Билјана Гарванлиева

Од Википедија — слободната енциклопедија
Билјана Гарванлиева
Родена 1973
Скопје, НР Македонија СР Македонија
Починала 10 септември 2016
Берлин,  Германија
Занимање режисерка, сценаристка и драматург

Билјана Гарванлиева (Скопје, 1973 - Берлин, Германија, 10 септември 2016) — македонска режисерка, сценаристка и драматург со долгогодишно искуство на европската документаристичка сцена. За нејзините документарни филмови има добиено бројни меѓународни награди, меѓу кои и Германската сојузна награда за филм за нејзиниот прв документарен филм „Девојчето што свири на хармоника“ (2006) и наградата за најдобар документарен филм на 16. Филмски фестивал во Сараево за документарниот филм “Шивачките” (2010).

Животопис[уреди | уреди извор]

Билјана Гарванлиева е родена во 1973 година во Скопје, но по потекло е струмичанка. По студиите по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 1999 ја добива стипендијата ДААД на германската влада за студии по театрологија и филмологија на Универзитетот „Фраје“ во Берлин. Од тогаш Билјана Гарванлиева живее и работи како самостојна авторка и режисерка во Берлин. Во 2006 го реализира својот прв документарен филм „Девојчето што свири на хармоника“ за германската државна телевизија „Цдф/3зат“. Филмот е крунисан со бројни награди меѓу кои најзначајна е „Златна Лола“, највисоката национална награда за филм во Германија, која ја доделува германската влада, за најдобар краток германски документарен филм во 2007 година. Во 2009 за истата телевизија го сними „Девојчето што бере тутун“, кој има добиено бројни награди за режија како и повторна номинација за „Златна Лола“. Најзначајна е наградата за медиуми „Јулијане Бартел“ за најдобар германски документарен филм во 2010, кој на ангажиран и неконвенционален начин ја претставува жената во медиумите. За својот документарен филм „Шивачките”, во 2010, Гарванлиева го освои „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм на 16. Филмски Фестивал во Сараево.. По долго боледување починала на 10 септември 2016 година во Берлин, Германија.[1]

Филмографија[уреди | уреди извор]

  • „Девојчето што свири на хармоника“ (2006) - краток документарен филм реализиран за германската државна телевизија „ЦДФ/3зат“
  • „Девојчето што бере тутун“ (2009) - краток документарен филм реализиран за германската државна телевизија „ЦДФ/3зат“
  • „Шивачките” (2010) - краток документарен филм
  • „После дождот (Сведоштва за климатските промени)” (2013) - краток документарен филм

Награди и признанија[уреди | уреди извор]

  • „Златна Лола“ - највисоката национална награда за филм во Германија, која ја доделува германската влада, за најдобар краток германски документарен филм во 2007 година за „Девојчето што свири на хармоника“[2]
  • Наградата за медиуми „Јулијане Бартел“ за најдобар германски документарен филм во 2010
  • „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм на 16. Филмски Фестивал во Сараево за „Шивачките” во 2010

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Почина македонската режисерка Билјана Гарванлиева. Архивирано од изворникот на 2016-09-12. Посетено на 2016-09-10.
  2. Biljana Garvanlieva:. Архивирано од изворникот на 2016-09-15. Посетено на 2016-09-10.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]