наредил да му се подготви свечен закоп на Патрокле. Несреќниот Пријам, таткото на Хектор, со богати дарови дошол во грчкиот логор со цел да го откупи мртвото тело на синот. Потресен од плачењето и молбите на Пријам, Ахил му го дал телото на убиениот Хектор, кого Тројанците го пречекале со плачење. Епопејата завршува со свечениот закоп на Хектор, кого го спалуваат на клада.

Јунаците во Тројанската војна[уреди | уреди извор]

Ликовите на Хомер се типични и поединечни во исто време. Тие се дрски херои кои ги уриваат забраните и законите, заслепени од заблуда или гнев. Противтежа на гневниот и суров Ахил е Хектор, претставен како морален и благороден јунак. Наспроти верната сопруга и нежна мајка Андромаха, е ликот на лекомислената жена Елена, која станала причина за толку несреќи. Двајцата браќа принцови на Троја се исто така поларитетни ликови: Хектор е морален и храбар, а Парис е егоист и кукавица. Хомер не ги анализира душевните состојби на своите јунаци. Откако физички ќе ги опише, натаму остава самите да зборуваат за себе преку дијалозите.

Ахил[уреди | уреди извор]

Ахил и Патрокле.

Ахил е син на морската божица Тетида и кралот Пелеј и е водачот на Мирмидонците, јунакот околу кого се групирани сите поважни настани во „Илијада“. Во античко време тој бил олицетворение на нивниот идеал за совршен јунак. За разлика од другите грчки јунаци кои во војната со Тројанците пред сè барале плен и богатство, тој е дојден да војува за општото добро на сите Грци. Ахил при поделбата на пленот се задоволил со најмал дел, иако знаел дека е најголемиот јунак во грчката војска. Кога Ајант за Брисеида, што му ја одзел Агамемнон, му нудел седум моми и многу дарови, тој му одговорил дека во Грција секоја навреда може да се ублажи со поткуп. Тој не мислел така, со честа не се тргува и ги одбил понудите на Ајант. Ахил е бестрашен јунак и Хомер ни го покажува во разни ситуации: кога е гневен и упорен, кога се бори на бојното поле, нанесувајќи смртоносни удари; кога се колне над телото на мртвиот Патрокле дека ќе го одмазди; кога се одмаздува, бездушно влечејќи го телото на Хектор под ѕидините на Троја и кога наредува да се убијат дванаесет Тројанци. Силата и бестрашноста не се единствените одлики на Ахил. Тој знае да биде благороден и великодушен. Молбите на Пријам да му го даде мртвото тело на Хектор го смекнуваат неговото гневно срце. Тој е трогнат до солзи кога стариот крал Пријам клекнува и му ја бакнува раката, раката што го убила неговиот син. Во тој миг Ахил ја заборавил одмаздата и му го предал мртвиот Хектор:

Кротко го зеде старецот за рака, го отсеби полека, Двајцата тажни беа: Пријам за синот плачеше свој, славниот, мртов сега легнат пред нозете на Ахил: Ахил, пак, со мисла за татка си и другарот тажно плачеше - и надалеку се носеше плачот жален.

Ахил му го дава телото и му ветува дванаесет дена примирје за да можат Тројанците да го исплачат Хектор и да го закопаат со сите почести. Ахил е национален јунак на грчкиот народ. Тој станал нивен идеал поради способноста да биде жесток и најнежен; многу да сака и многу да мрази, да се одмаздува и да сочувствува. Неговата храброст и благородност станале поим за совршен човек.

Хектор[уреди | уреди извор]

Ахил го убива Хектор, од Петер Паул Рубенс (1630–35).

Хектор е најславниот тројански јунак и војсководец. Ахајците го сметале за непобедлив и кога паднал погоден од копјето на Ахил, грчките војници дошле да проверат дали е обичен човек:

„Другите синови пак Ахајците околу него трчаа за да го видат и да се начудат мошне на Хекторовата снага и лик, што возбудува восхит туку не можеше тогаш ниеден од нив да се здржи и да го удри трупот на Хектора, макар и мртов. Вака пак некој ќе речел, гледајќи во другиот ближен: Олеле, вистина сега на пипање е помек Хектор одошто корабите кога ги палел со жешкиот оган.“

Хектор е одважен и чесен борец, тој војува за да ја одбрани честа таткова и своја и да ја заштити родната земја од туѓинските напаѓачи. Тој има развиено чувство за обврска и одговорност. Жена му Андромаха го одвраќа од двобојот со Ахил, но тој, иако многу ја сака, иако е загрижен за нејзината иднина и иднината на синот, не се откажува од двобојот:

„Вистина жено, за ова се мислам и јас, но се срамам страшно од нашиве Тројци и Тројки со облеки долги, ако се повлечам јас ко страшливец беден од бојот: зашто не ме пушта духот и везден сум свикнал да бидам чесен и одважен јас, да се борам сред првите Тројци славата таткова велја и своја гледајќи да спасам.“

Хектор страшливоста ја сметал за недостојна слабост и го прекорува својот брат Парис, кој, кога го повикал Менелаја на двобој за да го решат спорот околу убавата Елена, штом го видел како скока од колата, се уплашил и почнал да бега:

„Зошто ти не сретна со оружје царот Менелај. Би открил на каков јунак си му ја зел жената. Нема да ти помогнат ни гитарата ни раскошната убост даровите на Афродита, кога си ништожен како прашинка.“

Од Хектор зрачи човечка доблест, искреност и непосредност. Ако на бојното поле идеал му била чесната борба, идеал во домот му е семејната среќа. Тој е нежен татко и верен сопруг, целосно предаден на жената и синот.

Агамемнон[уреди | уреди извор]

Агамемнон е крал на Микена, и тој е војсководец на Грците во оваа војна. Најголемиот противник на Ахил и најголем виновник за започнување на Тројанската војна. Според него, Ахил бил премногу вообразен човек, којшто мисли дека е над сите луѓе па дури и над боговите.

„Не ми преправај мене, биголики Ахиле, вака
колку и умен да си оти не ќе ми го свртиш умот.
Или пак сакаш да ти имаш дар, а јас овдека вака
лишен да седам, штом мене ми викаш да неа ја вратам?
Но ќе ми додељат дар Ахајциве силни и смели
достоен угодувајќи ми мене што срце ми сака;
ако не ми дадат тие, јас самиот можам да дојдам
твојот дар или од Ајнт иљ од Одисеј да го земам
и да го носам, а тој ќе се љути кај кого ќе дојдам...“

Одисеј[уреди | уреди извор]

Одисеј е кралот на Итака, итар и трпелив.

Патрокле[уреди | уреди извор]

Патрокле е најблискиот другар и побратим на Ахил.

Терсит[уреди | уреди извор]

Во „Илијада“, антагонизмот што постоел меѓу луѓето во робовладетелското општество, пред сè е претставен како борба меѓу робовладетелите, а не меѓу робовите и господарите. Робовите служат само како пасивна основа при опишувањето на јунаците. Како ќе завршат битките решаваат водачите на двобои, а не војската, па затоа во „Илијада“ е многу мал бројот на личности претставници на пониските слоеви. Меѓу тие малубројни ликови се издвојува ликот на Терсит. Терсит е слободен војник и според надворешниот изглед е многу грд:

„Тој бил најгрдиот човек од сите што дошле под Илиј: кривоног сосем и куц на едната нога, со двете рамена криви, кон градите збрани, а главата нему шилеста горе му била со тенка проретчена коса“.

Неугледниот надворешен изглед на Терсит како да е одраз на неговото неугледно потекло. Иако бил грд, имал бистар и прониклив и затоа Одисеј го нарекувал лудозборец. Терсит протестира против богатењето на царевите, во очи им кажува која е побудата што ги тера да војуваат, а тоа е алчноста за плен и злато:

„Сине Атреев на што ли се жалиш и што ти е малку? Полни чадорите твои се туч а одбрани жени многу си имаш ти во нив, што ние Ахајците тебе како на прсти ти ги даваме нив, штом некој ќе падне. Или не ти стига златото што ќе ти го донесе некој од коњокротците Тројци од Илиј как откуп за синот, или пак женичката млада да в постела своја си љубиш и настрана ти ја држиш сам? Што не ти личи тебе, прв војсководец, на зло ги водиш Ахајските синови“

Овие зборови што Терсит му ги упатил на Агамемнон ја покажуваат појавата на социјална нееднаквост во рамките на првобитната демократија. Терсит е и бунтовник и бара војската да му откаже послушност на царот, кој на Ахајците им носи беда. Со својата слободоумност и протест, Терсит е казнет и е натепан од Одисеј. По лицето му се леат солзи, веројатно повеќе од јад, зашто е осамен во својот протест и што народот не ја осознава својата положба.

Аристократијата[уреди | уреди извор]

На страниците на “Илијада“ се прикажани голем број личности. Повеќето од нив се цареви, војсководци, богови, свештеници и ретко некој човек од народот, како војникот Терсит. Хомеровите цареви (василевси) не се од типот на европските монарси, тие се избрани водачи на племињата. Општеството за кое раскажува Хомер сè уште не е класно општество. Тоа е време кога се распаѓа родовското општествено уредување и се создаваат робовладетелски односи. Хомеровите цареви се првите никулци на робовладетелската аристократија. Тие се големци, горди луѓе, свесни за својата моќ, бидејќи се израснати во битки за освојување туѓи територии. Ропството на воените заробеници веќе била прифатена појава. Тие се самоуверени и не признаваат друг суд, освен судот на својот меч.

Агамемнон, заповедникот на грчката флота, е горделив. Тој со презир го истерува свештеникот Хрис, кога тој дошол да го моли да му ја врати ќерката Хрисеида, која му припаднала како дел од пленот кога Ахајците го зазеле градот Теба. Моќта ги прави многу надмени. Агамемнон не трпи приговори ни од Ахил, најголемиот грчки јунак. Кога Ахил го убедува да ја врати Хрисеида, за да престане поморот во грчката војска, тој се согласил, но во замена му ја одзел робинката Брисеида, сакајќи на тој начин да ја покаже својата надмоќ. Робовладетелската аристократија е многу лакома за богатство. Ограбувањето било основна побуда при водењето на војните. Тоа и ги довело под ѕидините на Илион (Троја). Тие не се откажуваат лесно од пленот. Агамемнон кога е принуден да ја врати Хрисеида го заплашува Ахила:

„Или пак ти да имаш дар, а јас овдека вака лишен да седам, штом мене ми велиш неа да ја вратам? Но, ќе ми доделат дар Ахајците силни и смели достоен, угледувајќи ми мене што срце ми сака; ако не дадат тие, јас самиот можам да дојдам, твојот дар ил’ од Ајант, ил’ од Одисеј да го земам и да го носам, а тој ќе се лути кај кого ќе дојдам.“

Во битките сите тие се храбри, тоа им е главната одлика. Освен јунаштвото и физичката сила, што ги почитувале над сè, умееле да ја почитуваат и мудроста на филозофот, инспирацијата на поетот и ораторството на ораторот. Богатиот живот и слободното време им овозмножиле да се здобијат со естетски вкус и имале чувство за убавина и хармонија, кои доаѓале до израз во изгледот на облеката и оружјето што го носеле. Дури и штитот на Ахил, наменет пред сè за војување, бил украсен и претставувал уметничко ремек-дело. Ја почитувале поезијата, поетот бил неопходен украс на секоја гозба и го сметале за избраник на боговите. Претставниците на грчката аристократија Агамемнон, Менелај, Ахил, Диомед, браќата Ајанти, Одисеј и други, биле со големи лични квалитети.

Боговите[уреди | уреди извор]

Олимписките богови и божици се мешаат во голема мерка и имаат голема улога во животот на луѓето. Во „Илијада“ боговите се прикажани со карактери на луѓе: завидливи, љубоморни, подготвени за одмазда. Речиси секоја акција во „Илијада“ е водена или предизвикана од боговите. Така, на пример, по налог на Зевс, Хефест го кова чудесното оружје на Ахил со кое тој излегува на бојното поле после смртта на Патрокле; а Хермес доцна во ноќта го води кралот Пријам до шаторот на Ахил.

Стилот[уреди | уреди извор]

Стилот во „Илијада“ е реалистички и испреплетен со фантастика. Хомер со медицинска точност ги опишува местата на раните добиени во битките:

„...А синот Тидеев со раката грабна грамаден камен, што мажи не би могле два да го носат, какви се луѓево сега, а оној и сам г’играл лесно со него г’удрил Ајнеа по бедрото, каде што бутот внатре со колкот се врти, а којшто го викаат чашка. Коската тој му ја скршил и обете жили ги скинал каменот грубо му ја солупил кожата. Јунакот тогаш падна на колена в прав и со силната рака ја фати земјата, црна пак ноќ му ги покрила обете очи.“

Реалистичкиот принцип предметите и појавите како и личностите да се опишуваат во најситни подробности е присутен во сета епопеја. Пластичноста на описите се одликува со најпрецизна вистинитост. Штитот на Ахил, што го исковал богот Хефест, со литографијата на него, е опишан, во 130 стиха:

„Најпрвин почна штитот тој голем и јак да го прави вешто длабејќи го сегде: наоколу сјаен му ковал триплочен раб, сиот светкав, а на него сребрена рачка. Пет пак на самиот штит биле пластој, а врз него многу мајсторско претставил дела со својата вештина вредна: земјата, морето и небото тој г’изрезал згора, и неуморното сонце и таа Месечина полна уште и ѕвездите сите што небото го накитуваат, тие Плејади, Хијади, и снажниот онај Орион, и уште Мечката згора што Кола ја викаат други што се во местото врти и спроти Ориона гледа“

Освен реалистичките описи се среќаваат и кога се опишуваат боговите. Боговите имаат моќ да се преобразуваат во невидливи, во ликови на други луѓе, во птици и растенија. Можеле да ги направат невидливи и луѓето коишто ги штитат, ако се во опасност.[3] Божицата Артемида, кога нејзиниот син Ехеј постоела опасност да загине во двобој, таа го обвила во магла и го спасила. Бурата на небото е претставена вака:

„Страшно загрме Ѕевс од Ида и огнена искра фрли на небото страшно загрме и гром страшен џитна на земјата пред нозете на коњите од Диомед го џитна богот Зевс Страшен се крена пламен што вивна веднаш.“

Поетскиот јазик[уреди | уреди извор]

Поетскиот јазик на Хомер е сликовит и богат со оригинални изразни средства. За неговата сликовитост придонесуваат оригиналните епитети: крилатни зборој, копитни коњи, гласовит борец, пресветлиот син, зажарениот ветер и други. Особено се впечатливи сложените епитети: брзоног Ахил, коњокротец Хектор, белолакта Андромаха, сјајноока Атина, долгокоси тројки, многударовна жена, мажоморец Арес, далекуметна Артемида, белоштитен јунак и други. Избројани се 153 куси и 197 развиени споредби.[4] Хомеровите компарации најчесто се развиени во слика:

„Хектор се устреми ко орел од вишното небо, кога се урнува в поле низ црните облаци долу, или за овчица тој, или плашливо зајаче да зграпчи, така се впушти и Хектор мавтајќи со мечот свој остар.“

Контрастот и антитезата, што се среќаваат многу често, придонесуваат читателот да ги открива расположенијата на ликовите, како во антитезата кога Хектор прашува за Андромаха каде е:

„Ај, кажете ми мене по правина слугинки мои кај пошла од дома зар Андромаха белолакта сега? Дали до своите золви и јатрви стокмени добро, или до храмот Атенин си отишла, кај што и други многу краснокоси Тројки ја молат божицата страшна. А домаќинката вредна му вратила збор и му рекла: Хекторе кога ме прашаш по правина ќе ти кажам нито до своите золви и јатрви стокмени добро нито до храмот Атенин си отиде, кај што и други туку до велјата кула на Илион појде, штом дочу дека Тројанците гинат од силната Ахајска војска.“

Втората одлика на стилот во „Илијада“ се честите архаизми, со кои се добива свечен тон. Композицијата на „Илијада“ е сосем едноставна, раскажувањето е спокојно и мирно, а на некои места со драматичност. „Илијада“ содржински е целосно завршено дело. Целото дејствие се движи околу гневот на Ахил и се развива во причинско-последична врска.

Во „Илијада“ за првпат се споменуваат географските поими кои и денес постојат. Се споменуваат Пајонци, Пелагонците и реката Вардар (Аксиј). Хомер ја опишува реката Вардар како „длабоковирна река, што со своите води ја натопува земјата“, а Пајонците се „добри коњаници“ што се борат со „долги копја“. Тие се борат на страната на Троја.

„Илијада“ на Хомер не ја читаме како соопштение за некој древен мит или историска битка, туку како повест за јунакот и човекот Ахил со чии чувства и гнев, тага и внатрешни судири, можеме да сочувствуваме, иако сме далеку од јуначките сфаќања што ја определуваат неговата личност. Судбината на Ахил и Хектор, судбината на убавата Елена и стариот Пријам, се човечки судбини. И покрај херојските димензии на личностите, кога ја читаме „Илијада“ се идентификуваме со нив, па и во митот и легендата гледаме еден повисок одраз на животната реалност.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, Скопје, 2006 г., стр. 214
  2. Vidal-Naquet, Pierre. Le monde d’Homère (The World of Homer), Perrin (2000), p. 19
  3. Keegan, John. A History of Warfare (1993) p.248
  4. Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, Скопје, 2006 г., стр. 221

Надворешни врски[уреди | уреди извор]