Иван Рибар

Од Википедија — слободната енциклопедија

Д-р Иван Рибар бил хрватски и југословенски политичар, и еден од најблиските соработници на Тито.

Заедно со Тито во 1943 година

Млади години[уреди | уреди извор]

Бил роден на 21 јануари 1881 година во селото Вукаманиќ (близу Карловац). Потекнувал од сиромашно семејство. Основното и средното образование го завршил во родниот град. Во Загреб, Прага и Виена студирал правни науки, а докторирал во Загреб. Во тогашно време, тој припаѓал и се сметал за еден од онаа хрватска младина која имала напредни идеи и истовремено активно учествувал во сите акции против империјализмот. Рибар едноставно бил за народно национално единство, слобода и независност на Хрватска. Иван Рибар е еден од основачите на Хрватската демократска партија.

Улога за време на војните[уреди | уреди извор]

Како член на хрватско-српската коалиција бил избиран за народен пратеник во Хрватското собрание во 1913 година. Исто така бил и член на заедничкиот парламент во Пешта. За време на Првата светска војна, и покрај тоа што бил избран пратеник, сепак бил испратен на источниот фронт да се бори против руската империја. Во 1918 година станал член на Централниот одбор во Загреб, а следната година и претседател на Привременото народно претставништво на Кралство СХС. Во 1920 година бил избран за народен пратеник како претставител од Демократската партија. Истата година станал и претседател на општината на која позиција останал сè до 1922 година. Со воспоставување на диктатурата од страна на кралот Александар, тој застанал против и барал неговата партија да апстинира. За време на диктатурата ги бранел комунистите пред судовите.

За време на Втората светска војна, во 1941 година бил илегално во Белград, а потоа и во Загреб, од каде се преместил на ослободената територија. Во 1942 година бил примен во членството на КПЈ и работел на создавањето и одржување на АВНОЈ. На првото заседание на АВНОЈ во Бихаќ на 26 и 27 ноември 1942 година бил избран за претседател на АВНОЈ на чија должност останал сè до 1945 година.

Улога по војната[уреди | уреди извор]

По крајот на војната бил избран за пратеник во народното собрание на ФНРЈ во Хрватска. Од крајот на 1945 до 1953 година бил претседател на Президиумот на Народното Собрание на ФНРЈ. Од политичкиот живот се повлекол во 1960 година. Починал на 11 јуни 1968 година во Загреб , како генерал-мајор на ЈНА.