Википедија:Подигање на слики

Од Википедија — слободната енциклопедија

За почеток, имајте предвид, повеќето слики кои се наоѓаат на интернет се со авторски права и не се соодветни за Википедија. Ако не сте ја создале сликата или не сте во можност да го проверете статусот на авторското право, не ја подигајте сликата. За совети каде да најдете соодветни слики, може да го прочитате водичот за пронаоѓање на слики. При поставување на слики и други медиуми на Википедија на македонски јазик, потребно е да се следат следниве начела:

  • Името на медиумот мора да биде описно (ако се работи за слика на личност името треба да содржи потполно име и презиме, не само дел). Избегнувајте непримерни и програмски одредени имиња (на пр. IMG_001). Името треба да биде што попрецизно (на пр, Пушка_М16А4, а не Пушка1).
  • На медиумот треба да се додаде т.н. О.Л.И. (опис, лиценца, извор):
  • Опис (краток и јасен опис на медиумот со врска до главната статија во која ќе се користи (ја олеснува повеќекратната употреба))
  • Лиценца (лиценцата под која медиумот е поставен на Википедија
Грубо кажано, постојат три типа на лиценци:
  • дела во Јавна сопственост (авторот ги предал во јавна сопственост - ГЛСД :или нивните права автоматски се истечени)
  • авторски дела кои се под одредени услови за користење (видете праведна употреба подолу)
  • авторски дела кои не можат да се користат на Википедија
Сликите кои припаѓаат на првиот тип (јавна сопственост) ставајте ги во Заедничката ризница, вториот вид на Википедија, а третиот вид не ги ставајте на Википедија (таквите слики се бришат, а корисниците кои ги кршат правилата се блокираат)
  • Извор (јасно напишан извор или името на авторот; ако поставувате медиум од некоe веб-место напишете ја врската на страницата која го содржи, а не на главната страница на веб-местото; ако сте вие автор јасно напишете го тоа)

Праведна употреба[уреди извор]

Сликите од интернет страницата за кои е означено авторско право (©) под сликата или на дното на страницата е забрането да се поставуваат на Заедничката Ризница или на Википедија!

Доколку сликата го олеснува сфаќањето на некој поим и постои добра причина за нејзина употреба на Википедија, таквата слика е дозволено да се постави на Википедија според одредбите на законското начело познато како праведна употреба. Позитивни примери:

  • скениран омот на ДВД (компакт-дискови, книги, плакати) од Вашата домашна колекција во ниска резолуција може да биде поставен на Википедија и конкретната слика смее да биде употребена за статијатам на пр. за конкретниот филм. Со други зборови, снимката на омотот е прифатлива за користење кога се зборува за самиот филм или книга, но не е прифатлива за користење во статијата за на пр. глумецот или ликот кој се воедно појавува во тој филм или книга.
  • екранска снимка („screenshot“) од филм или ТВ серија во ниска резолуција смее да биде поставена на Википедија, и конкретната слика смее да биде употребена во статијата за конкретниот филм/ТВ серија. Со други зборови, снимката на екранот прифатлива за користење кога се зборува за самиот филм или ТВ серија, но не е прифатлива за користење во статијата за на пр. глумецот или ликот кој се воедно појавува во тој филм или ТВ серија.


Кога таквите слики се поставуваат на Википедија треба да се почитуваат горенаведените упатствам сликата мора да има опис од кој ќе се види причината за употребата (т.е. задоволувањето на праведната употреба), лиценца и извор, а за секоја посебна страница на која треба да се постави, треба да се напише посебно образложение за праведната употреба.

Додавање на слики од другите википедии и од Ризницата[уреди извор]

Ако додадете слики од сродните Вики проекти, следете ги следниве препораки:

  • проверете дали сликата е веќе поставена во Заедничката ризница; ако е, нема потреба да се поставува сликата на Википедија, само додадете го името на сликата во статијата.
  • ако поставувате слики од други википедии, поставете ја под истото име како и на википедијата од која сте ја презеле, додадете го и преведениот текст од тамошната странива за опис, заедно со користените предлошки за лиценца; ако авторот на описот не е потпишан на страницата видете ја историјата на уредувањето (анг:history).
  • додајте врска на изворната страница со опис на сликата, а не само од која википедија сте ја зеле.