Бихевиоризам

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џон Б. Вотсон
Б.Ф. Скинер на Катедрата за психологија на Харвард, околу 1950 година

Бихевиоризам — метод во психологијата која се основа на мислењето дека однесувањето може научно да се истражува без да се прибегне кон внатрешните ментални состојби. Тоа е форма на материјализам, негирајќи каква било независна важност на умот. Ја негира научната вредност на самонабљудувањето и како задача на психологијата го смета проучувањето на објективното однесување на живото суштество (посебно на човекот) во одредени ситуации (при одредени надразби или систем од надразби). Тоа однесување на поединецот може да биде видливо, како што се, на пример, движењата на надворешните мускули, или скриено како што се лачењето на жлездите или неприметното движење на внатрешните мускули, но сепак може, со научно-физиолошки методи, објективно да се регистрира.

Една од претпоставките на бихевјористичката школа е дека слободната волја е илузија и дека севкупното однесување, или преку асоцијација или преку поттикнување, го одредуваат повеќе влијанија кои се состојат од генетските фактори и од околината. Целта на бихевиоризмот е, врз основа на законите кои се однесуваат на човековото однесување во точно одредени ситуации, да се овозможи предвидување на главните форми на тоа однесување.

Бихевиористичката школа на мислата функционирала истовремено со психоаналитичкото движење во дваесеттиот век. Нејзините најважни влијанија доаѓаат од работата на Иван Павлов, кој го истражувал класичното условување, Џон Б. Вотсон, кој ги отфрлал интроспективните методи и се обидувал да ја ограничи психологијата на експериментални методи. Б.Ф. Скинер пак, поврзувајќи го со прагматизмот, се обидувал на бихевиоризмот да му даде етичка основа.

Поврзаноста со јазикот[уреди | уреди извор]

Како што Скинер ја стави на страна експерименталната работа за да се концентрира на филозофските поткрепувања на науката на однесувањето, неговото вниманије, се разбира, се сврти кон човековиот јазик. Неговата книга „Вербално однесување“ (1957) ги изложи вокабуларот и теоријата за функционалната анализа на вербалното однесување.

Иако исмејан како „нешто што не може да се докаже“ од страна на Ноам Чомски, Скинеровиот приод кон вербалното однесување е применет со голем успех во неколку области, тука вклучувајќи го и лекувањето на аутизмот.

Во бихевиористичката анализа на човековото однесување не беше толку важно усвојувањето на јазикот колку што беше интеракцијата помеѓу јазикот и однесувањето. Во еден есеј Скинер го даде своето мислење дека луѓето можат да создатат јазични стимуланси (поттици) кои потоа имаат контрола врз нашето однесување исто како и надворешните стимуланси.