Едит Пјаф

Од Википедија — слободната енциклопедија
Едит Пјаф
Основни податоци
Родено имеÉdith Giovanna Gassion
Познат(а) и какоLa Môme Piaf
(Малото врапче)
Роден(а)19 декември 1915
Париз, Франција
Починал(а)10 октомври 1963 (возраст: 47)
Plascassier, France
Жанр(ови)кабаре,
Занимање/њапејачка, текстописец, глумица
Инструментиглас
Години на активност1935 – 1963

Едит Пјаф (француски: Édith Piaf) , родена како Едит Џована Гасион на 19 декември 1915 во Париз, почината на 10 октомври 1963 во Грас, била француска пејачка и културна икона која "речиси универзално се гледа како најголемата француска пејачка ѕвезда."[1] Уште на своите почетоци наречена « la Môme Piaf (девојчето Пјаф)», светот ја познава по песните како што се La Vie en rose, Non, je ne regrette rien, Hymne à l'amour, Milord и др. Таа била инспирација на многу композитори, била ментор на многу млади уметници и стекнала меѓународна слава. Нејзиниот глас одѕвонувал низ сите светски арени сè до крајот на кариерата кога се соочила со тешки здравствени проблеми. Едит Пјаф, освен како пејачка се појавила и како артистка реализирајќи неколку улоги театарски и кинематографски улоги. Со необична личност и глас, таа останува една од најславните икони кои се препознатлив знак на нејзината земја. Одлика за неа, освен специфичниот глас и неизмерниот талент, била и самата нејзина појава заедно со малото црно фустанче по што лесно била препознатлива.

Животопис[уреди | уреди извор]

Детство[уреди | уреди извор]

И покрај големиот број биографии, голем дел од животот на Пјаф останува мистерија[2] Таа се родила како Едит Џована Гасион[3] во Белвил, Париз, квартот на многу имигранти. Се смета дека се родила токму на улицата Ри де Белвил 72, но во изводот од матичната книга на родените се наведува болницата Тенон,[4] болница за 20-тиот округк, каде и се наоѓа Белвил. Се родила на 19 декември 1915 во сиромаштија, како ќерка на Луј Алфонс Гасион, циркуски изведувач и на Анета Мајард, пејачка, позната под уметничкото име Лин Марса.

Комеморативен натпис за раѓањето на Едит Пјаф Piaf, на улица Белвил бр. 72 во Париз, 20 ар.

Ја крстиле Едит по британска болничарка од Втората светска војна, Едит Кавел, која им помагала на француските војници заробени од страна на Германците. Пјаф — париски збор за "врапче" — било прекар што таа го добила 20 години подоцна.

Мајка ѝ, премногу сиромашна за да се грижи за неа, уште малечка ја оставила кај баба ѝ која по потекло била од Алжир. Бабата, алкохоличарка, воопшто не се грижела за малата Едит, постојано оставена во лоши хигиенски и здравствени услови. Таа живеела 18 месеи во тој ужасен дом сè додека не се вратил татко ѝ од фронтот и не ја оставил на чување кај нејзината тетка Зефара, сопственичка на јавна куќа во Берне во Нормандија. Едит ја одгледале проститутките во куќата, првпат јадејќи здраво, носејќи убави и чисти фустани и пиејќи здраво нормандско млеко. На 7 или 8 годишна возраст, го изгубила видот добивајќи кератит. Тетката, откако разбрала дека и некое друго девојче заболено од истата болест било излекувано откако се помолиле врз гробот на Тереза Мартин во Лизје, решава со «девојките» да оди да се помоли за здравје на малечката Едит. Фатиле воз, се помолиле врз гробот на Тереза, земале земја која секоја вечер со шамија ја врзувале на очите на Едит. По осум дена, Едит оздравела. Таа сиот свој живот чувствувала посветеност кон светицата Тереза, чиј лик го носела на медаљонот што ѝ стоел околу вратот во тек на целиот живот.[5]

На крајот на војната татко ѝ бил демобилизиран и ја зел со себе, за да го живеат уметничкиот живот на циркуски изведувачи, улични забавувачи, независни и сиромашни. Во 1929 година, на 14 годишна возраст, таа го напуштила таткото и заедно со Симон Берто започнале да просат и да пеат по улиците на Париз, најчесто во квартовите Белви и Пигал. Во 1932 година го запознала Луj Дупон, од чија врска во февруари 1933 година, на 17 годишна возраст, Едит Пјаф ја родила својата вонбрачна ќерка, Марсел. Две години подоцна, детето умрело од менингитис.[5] Следниот љубовник на Пјаф бил еден макро со име Албер, кој земал провизија од нејзиното пеење во замена да не ја принудува на проституција. Една од нејзините пријателки, девојка по име Надја, се самоубила кога се соочила со помислата дека ќе биде проститутка а Албер за малку ќе ја убиел Пјаф, кога таа најавила дека ја прекинува врската како реакција на смртта на Надја.

Пејачка во кабаре[уреди | уреди извор]

Во1935, на улица ја открил Луј Лепле, сопственик на кабарето "Ле Жернис", кое се наоѓало на авенијата на Елисејските полиња. Поттикнат од нејзииот мал раст од само 147 сантиметри, Лепле ѝ го дал уметничкото име «la Môme Piaf» што, значи « девојчето Пјаф». Тогаш, го доживеала својот прв успех. Врската со Лепле траела кратко време, бидејќи тој бил убиен од мафијата во Пигал, која била убедена дека тој им ја украл пејачката.[5]

Ѕвезда на мјузик-хол[уреди | уреди извор]

Постер на Пјаф на Колумбија Рекордс во нејзиниот заштитен знак, црното фустанче

Во 1936 година, Пјаф ја снимила својата прва плоча, издадена за "Полидор", по што започнала нејзината блескава кариера. Нејзиниот невиден талент и глас меѓу другите ги забележал и композиторот Ремон Асо и нејзината идна, верна и голема пријателка Маргарит Моно, композиторка и виртуозна пијанистка, која ќе ја следи во тек на целата нејзина кариера и за неа ќе ги компонира големи француски шлагери како Химна за љубовта. Во март 1937, Едит ја започнува својата кариера во мјузик-хол во ABC Театарот во Париз, каде уште веднаш станува голема ѕвезда на француската шансона, сакана од публиката и слушана на радиобрановите. Во 1938 година, таа учествувала во една театарска пиеса прикажана во "Мулен руж", заедно со Ив Монтан, а по текст на Жак Кокто.[5]

Ѕвезда на триесеттите години, Пјаф триумфира во Бобино, како и во театарот во 1940, во Рамнодушниот убавец, театарска пиеса специјално напишана за неа од страна на Жан Кокто, во која таа повторно доживува успех. Едит Пјаф се појавува и на филмското платно во филмот Монмартр на Сена од Жорж Лакомб.

За време на германската окупација, Едит продолжила да дава концерти, но не потклекнала пред нацистите : изведувала песни со двојно значење, евоцирајќи на Отпорот како да е љубовник, во песната Ти си насекаде (Tu es partout) и ги штитела еврејските уметници од милицијата и од Германците.

Во 1944 година починал татко ѝ, а следната година починала и мајка ѝ. Во 1945, Пјаф без ничија помош ја напишала песната: La Vie en rose, нејзина најпозната песна, која оттогаш-наваму стана класика на шансоната. Настапувала и во Француската Комедија.

Меѓународна кариера[уреди | уреди извор]

Во 1948 година, додека се наоѓала на триумфална турнеја во Њујорк, се запознала со љубовта на својот живот, францускиот боксер, Сиди бел Абес, алијас Марсел Сердан, кој живеел во Мароко и кој станал светски шампион вобокс во средна категорија на 21 септември 1948. Иако тој бил оженет и имал три деца, нивната врска била јавна при што Пјаф не пропуштала ниту едне негов меч, а тој бил редовен посетител на нејзините концерти. Сердан загинал во авионска несреќа на 28 октомври 1949 година, летајќи од Париз за Њујорк.[6] Сиот свој живот Пјаф се обвинувала дека е виновникот за неговата смрт, бидејќи тој имал намера за Њујорк да патува со брод. Нестрплива да се сретнат, му рекла да се качи на првиот авион. Уништена од душевна болка и од полиартритис, Едит Пјаф станала зависна од јаки дози морфиум. Во негов спомен, таа ги испеала познатите шансони: "Химна за љубовта", Hymne à l'amour и "Боже мој" Mon Dieu.

Во 1951, младиот глумец, композитор, изведувач Шарл Азнавур станува нејзиниот «човек за сè»: секретар, шофер и човек од доверба. Тој ѝ ги напишал едни од најголемите нејзини песни како Plus Bleu que Tes Yeux и Jezebel. Во 1952 година, таа се омажила за францускиот пејач Жак Пиле, а на венчавката кума им била Марлен Дитрих. Се развела во 1956 година. Во 1959, Едит паднала на сцената за време на една турнеја во Њујорк. Претрпела бројни хируршки операции и се вратила во Париз во ужасна состојба, без нејзиниот тогашен љубовник Жорж Мустаки, кој ја напуштил во текот на патувањето. Во 1961, Едит Пјаф, дала серија концерти во Олимпија во Париз, едни од најзапаметените и најсентименталните во нејзината кариера. На 46 години, истоштена и болна, се омажила со Тео Сарапо, млад, 26 годишен фризер кој подоцна станал пејач и глумец. Со него, Пјаф ја испеала песната "За што служи љубовта". На почетокот на 1963 година, таа ја снимила својата последна песна: "Човекот од Берлин" L'Homme de Berlin

Смрт и почести[уреди | уреди извор]

Гробот на Едит Пјаф на гробиштата Пер Лашез во Париз.

Пјаф умрела на возраст од 47 години, од рак на црниот дроб во Пласкасие, Француска Ривиера, на 10 октомври 1963 година, а нејзината смрт била објавена утредента, кога нејзиното тело било пренесено во Париз.[7] Пјаф била закопана на гробиштата „Пjер Лашез“, до нејзината ќерка Марсела, а нејзиниот гроб до денес е еден од најпосетуваните. На денот на погребот, половина милион обожаватели ѝ ја оддале последната почит, додека ковчегот се движел низ Париз, од булеварот „Лан“ па сè до „Пjер Лашез“. Според зборовите на Шарл Азнавур, за време на погребната поворка, за првпат по Втората светска војна, сообраќајот во Париз целосно бил стопиран. Истиот ден, по повод нејзината смрт, Жан Кокто изјавил:[8][9]Едит Пјаф ги живееше и ги пееше страданијата на сите луѓе од светот.

И по смртта, споменот на Пјаф останал да живее. така, малата планета 3772 Piaf, откриена од советскиот астроном Људмила Георгиева Карашкина во 1982 година, била наречена според неа.[10] Во Париз постои посебен музеј посветен на неа - „Музеј Едит Пјаф“.[11] Во 2007 година бил снимен биографскиот филм за Пјаф, „Живот во розово“ (La vie en rose), во режија на Оливие Даан, а неа ја глумела Марион Котијар.[12]

Дискографија[уреди | уреди извор]

  • 1935 : Les Mômes de la Cloche, Polydor Уметнички директор : Жак Канети.
  • 1954 : De l'accordéoniste à Milord
  • 1961 : Olympia 1961

Нејзините големи песни[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Huey, Steve. „Édith Piaf: Biography“. Yahoo! Music. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  2. Morris, Wesley (15 June 2007). „A complex portrait of a spellbinding singer“. Boston Globe. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  3. Rainer, Peter (8 June 2007). 'La Vie en Rose': Édith Piaf's encore“. Vancouver Sun. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во: |work= (help)
  4. „Biography: Edith Piaf“. Radio France Internationale Musique. Архивирано од изворникот на 2003-02-27. Посетено на 2009-09-03.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Коле Манев, "Едит Пјаф пееше за страданијата на сите луѓе", Дневник, број 5291, година XVII, среда, 16 октомври 2013, стр. 14.
  6. Marcel Cerdan's tragic disappearance (1949) Архивирано на 23 април 2008 г. - Marcel Cerdan Heritage
  7. Неофицијални извори, на пример, this one, велат дека таа умрела попладнето на 10 октомври, а некои велат и дека умрела во Париз, а не во Пласкасие.
  8. Коле Манев, „Едит Пјаф пееше за страданијата на сите луѓе“, Дневник, број 5291, година XVII, среда, 16 октомври 2013, стр. 14.
  9. Édith Piaf funeral - Video - French tv, 14 октомври 1963, INA
  10. Schmadel, Dictionary of Minor Planet Names,319 стр. издание 2003, Springer Verlag, New York
  11. „Musée Édith Piaf“. Архивирано од изворникот на 2008-05-09. Посетено на 2009-12-30.
  12. „Живот во розово“, Вест, година XVII, 6,7 и 8 јануари 2017, стр. 23.