Ајзенхитенштат

Координати: 52°08′42″N 14°40′22″E / 52.14500° СГШ; 14.67278° ИГД / 52.14500; 14.67278
Од Википедија — слободната енциклопедија
Ајзенхитенштат
Поглед на Ајзенхитенштат
Поглед на Ајзенхитенштат
Поглед на Ајзенхитенштат
Грб на Ајзенхитенштат
Ајзенхитенштат во рамките на Германија
Ајзенхитенштат
Управа
Земја Германија
Покраина Бранденбург
Округ Одра-Шпре
Градски единици 4
Градоначалник Дагмар Пишел (Die Linke)
Основни податоци
Површина 63,40 км2
Надм. височина 42 м
Население 23.373 (31 декември 2020)[1]
 - Густина 369 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. LOS
Пошт. бр. 15890
Повик. бр. 03364
Портал www.eisenhuettenstadt.de
Местоположба на градот Ајзенхитенштат во рамките на округот Одра-Шпре
Карта
Карта
Координати 52°08′42″N 14°40′22″E / 52.14500° СГШ; 14.67278° ИГД / 52.14500; 14.67278

Ајзенхитенштат (германски: Eisenhüttenstadt, буквално „железарски или металуршки град“) — град во округот Одра-Шпре, во сојузната покраина Бранденбург, Германија, на границата со Полска. Градот бил основан во 1950 (под името Шталинштат (Stalinstadt) покрај новата челичарницата како социјалистички град. Порано бил поврзан со Клопот со мост.

Месното население обично го нарекува градот само Хите или Хитенштат.

Географија[уреди | уреди извор]

Ајзенхитенштат се наоѓа на реката Одра. Каналот Одра-Шпре се влева во Одра во самиот град. Ајзенхитенштат се наоѓа 25 километри јужно од Франкфурт на Одра, 25 километри северно од Губен и 110 километри источно од Берлин.

Историја[уреди | уреди извор]

Фирстенберг[уреди | уреди извор]

Фирстенберг (германски: Fürstenberg) бил основан околу 1250 од маркгрофот Хајнрих Трети. Хајнрих ги добил имотите северно од Шидло од шлескиот војвода Болеслав II и ја припоил територијата кон Лужичката марка. Од 1316 до 1817 градот бил управуван од опатијата Нојцеле, сместена на северната граница на Долна Лужица со соседната територија на Маркгрофовијата Бранденбург.

Откако императорот Карло Четврти ја припоил Долна Лужица во Бохемија во 1367, ја започнал изградбата на градските ѕидини. Според Прашкиот мир во 1635, Фирстенберг станал дел од Изборното кнежевство Саксонија, а по Виенскиот конгрес во 1815 преминал на пруската покраина Бранденбург. Во 1830 населението изнесувало 1.686. Со изградбата на железничката линија од Франкфурт на Одра до Бреслау во 1846 и изградбата на Каналот Одра-Шпре во 1891, започнал развојот на Фирстенберг. Помеѓу 1871 и 1900, населението двојно се зголемило на 5.700 и достигнало 7.054 во 1933. Во 1925 било изградено речно пристаниште.

Во време на нацизмот биле изградени железарски и хемиски фабрики. Работната сила била донесена од блискиот подкамп на Заксенхаузен и подоцна воени заробеници. На 24 април 1945, Фирстенберг бил освоен од Црвената армија. Преостанатите трупи на Вермахтот го разнеле мостот на Одра до Клопиц, кој никогаш не бил повторно изграден. По стапувањето на сила на Потсдамскиот договор од 1945, Фирстенберг станал источногермански пограничен град на линијата Одра-Ниса.

Ајзенхитенштат[уреди | уреди извор]

Прослава во 1953: Валтер Улбрихт со советскиот амбасадор Иван Иличев

Третиот конгрес на партијата за социјалистичко единство на Германија (20–24 јули 1950) одлучил да изгради челичарница, Ајзенхитенкомбинат Ост и станбена област во близина. Изградбата започнала на 8 август 1950. Првата печка била ставена во функција една година подоцна. Станбената област го добила името Сталинштат („Stalinstadt“) во чест на Јосиф Сталин на 7 мај 1953.

Ајзенхитенштат бил рекламиран како „првиот социјалистички град на германска почва“. Како другите нови социјалистички градови, како Нова Хута во Полска, го следел примерот на Магнитогорск во Советскиот Сојуз и бил изграден околу новиот државен комбинат. Во првите години, архитектурата била под силно влијание на сталинизмот и неокласицизмот. Подоцна, како во сите други источногермански градови, се преминало на изградба на станбени блокови. Градскиот план бил изработен од архитектот и проектант Курт Валтер Лојхт.

Како последица на десталинизацијата, името на градот било променето во Ајзенхитенштат на 13 ноември 1961. На истиот ден, соседната населба Фирстенберг, била припоена кон градот. На 1 јануари 1969, Ајзенхитенкомбинат Ост и другите челичарници биле споени во државниот комбинат „Херман Матерн“.

По повторното обединување на Германија, комбинатот бил преименуван во ЕКО Штал АГ и подготвен за приватизација. Поради зголемената конкуренција од западногерманските челичарници и падот на пазарите во Источна Европа, ЕКО Штал АГ морал да отпушта работници и да затвори неколку печки. Во 1995, челичарницата била приватизирана и продадена на белгискиот производител „Кокерил-Самбр“, сега дел од Арчелор Митал.

Театарот Фридрих Волф, отворен во 1955

Архитектура[уреди | уреди извор]

Првите планови за новите станбени квартови биле од модернистичкиот и баухаус архитект, Франц Ерлих, во август 1950. Неговиот модернистички план бил отфрлен од страна на Министерството за обнова. Истото се случило со планот презентиран од архитектите Курт Јунгханс и Ото Гајлер. На крајот бил спроведен планот на Курт Валтер Лојхт.[2]

Економија и инфраструктура[уреди | уреди извор]

Економијата на Ајзенхитенштат е предводена од челичарницата „АрчелорМитал Ајзенхитенштат“ (порано EKO Stahl GmbH), подружница на Арчелор Митал. Стапката на невработеност постојано била во пораст од повторното обединување на Германија, а во 2013 изнесувала 10,2 проценти.[3]

Ајзенхитенштат е поврзан со два сојузни автопата, Б112 и Б246, до Франкфурт на Одра, Губен и Шторков. Градот има железничка станица со врски до Берлин, Франкфурт на Одра и Котбус. Градот е исто така поврзан со Берлин и преку каналот Одра-Шпре.

Збратимени градови[уреди | уреди извор]

Ајзенхитенштат е збратимен со:

Познати луѓе[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Население на Бранденбург по општини и општински заедници] на 31 декември 2020 г.“. Статистичка служба за Берлин и Бранденбург. јуни 2021. (германски)
  2. „BernhFalter.pmd“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-06-30. Посетено на 2013-09-13.
  3. Статија за невработеноста во градот[мртва врска] ((германски))

Надворешни врски[уреди | уреди извор]