Жорже Амадо

Од Википедија — слободната енциклопедија

Жорже Амадо (португалски: Jorge Leal Amado de Faria) (10 август 1912, Итабуна, Бразил - 6 август 2001, Салвадор, Бразил) - бразилски писател.

Животопис[уреди | уреди извор]

Амадо е роден во градот Итабуна, во јужниот дел на сојузната држава Баија. Средното училиште го завршил во градот Салвадор, каде што започнал да работи во разни весници. Во 1933 година се оженил со Матилде Гарсија Роса, а во 1935 година дипломирал право во Рио де Жанеиро. Како милитантен комунист, Амадо бил принуден да емигрира во Аргентина и во Уругвај, каде останал во период од две години. Во 1945 година бил избран за член на Националното уставотворно собрание, како пратеник кој добил најмногу гласови во сојузната држава Сао Паоло. Притоа, тој бил автор на законот за заштита на правото на слободна вероисповед. Во 1955 година се дистанцирал од милитантната политика, по што продолжил да се занимава само со книжевност.[1]

Творештво[уреди | уреди извор]

Амадо се вклучил во книжевниот живот уште за време на средношколските денови, поминати во Салвадор, каде што бил еден од основачите на таканаречената „Академија на бунтовници“, а својот прв роман, „Земјата на карневалот“, го објавил во 1931 година, на осумнаесетгодишна возраст. Во 1933 година го објавил вториот роман, „Какао“, а од 1955 година започнал само со книжевност. Во 1961 година бил избран за член на Бразилската академија на литературата, а на неколку универзитети се стекнал со почесната титула „Doctor Honoris Causa“. Неговите книги се преведени на 49 јазици, објавени во 55 земји, а некои од нив биле адаптирани за филмови, театарски претстави и телевизиски серии.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Антoлогија на бразилскиот расказ, Три, Скопје, 2012, стр. 277.