Владимир Саљников

Од Википедија — слободната енциклопедија
Владимир Саљников
220px}}
Лични информации
Целосно имеВладимир Валерјевич Саљников
Роден на21 мај 1960(1960-05-21)(63 г.)
Роден воЛенинград, СССР
Висина&100000000000001810000001,81 м
Тежина74 kilograms (163 lb)
Спорт
ЗемјаСССР СССР
СпортПливање
ДисциплиниКраул
КлубЗенит Ленинград/СКА Ленинград
Тренер• Глеб Петров (1968-1973)
• Игор Кошкин (1973-1985)
• Марина Саљникова (1985-1988)

Владимир Валерјевич Саљников (роден на 21 мај 1960 г.) — поранешен руски пливач специјализиран за дисциплината краул кој се натпреварувал за Советскиот Сојуз и поставил 12 светски рекорди на трките на 400, 800 и 1,500 метри краул. Тој освоил три златни олимписки медали на игрите во Москва во 1980 година. Наречен „чудовиште во брановите“, тој бил првиот човек кој испливал под петнаесет минути на 1500 метри краул и првиот човек кој испливал под осум минути на 800 метри краул.

Кариера[уреди | уреди извор]

Саљников (лево) на подиумот по победата на трката на 1500 метри на игрите во Москва во 1980.

Саљников е роден во Ленинград, СССР. Саљников бил син на морски капетан. Кога тој имал седум години, неговата мајка го однела на базен и го зачленила во пливачки клуб. Една година подоцна тој започнал да тренира редовно со тренер. Саљников тренирал во спортското друштво Зенит а подоцна во спортското друштво Вооружени сили.[1]

Салников своето олимписко деби го остварил на игрите во 1976 во Монтреал, на 16-годишна возраст. Тој го соборил европскиот рекорд на трката на 1500 метри краул, но завршил на 5. место.[1]

Неговата долга низа на меѓународни победи започнала на Европското првенство 1977, каде го освоил златниот медал во својата омилена дисциплина, 1500 метри краул. На Светското првенство 1978 во Берлин, Саљников ги освоил златните медали на трките на 400 и 1500 метри краул, поставувајќи нов светски рекорд на 400 метри. Една година подоцна, тој поставил нов светски рекорд, овојпат на трката на 800 метри краул, со што станал првиот човек кој ја испливал оваа делница под границата од осум минути.[1]

САД ги бојкотирале игрите во 1980 во Москва, но Саљников покажал дека е далеку подобар од останатите, победувајќи на трката на 1500 метри краул со време од 14:58.27 со што станал првиот човек кој ја испливал оваа делница под границата од петнаесет минути. Покрај овој златен медал, тој освоил уште два, на штафетмата трка на 4×200 краул и на трката на 400 метри краул.[1] На трката на 1500 метри негов предизвик не бил само победа на трката, туку и соборување на светскиот рекорд до време под 15 минути. За време на трката, тој успеал да го исконтролира времето ѕиркајќи го часовникот покрај базенот. Саљников исто така имал план да го собори рекордот на 400 метри, но не успеал, и морал да се задоволи со соборувањето на олимпискиот рекорд. Тој не се подготвувал за штафетната трка на 4×200 метри, но бил ставен на списокот на пливачи од страна на тренерите на советската екипа.[2]

Во раните 1980-ти, Саљников бил апсолутен владетел на подолгите делници во краул: во 1982 година, тој ги одбранил своите светски титули на 400 и 1500 метри, а една година подоцна, на Европското првенство во Рим, тој поставил нов светски рекорд на 1,500 метри со време од 14:54.76: рекорд кој траел до 1991 година, кога бил соборен од германецот Јерг Хофман.[1]

Советскиот Сојуз ги бојкотирал Летните олимписки игри 1984 во Лос Анџелес, Па Сољников немал можност да ги одбрани своите олимписки титули. Тој поставил светски рекорд на трката на 800 метри краул во 1986 година, но оттогаш не се вратил на своето ниво: тој завршил четврти на трката на 1500 метри краул на Светското првенство 1986, и не успеал да се пласира во финалето на истата делница на Европското првенство 1987.[3] Пред Летните олимписки игри 1988 во Сеул, неговите резултати не ги исполнувале нормите поставени за влез во советската олимписка екипа, и тој бил вклучен во екипата само поради интервенцијата на советските власти.[4] Тој не разочарал и победил на трката на 1500 метри, за која изјавил дека тргнал силно но во последните 20-30 метри бил во бесознание. Неговото победничко време изнесувало 15:00.40. Таа вечер кога влегувал во ресторан во Олимпиското село, тој бил награден со стоечки овации од страна на другите спортисти.[1][2]

Тренери[уреди | уреди извор]

Игор Кошкин ги добил заслугите за донесувањето на Саљников на светскиот врв. Подоцна во кариерата, Саљников кратко престојувал во Мишон Вијехо во САД, каде работел со тренерите Марк Шуберт, Брајан Гудел и Тим Шо. Во средината на 1980-тите, Саљников се разделил со Кошкин, кој сметал дека 25-годишен пливач нема перспективa.[2] Од 1984-5, тој бил трениран од неговата сопруга Марина, која била поранешна светска рекордерка на 100 метри во атлетика и спортски психолог.[1]

По пензионирањето[уреди | уреди извор]

По игрите во 1988, Саљников се повлекол од пливањето и до 1990 година работел како главен тренер на советската пливачка екипа. Истовремено, помеѓу 1989 и 1991 година тој бил заменик-претседател на советската пливачка федерација. Во периодот 1991–2001, тој работел во компанијата Олимп и бил претставник на Speedo во Русија. Во периодот 1984–1990, тој бил член на советскиот олимписки комитет а во периодот 1991–2000 бил член на Комисијата на спортисти на ФИНА.[5]

Саљников бил награден со орденот Црвеното знаме на трудот (1980), орденот Ленин (1985),[6] орденот Октомвриска револуција (1988) и орденот на Чест (2010).[7] Во 1993 година тој бил примен во меѓународната пливачка куќа на славни.[1] Тој дипломирал на Институтот за физичко образование во Санкт Петербург и е доктор по педагогија.[4][6]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Рекорди
Претходник
САД Брајан Гудел
Светски рекордер на 1500 метри краул
22 јули 1980 – 13 јануари 1991
Наследник
Германија Јерг Хофман
Награди
Претходник
Канада Алекс Бауман
Светски пливач на годината
1982
Наследник
САД Рик Кари
Претходник
Нема
Европски пливач на годината
1980
Наследник
Унгарија Шандор Владар