Иван Мажураниќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Иван Мажураниќ
Ivan Mažuranić
Портрет на Иван Мажураниќ
Роден(а)11 август 1814(1814-08-11)
Починал(а)4 август 1890(1890-08-04) (возр. 75)
НационалностХрват
Занимањепоет, политичар
Познат(а) поСмртта на Смаил-ага Ченгиќ
РодниниИвана Брлиќ-Мажураниќ (внука)

Иван Мажураниќ (хрватски: Ivan Mažuranić; 11 август 1814 - 4 август 1890) — хрватски писател и политичар, најголемиот претставник на романтизмот во хрватската книжевност. Заедно со Петар Петровиќ Његош и Григор Прличев, тој претставува едно од врвните поетски имиња во кижевните традиции на јужнословенските народи. Исто така, Мажураниќ е еден од водечките творци во периодот на романтизмот, на територијата на јужнословенските народи.

Животопис[уреди | уреди извор]

Мажураниќ е роден во 1814 година во Нови Винодолски (Хрватско Приморје), во средноимотна селско семејство, кое се занимавало со земјоделство, лозарство и разни занаети за домашна употреба. Неговото семејство се доселило од јужните краишта во Приморјето за време на Ускочките војни. Имал повеќе браќа, од кои најстариот, Антун, одел на училиште и му бил еден вид ментор. Подоцна, брат му Антун станал угледен филолог, гимназиски професор и директор. Најмладиот брат, матија, бил самоук и живеел како градежен претприемач во разни делови од светот. Во младоста, Матија се истакнал со книгата „Поглед на Босна“ (Pogled u Bosnu) од 1842 година, најдобрата прозна книга од времето на Хрватскиот препород. Иван Мажураниќ завршил три одделенија во основното училиште во родното место, учејќи на германски јазик. Имено, дел од Хрватското Приморје и Далмација по паѓањето на Наполеон не биле присоединети кон Хрватска, туку директно потпаднале под управа на Виена. Во тие краишта се чувствувало силно влијание на Виенскиот двор, кој настојувал да го германизира хрватското население. Германизацијата била спроведувана преку училиштата (основните и средните училишта биле германски). Така и школувањето на Мажураниќ било туѓинско. По завршување на основното училиште во родното место, отишол да учи гимназија во Риека, во која ги совладал латинскиот, италијанскиот и унгарскиот јазик, а самостојно ги учел англискиот, францускиот и словенските јазици. Во тоа време, во Австроунгарија бил ограничен бројот на селаските деца на кои им било дозволено да учат во повисоки училишта и, како сиромашен ученик, Мажураниќ се издржувал од давање приватни часови. По завршувањето на школувањето, една година работел како суплент во гимназијата во Загреб, а потоа се преселил во Карловац, каде работел како т.н. старател на сиромашните и како адвокат.[1][2]

Школувањето го продолжил во Сомботхељ (Суботиште) – Унгарија, каде студирал филозофија. Во 1836 година дошол во Загреб, каде ги довршил студиите по филозофија, а студирал и право. Мажураниќ најдобро ќе биде запаметен поради тројното остварување, на полињата на економија, лингвистика и политика. Ликот на Мажураниќ е поставен на банкнотата од 100 хрватски куни издадени во 1993 и во 2002 година.[3][4][5] Мажураниќ умрел во Загреб во 1890 година.[2]

Политика и економија[уреди | уреди извор]

Со пропаѓањето на феудализмот во Хрватска (1848), кога и луѓето кои немале благородничко потекло добиле политички права, Мажураниќ станал пратеник во хрватскиот сабор. Брзо почнал да напредува во својата политичка кариера и станал државен натсекретар во Загреб, потоа претседател на хрватскиот дворски дикастериј и дворски канцелар во Виена (1861-1867), претседател на хрватскиот сабор и најпосле станал и бан на Хрватска(1873-1880). Тој бил првиот хрватски бан кој по потекло бил селанец. Како бан, во Хрватска го унапредил школството и придонел за подобра организација на административниот апарат.[1][6]

Мажураниќ бил член на Народната партија. Ја постигнал и водел модернизацијата на Хрватска во преминот од феудалниот систем во модерно општество слично на она што се појавило во останатите земји од Средна Европа. Го постигнал и модернизирање на хрватскиот образовен систем, со поставување мрежа од јавни училишта и намалување на бројот на деноминалните училишта, што се смета како важен чекор во намалување на влијанието на српската идеологија во Хрватска. Искуството со Унгарците во времето на Илиризмот го довело до заклучок дека Хрватска треба да одржува поблиски врски со Виена. Притоа, тој се борел против т.н. „Унгарско-хрватска спогодба“ од 1868 година, зашто таа била спроведена по насилните избори и против волјата на повеќето политичари во Хрватска. Подоцна, кога почнала да зема замав унгаризацијата на Хрватска, Мажураниќ се нашол на удар на хрватските радикални политичари, кои му замерувале дека е премногу мек и попустлив кон унгарската власт. Оттука, тој бил принуден да ја напушти функцијата бан и да премине во опозиција.[1]

Мажураниќ бил многу образован човек: имал одлични познавања од книжевноста, бил одличен правник и математичар, зборувал повеќе јазици, а се занимавал и со астрономија и филозофија. Според карактерот, тој бил повлечен човек и мислител и зборувал малку. Иако само во младоста се занимавал со пишување, тој продолжил да се интересира за јазичните и книжевните прашања и во староста.[1]

Книжевна дејност[уреди | уреди извор]

Мажураниќ почнал да пишува стихови уште како ученик во риечката гимназија. Во третиот клас ја напишал песната Винодолски Долче да си здраво (Vinodolski dolče, da si zdravo), во која во десетерци ја изразил својата жал за родното место. Сепак, неговата систематска книжевна дејност започнала дури по 1835 година, кога во Загреб започнало да излегува книжевното списание „Даница“, и набргу станал најзначајниот поет на првата фаза на Илирското движење. Во 1835 година, во „Даница“ ја објавил песната „Приморецот на Даница“ (Primorac Danici), а потоа, во периодот од 1835 до 1848 година, во „Даница“ објавувал песни, афоризми, статии, реферати и преводи, во кои ја покажал својата одушевеност и приврзаност кон Илиризмот.[1][7]

Со книжевната дејност Мажураниќ се занимавал дванаесетина години, од 1835 – 1847 година. Тоа е времето кога Илирското движење било најактивно и кога во Хрватска се ширеле идеите за национална, политичка и економско-социјална слобода. Покрај песните што ги објавил во Даница, Мажураниќ на покана од Матица хрватска, во 1844 година го дополнил Гундулиќевиот еп „Осман“ со две пеења (14. и 15.) и дал коментар и речник за целиот еп. Кон крајот на 1845 година го напишал своето најзначајно дело, поемата „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, објавена во алманахот „Искра“, во 1846 година. Во 1848 година ја напишал книшката „Хрватите кон Унгарецот“ (Hrvati Madžarom) како одговор на изјавите на некои унгарски политичари во врска со односот на Унгарија кон Хрватска. Исто така, објавил и неколку состави во списанието „Невен“. Во 1851 година учествувал на состанокот на неколку угледни Срби, Хрвати и Словенци, одржан во Виена, на којшто требало да се постигне единство на јазикот и книжевноста. Од 1858 до 1872 бил претседател на „Матица Илирска“. Со новонастанатите прилики во Хрватска, по падот на феудализмот во 1848 година и по замирањето на Илирското движење, Мажураниќ се оддал на општествено-политичка активност и ја запоставил книжевната дејност.[1]

Стилот и јазикот на Мажураниќ[уреди | уреди извор]

Мажураниќ започнал да пишува песни во времето кога во Хрватска нема стандарден јазик ни општоприфатен правопис. По раѓање бил чакавец, живеел во кајкавска средина, а претставниците на Илирското движење се залагале за штокавскиот говор. Дома растел под влијание на народните песни и на поетот Андрија Качиќ Миошиќ, во училиштето се воодушевувал од класичните писатели, а потоа бил под влијание на италијанските и германските романтичари, на Бајрон и на Пушкин. Оттука, многу долго, во период од речиси десет години, во неговото пишување се забележувало големо колебање. Во однос на содржината, во своите песни Мажураниќ ги изнесувал идеите на илиризмот: потребата за културен развој, стремежот за слога меѓу Словените (Vjekovi Ilirije), славното историско минато (Pređem slavjanskim) итн. Во песните што не смеел да ги објави за време на животот (Javor, Javor i tamjanika) ги изразил и чувствата на поробените класи, кои според своите квалитети ги надминуваат надредените класи.[1]

Иако сите песни на Мажураниќ прават идејна целина, сепак меѓу нив се забележуваат големи разлики во изразот. Така, неговите први песни (на пример, Primorac Danici) се тешко разбирливи, зашто потполно се подредени кон старокласичната метрика, а подоцна почнал да применува десетерец, во стилот на народните песни (на пример, во Nenadović Rado). Исто така, по угледот на дубровничката лирика, напишал неколку песни во тој стил (на пример, Pero), а некои сонети ги напишал во стилот на италијанските поети Фосколо и Монто (на пример, Riječ bratinska). Сепак, од формална гледна точка, иако различни, неговите песни биле толку дотерани, што него го сметале за најкоректниот поет на првата фаза на илиризмот. На пример, неговите пеења во епот „Осман“ ја покажуваат неговата голема способност да го усвои туѓиот стил во толкава мера, што читателите не можат да ги разликуваат пеењата на Гундулиќ од неговите. Во секој случај, во првиот дел од неговото творештво, Мажураниќ не успеал да развие свој стил и оставил само неколку вредни строфи или песни (како Vjekovi Ilirije). Подоцна, сфаќајќи дека врвот во поетското творештво е едноставноста, по примерот на народната песна, мажураниќ успеал да го пронајде својот поетски јазик, создавајќи го епот „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, еден од највисоките врвови во хрватската книжевност.[1]

Стилот на Мажураниќ во поемата „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“ и неговите други дела е едноставен раскажувачки и збиен. Секој збор е употребен на место и не би можел да се изостави затоа што би се нарушила јасноста на кажувањето. Својот стил Мажураниќ го градел под влијание на народната песна и со употреба на многу стилски фигури: симболи, метафори, контрасти, паралелизми и други. Тие кај него не се цел сами за себеси туку ги користел да му даде поголема збиеност и силина на својот израз. Многу честа стилска фигура во стиховите на Мажураниќ е епитетот со која тој на кажувањето му дава едноставна живост. За да одреди одредена психолошка состојба на личностите Мажураниќ упоребува адекватни изразни средства. Како што расте возбудата и бесот во душата на агата против рајата така во стиховите се редат се посилни изрази. Стилот на пишување му е на народен јазик од штокавско наречје, со примеси од јазикот на дубровничките поети и со некои јазични особини на чакавското наречје.[2]

Смртта на Смаил-ага Ченгиќ[уреди | уреди извор]

Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“ е поема составена од пет епски песни Агување, Ноќен патник, Чета, Арач и Прокоба. Раскажувањето е проткаено со лирски дигресии преку кои Мажураниќ искажал свои мисли и чувства.[8] Предмет на поемата е еден современ историски настан од животот на Црногорците – убиството на Смаил-ага Ченгиќ во 1840 година. Мажураниќ ги прикажал злосторствата и насилствата што ги вршел турскиот поробувач врз рајата и борбата на Црногорците за уништување на тиранијата.Грешка во наводот: На ознаката </ref> ѝ недостасува ознака за затворање <ref>. Мажураниќ отстапил од историската вистина затоа што имал за цел на настанот да му додаде широко значење и во главниот лик не толку да го прикаже вистинскиот Смаил-ага колку во него да претстави тип на тиранин во времето на турското ропство.

Библиографија[уреди | уреди извор]

  • Љубен Андреев, Невена Исакова, Лазо Каровски, Бранко Пендовски, Литература за прва година - 17 издание. Скопје: Просветно дело, 2000.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Antun Barac, „O pjesniku Smrti Smail-age Čengijića“, во: Ivan Mažuranić, Smrt Smail-age Čengijića. Beograd: Rad, 1960, стр. 45-55.
  2. 2,0 2,1 2,2 Љубен Андреев, Невена Исакова, Лазо Каровски, Бранко Пендовски, Литература за прва година - 17 издание. Скопје: Просветно дело, 2000.
  3. „Croatian National Bank, Features of Kuna Banknotes“. Архивирано од изворникот на 2009-05-06. Посетено на 2010-05-05.
  4. Croatian National Bank, 100 kuna Архивирано на 4 јуни 2011 г. (1993)]
  5. Croatian National Bank, 100 kuna (2002) Архивирано на 4 јуни 2011 г..
  6. „www.economicexpert.com“. Архивирано од изворникот на 2013-07-02. Посетено на 2010-05-05.
  7. www.bookrags.com
  8. dzs.ffzg.hr

Надворешни врски[уреди | уреди извор]