Жак Превер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Жак Превер
Жак Превер во 1961 г.
Изворно имеJacques Prévert
Роден/а4 февруари 1900(1900-02-04)
Неји на Сена, Франција
Починат/а11 април 1977(1977-04-11) (возр. 77)
Омонвил ла Пети, Франција
Занимањепоет, сценарист
Жанрпоезија
Книжевно движењенадреализам, симболизам
Потпис

Жак Превер (француски: Jacques Prévert; 4 февруари 1900 - 11 април 1977) — истакнат француски поет, претставник на надреализмот и симболизмот. Важи за најпопуларниот стихотворец на сите времиња по Беранже и Иго.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Жак Превер е роден на 4 февруари 1900 година во Неји на Сена, предградие на Париз на самата граница на Болоњската шума, од татко Андре Превер и мајка г. Превер, родена Катис. Семејството има финансиски потешкотии, се селат во Тулон, па пак се враќаат во Париз. Постојаните преселби, промени на училишта, немаштијата и Првата светска војна влијаат на тоа Превер засекогаш да го напушти школувањето и од својата петнаеста година, работи повремено разни физички и канцелариски работи.

Служи војска во Линевил во Лорена, каде го запознава Ив Танги, иден голем сликар на надреализмот, и во Цариград каде го запознава Марсел Дијамер. По враќањето во Париз, тројцата пријатели живеат заедно.

Во 1925 година Превер се венчал со пријателката од детството, Симон Дијен. Во нивната куќа на Монпарнас се собираат Бретон, Деснос, Арагон, Пере, Кено и други надреалисти, а домаќини се Танги, Превер и Дијамер со своите супруги. Тројцата пријатели одлучуваат да се приклучат на надреалистичкото движење (1925 година).

Преверовата соработка со надреалистите траела сѐ до разделбата со Бретон во 1928 година.

Од 1930, заедно со помладиот брат, филмски режисер, Пјер Превер работел на реализацијата на неколку филмови, како глумец асистент и сценарист; подоцна пишувал сценарија и дијалози за Реноар, Карне, Громињон, Кајат, Отан Лару и други режисери и театарски дружини: кратки драми, монолози, хорски рецитали и шансони.

Соработува со композиторот Жозеф Козма и театарската група „Октомври“.

Во 1946 година се родила Мишел, ќерка на Жак и Жанин Превер.

До својата смрт на 11 април 1977 година, објавил повеќе збирки песни и книги. Неговата смрт во голема жал го завила Париз и цела Франција, претворајќи се во национална жалост.

Гробот на Жак Превер

Поезија[уреди | уреди извор]

Анархист, одметник и сонувач, Превер во својата хуманистички ангажирана лирика зборува за животот во различните негови аспекти. Своевиден моралист и критичар на општеството, Превер укажува на сѐ уште можните простори за човекова среќа која малограѓаните, клерикалците, милитаристите и политичарите постојано ја загрозуваат. Наречен е и "поетот на Париз".

Неговата поезија е мошне едноставна и разбирлива, полна е со народна лексика и изрази земени од секојдневниот живот од вистинските, среќни или несреќни, драматични или комични судбини на луѓето. Тој со својот слободен стил се спротивставува на поранешниот донекаде вкочанет и извештачен поетски јазик и стил.

Тематскиот круг на неговата поезија е мошне широк: од љубовната среќа и радост, од животните надежи, до очајот, недовербата, болеста, заморот и смртта. Сепак, центарот на сѐ е љубовта, нејзината магија и моќ, нејзината нежност и жестокост, тграгичните или хумористичните страни како и нејзината вечна привлечност.

Првата Преверова збирка песни „Зборови“ (франц. Paroles) објавена во 1945 година постигнала незапамтен успех: во краток период продадени се 150.000 примероци! Од смртта на Виктор Иго до Превер, Франција немала повистински народен поет, кого подеднакво го сакаат и рафинираните љубители на поезија и луѓето со скромно образование.

Стихозбирки[уреди | уреди извор]

  • „Зборови“ (1945)
  • „Спектакли“ (1951)
  • „Дождот и убавото време“ (1955)
  • „Куп од разни нешта“ (1966)
  • „И други работи“ (1972) и др.

Сценарија за филмови[уреди | уреди извор]

  • „Брег во магла“
  • „Смешна драма“
  • „Денот се раѓа“
  • „Вечерниот посетител“
  • „Децата на рајот“ и др.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Поет на љубовта и на францускиот шарм“ - Паскал Гилевски во предговорот на изданието „За тебе љубов моја“, 1993, Штрк, Скопје

Надворешни врски[уреди | уреди извор]