Ана Дурловски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Ана Дурловски

Ана Дурловски (родена 1978 во Штип, Македонија) - македонска првенка на операта при Македонска опера и балет. Од 1997 - 2001 студирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Биљана Јовановска Јакимовска.

На сцената на Македонската Опера и Балет како Лучија ди Ламермур дебитираше во 2000 година. Оттогаш, со својот брилијантен тембр кој не може да го засени ниту песната на птиците ги обои творбите на Адела во Лилјакот, Розина во Севилскиот берберин, Кралицата на ноќта во Волшебната флејта, Дона Ана во Дон Џовани и други.

Веќе неколку години, харизматичниот сопран Ана Дурловски го освојува светот. Со своите треперливи и возвишени линии и истенченото чувство за ритам, таа ги слика музичките стилови, сепак најповеќе користејќи го Моцарт како медицина за гласот. Сребреникавиот глас на Дурловски беше забележан уште на нејзиното деби во 2000 г. кога ја толкуваше Лучија ди Ламермур. Оттогаш, фокусираниот транспарентно светол тон на овој сопран, станува одбележје на белканто репертоарот во продукциите на Македонската опера. На оваа сцена, таа ги толкува и Дона Ана во Дон Џовани, Кралицата на ноќта во Волшебната флејта, Адела во Лилјакот, Џилда во Риголето, Розина во Севилски бербер и др.

Физичката убавина, драматичниот оган и лирскиот интензитет кои ги поседува Дурловски ја носат и на сцените во оперските куќи во светот. Во 2001 г. таа започнува да ја украсува својата софистицирана вокална техника во Виена, во Камерното студио на КМС Оливера Милјаковиќ. Извонредната контрола на гласот во сите регистри, интонативно прецизниот тон, чувството за фраза, за напати придушената динамика, а на други места ослободена експресија му обезбедуваат на овој сопран соработка со оперските куќи од Виена, Берлин, Мајнц, Минхен, Загреб, Осиек, Сплит, Сараево, Софија, Букурешт, Белград, Тирана и други.

Резонантниот глас кој ги допира и небесните височини го препозна и фондацијата Музички Театар за Југоисточна Европа и од 2005 г., Дурловски беше стипендист на оваа институција. Во 2006 Ана Дурловски е добитник на наградата "Маријана Радев" за најдобра женско оперско остварување во Хрватска, за улогата Кралицата на ноќта во Волшебната флејта. Оваа пејачка која носи енормен еротизам и пее не помалку од импресивно, во јуни 2006 г. дебитира на сцената на реномираната Виенска Државна Опера со улогата на Кралица на Ноќта во Волшебната Флејта, каде што добива постојан ангажман од сезона 2008/09 г.

Во моментов е член на Оперската куќа во Мајнц. Ана Дурловски е добитникот на највисоко признание во областа на културата, титулата национален уметник за 2015 година.[1][2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://emagazin.mk/vesti/vest/12552?title=ana-durlovski---nacionalen-umetnik-za-2015-godina
  2. „Ана Дурловски – Национална опера и балет“ (англиски). Архивирано од изворникот на 2021-01-28. Посетено на 2021-01-13.