Гордон Олпорт

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гордон Олпорт
Gordon Allport
Gordon Allport
Роден(а)November 11, 1897
Монтезума, Индијана, САД
Починал(а)9 октомври 1967(1967-10-09) (возр. 69)
Кембриџ, Масачусетс, САД
НационалностСАД
Полињапсихологија
ОбразованиеХарвард

Гордон Вилард Олпорт (англиски: Gordon Willard Allport) ((11 ноември 1897 - 9 октомври 1967)) — американски психолог кој развил теорија на личноста која ја нагласува поединечноста. Олпорт е еден од маркантните теоретичари на личноста во дваесеттиот век. Неговата работа претставува синтеза на поединечните црти на личноста и традиционалната психологија на Вилијам Џејмс кој ги нагласувал психолошките црти кои се заеднички за луѓето. Ги проучувал сложените социјални интеракции и како хуманистички психолог се спротивставувал како на бихевиоралните така и на психоаналитичките теории во психологијата. Всушност, Олпорт верувал во уникатноста на личноста. Како плоден и надарен писател, бил добитник на бројни награди.

Животопис[уреди | уреди извор]

Роден е во Монтезума, Индијана, САД, како најмлад од четворицата синови на семејството Џон Едвардс и Нели Едит Олпорт. Се школувал во Кливленд, Охајо кадешто семејството се преселило кога имал шест години. Татко му бил лекар и имал ординација во семејната куќа при што синовите му помагале во работата. Мајка му, поранешна учителка, била ангажирана околу домот и ги нагласувала религијата и интеектуалниот развој. Во тинејџерските години Олпорт раководел со своја печатница и го уредувал училишниот весник. Високото образование го продолжил на Харвардскиот колеџ и иако со прекини заради воената служба во текот на Првата светска војна, во 1919 година дипломирал социологија и економија. По една година работа како наставник по англиски јазик и социологија во Истанбул, Турција, се вратил на Харвард со можност да студира психологија. Бил под влијание на неговиот брат Флојд Олпорт исто така психолог, и познатиот експериментален психолог Хуго Минстерберг. Магистрирал во 1921 година, а докторирал во 1922 проучувајќи ги цртите на личноста. Две студиски години Олпорт поминал во Берлин и Хамбург, Германија и Кембриџ, Англија. Оттаму се враќа на Харвард каде предава социјална етика од 1924 до 1926 година. Во 1925 се оженил со Ада Гоулд со која има еден син кој подоцна станал педијатар. Четири години работел како професор по психологија на Дармаут колеџот и повторно се враќа на Харвард каде останал до крајот на неговиот работен век. Бил директор на одделот за психологија и помогнал во основањето на Харвардскиот оддел за социјални односи. Во 1939 бил избран за претседател на Американската психолошка асоцијација, а во 1964 ја добил наградата за посебен научен придонес од истата асоцијација. Во 1963 бил одликуван со златен медал од Американската психолошка фондација. Во текот на неговата кариера, Олпорт напишал 12 книги и над двесте труда од областа на психологијата и имал важни позиции во американски и странски психолошки асоцијации. Бил уредник на Journal of Abnormal and Social Psychology од 1937 до 1949 година. Бостонскиот универзитет го наградил со почеснaта титула Litterarum Humanarum Doctor во 1958, а добил почесни докторати и од неколку други универзитети.

Умрел во 1967 година од рак на белите дробови во Кембриџ, Масачусетс.

Општо за теоријата на личност[уреди | уреди извор]

Во своето прво значајно дело Личност: Психолошко толкување, Олпорт прави разлика помеќу цртите кои се заеднички за многу луѓе како на пр, асертивноста и личните диспозиции како црти карактеристични за поединецот. Овие вторите ги класификувал според нивниот степен на влијание врз личноста на поединецот. Олпорт исто така утврдил како поединците ја развиваат себесвесноста низ детството и адолесценцијата. Еден од Олпортовите најважни концепти, функционална автономија, ја опфаќа неговата теорија за мотивацијата. На крајот се обидел да го дефинира и поимот зрела личност. Долги години, гореспоменатата книга Личност: Психолошко толкување останала стандарден учебник за теориите на личноста. Во 1961 година, по повеќе годично проучување и истражување, Олпорт прави голема ревизија на ова негово дело и го издава под ново име Склоп и раст на личноста. Дал придонес и во развојот на методите за проценка на личноста вклучувајќи ја и А-С студијата на реакцијасо неговиот брат Флојд. Олпорт го истакнува квалитативното изучување на секој случај поединечно и ја истакнува свесната мотивација. Сметал дека цртите ја одредуваат личноста на поединецот и го мотивираат односно поттикнуваат на активност. Главна цел на секоја личност е постигнувањето на внатрешна рамнотежа односно единство.

Црти на личноста[уреди | уреди извор]

Олпорт е познат како „цртистички“ психолог. Една од неговите првични идеи била да ги прелистува речниците и да ги бара сите поими за кои тој сметал дека ја опишуваат личноста. Од сето тоа направил листа од околу 3000 збора-црти кои ги организирал во три нивоа на црти.

  1. Кардинална црта - Оваа црта доминира и го обликува човековото поведение. Овие црти се ретки бидејќи малубројни се луѓето кај кои само една црта го оформува нивниот живот и поведение.
  2. Централна црта - Ова е општа одлика која во одреден степен се јавува кај секој човек. Ова се основните градбени елементи кои обликуваат голем дел од нашето поведение иако не се толку доминантни како кардиналните. Како пример за централна црта би била чесноста.
  3. Второстепена црта - Ова се одлики кои се забележуваат само во одредени ситуации и може да ги знае само некој близок пријател (наши преференции или одбивности). И тие мора да бидат опфатени за да се добие целосна слика на човековата комплексност.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Strickland, B. (2001). Gale Encyclopedia of Psychology, 2nd edition, Farmington Hills: Gale group