Александар Сергеевич Пушкин

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александар Пушкин
Портрет на Пушкин од Орест Кипренски, 1827
Изворно имеАлександр Сергеевич Пушкин
Роден/а26 мај 1799(1799-05-26)
Москва, Руска империја
Починат/а29 јануари 1837(1837-01-29) (возр. 37)
Санкт Петербург, Руска империја
Јазикруски
Апсолвент наЦарскоселски лицеј
Книжевно движење
Значајни делаЕвгениј Онегин, Капетановата ќерка, Борис Годунов, Руслан и Људмила
Сопруг/аНаталија Пушкина (в. 1831)
Деца
  • Марија
  • Александар
  • Григориј
  • Наталија
Потпис

Александар Сергеевич Пушкин (рус. Александр Сергеевич Пушкин, 6 јуни 179910 февруари 1837) — руски писател кој се смета за најголемиот руски поет, основоположник на рускиот литературен јазик[1] и основач на модерната руска литература.

Животопис[уреди | уреди извор]

Пушкиниот автопортрет на монета од рубља, 1999.

Таткото на Пушкин, Сергеј Љвович, потекнувал од сиромашно благородничко семејство чии корени водат потекло потекнувале од 12 век. Прадедо на неговата мајка бил Абрам Петрович Ханибал (Ибрахим Петрович Ханибал), Етиопјанец од кралски род, кој бил заробен од Турците како осумгодишно дете, додека според друга теорија се претпоставува дека потекнувал од некој султанат во близина на денешната држава Чад.[2] Тој бил купен како роб во Цариград од страна на српскиот дипломат Сава Владиславиќ, кој му го отстапил на рускиот амбасадор во Цариград, а тој му го поклонил на Петар Велики. Царот му станал очув на детето, му го дал презимето Ханибал и го оженил со една руска благородничка. Така, Ханибал станал голем воин, инженер и благородник. Пушкин ја знаел оваа историја која ја опишал во романот „Арапот на Петар Велики“.[3] Исто така, за своето потекло Пушкин пее во песната „Мојот родослов“ (1830) во која вели: „мојата лоза е стара“, „јас сум син на некакви старински болјари“, неговиот предок Рача му служел верно на Александар Невски, другите предци верно му служеле на царот Иван Грозни, неговите предци ја потпишале повелбата со која на власт дошла династијата Романови, царот Петар Велики го обесил неговиот предедо, еден негов предок му бил верен на царот Петар III и поради тоа завршил в затвор, а во песната пее и за дедо му Ханибал.[4]

Пушкин останал рано без родителската грижа и бил воспитуван во кругот на семејството, здобивајќи се со љубов кон книжевноста и учејќи го францускиот јазик од домашните учители. Првата лектира му биле делата на Хомер, Вергилиј и Хорациј, Молиер, Русо, Тасо, Расин, Волтер, Лафонтен, Державин, Озеров, Карамзин и Фонвизин, Књажњин итн., а во неговиот дом често гостувале видните руски писатели, како Карамзин, Дмитриев, Баќушков, Херасков и други.[2] Сепак, најголем впечаток му оставиле приказните што му ги раскажувала дадилката Арина Родионовна.[5] Од 1811 до 1817 година учел во престижниот лицеј во Царско Село, во близина на Санкт Петербург, каде имал среќа да му предаваат и наставници со либерални сфаќања, како Гаљич кој бил противник на класицистичката книжевна теорија, а таму ги објавил и своите први песни.[1][2][5] Подоцна, тој ги опеал среќните денови поминати во лицејот во Царско Село, како во песната „Царскоселската статуа“ (1830)[6] или пак „Пролог“ (1836) во која пее: „... сега одам на поклонение во Царско Село... Царско Село! ... игрите во лицејот, нашите предавања...“[7]

Во јуни 1817 година, Пушкин го завршил школувањето, а потоа стапил во служба во Колегиумот за надворешни работи, но не покажувал интерес кон работата. Во 1819 година, тој станал член на декабристичкиот кружок „Зелената ламба“. Притоа, неговите стихови се читале на јавните места и се ширеле меѓу младината, разгорувајќи ги бунтовните духови. За тоа сведочат зборовите на декабристичкиот водач Рилеев упатени до Пушкин: „Во тебе се свртени очите на Русија, тебе ти веруваат, на тебе се огледуваат. Биди поет и граѓанин.“[8] Поради критиката на режимот на Александар I, тој бил осуден на прогонство во Сибир, но благодарение на заштитата на пријателите (поетот Жуковски и други), казната му била заменета со прогонство во Бесарабија. Така, во мај 1820 година, тој бил преместен во Екатеринослав, во канцеларијата за колонистите во јужните краишта, под управа на генералот Инзов. Подоцна, за време на престојот во Кишинев, тој станал масон и се придружил на „Филики Етерија“ („Друштво на пријатели“), тајна организација чија намера била да ја отфрли отоманската власт над Грција и да востанови независна грчка држава. Пушкин бил инспириран од Грчката револуција и кога завршила војната против Отоманците, тој зачувал дневник со настаните на големото народно востание. Во овој период, заедно со семејството на генералот Рајевски, а со дозвола на Инзов, Пушкин отпатувал на Кавказ, а потоа, преку Гурзуф, Херсон и Одеса се вратил во Кишинев. Таму останал до јули 1823 година, кога се преселил во Одеса, каде повторно се судрил со владата и во 1824 година бил отпуштен од службата и испратен во прогонство на имотот на неговата мајка во селото Михајловско, во северна Русија, каде татко му, Сергеј Љвович го презел надзорот врз постапките и преписката на својот бунтовен син. Тоа довело до тешки кавги така што родителите го оставиле Пушкин сам во селото. Таму, тој ги читал „Историјата на руската држава“ на Карамзин и старите руски летописи, дадилката му раскажувала народни бајки, а тој самиот запишувал народни песни и пословици.[9]

Во Михајловско Пушкин останал до 1826 година. Во тоа време, некои од учесниците во Декабристичкото востание (1825) во Санкт Петербург зачувале некои од неговите рани политички поеми и наскоро, по царската наредба, Пушкин бил пренесен во Москва, „во својата кочија, слободно, под надзор на полицајците, но не во својство на уапсен“. Новиот цар Николај I го примил и му соопштил дека во иднина царскиот двор ќе ги цензурира неговите дела. Подложен на тортура, Пушкин помислувал да емигрира, но неговите намери не успеале. Во април 1829 година ја побарал за жена седумнаесетгодишната убавица Наталија Н. Гончарова, но не добил никаков одговор. Разочаран, тој се пријавил како доброволец во руско-турската војна и по вторпат заминал на Кавказ каде во битките ја барал смртта како решение за тешката депресија во која западнал. Тој заминал во Владикавказ, ги преминал военогрузискиот пат, Тифлис и Карс, а патем ја сретнал колата со мртвото тело на Грибоедов. Потоа, во својство на „полувојник-полупатник“, ја придружувал колоната од казненици-декабристи на патот до Ерзерум. Во една од борбите за малку ќе погинел, но по освојувањето на Ерзерум се вратил во Москва и повторно ја побарал Наталија за жена, овој пат успешно. По тој повод, од татко му добил на поклон 200 луѓе на имотот Болдино во нижегородската губернија. Поради работата околу пренесувањето на имотот и поради карантинот воведен по избувнувањето на колерата, Пушкин останал во Болдино во текот на есента, 1830 година. Во 1831 година се оженил со Наталија Гончарова и се преселил во Петроград, каде повторно добил работа во Колегиумот за надворешни работи.[10][11][12]

Куќата на Пушкин во Москва.

Во 1831 година, за време на зенитот на неговата слава, Пушкин го сретнал Николај Гогољ и двајцата станале добри пријатели и се поддржувале меѓусебно. Во септември 1833 година добил отсуство и отпатувал во Казањ, Симбирск, Оренбург и Уралск, а на враќање кон дома поминал во Болдино. Во 1834 година, царот му ја доделил најниската дворска титула, камер-јункер која не одговарала на неговата положба и возраст. Во Петроград, односите меѓу Пушкин и царскиот двор станале уште позатегнати: полицијата му ги читала писмата, а царот често ја канел убавицата Наталија на дворот. Во 1836 година, Пушкин почнал да го издава списанието „Современик“. Како последица на сплетките на царскиот двор и анонимните писма во кои се пишувало за наводната љубовна врска на неговата сопруга Наталија со гардискиот офицер Жорж Дантес, доселеник од Франција, Пушкин го предизвикал наводниот љубовник на неговата жена. Двобојот се одржал во околината на Петроград, на 27 јануари 1837 година, под тешки услови (растојание од 10 чекори и продолжување на двобојот во случај на почетни промашувања на учесниците). Во двобојот бил повреден и Дантес, но Пушкин бил тешко ранет и умрел во својот дом, два дена подоцна. Владата се плашела од политичка демонстрација на неговиот погреб и затоа тој се одвивал само во присуство на неговите најблиски роднини и пријатели. Неговото тело било кремирано тајно на полноќ и било закопано на имотот на неговата мајка. На веста за смртта на Пушкин реагирал Лермонтов со својата прославена песна во која ја осудува смртта на поетот.[13][13][14]

Творештво[уреди | уреди извор]

Пушкин почнал да пишува песни уште во раното детство, а нив почнал да ги објавува кон крајот на 1811 година во ракописните весници и списанија во Царско Село. Во 1814 година, на петнаесетгодишна возраст, Пушкин ја објавил својата прва поема („На другарот стихотворец“) а следната година, по препорака на професорот Гаљич, ја напишал песната-химна „Спомени од царското село“, која го претставува неговиот прв поголем литературен успех. Во јануари 1815 година, тој ја прочитал таа песна на главниот испит во лицејот, на кој присуствувал и Державин, кој бил воодушевен од поетскиот талент на Пушкин. Неговиот талент ги привлекол и тогашните руски водечки поети, Батјушков и Жуковски, како и Карамазин, кои доаѓале во лицејот за лично да се запознаат со талентираниот поет.[15] Кон крајот на 1816 година бил избран за член на напредното книжевно друштво „Арзамас“.[2] Во март 1820 година, Пушкин ја завршил својата прва подолга поема, „Руслан и Људмила“ (започната уште за време на неговиот престој во лицејот), која предизвикала многу контроверзии во однос на темата и стилот. Во неа се чувствува влијанието на Ариосто, Тасо, Волтер, Жуковски и усното народно творештво и со својот карактер на „романтична поема“ го означува напуштањето на класицизмот. Во јули 1823 година, по враќањето во Одеса по патувањето во Кавказ и во Крим, Пушкин ги напишал своите „бајроновски поеми“ кои му донеле поширока слава — „Заробеникот од Кавказ“, „Фонтаната на Бахчисарај“, „Браќата разбојници“ и „Цигани“ во кои започнува полемика со идеалот на Русо за враќањето кон природата.[16] Додека бил на имотот на мајка си (1824-1826), Пушкин ја напишал својата најпозната драма „Борис Годунов“, но добил дозвола да ја издаде дури пет години подоцна.[10]

Подоцнежните песни, инспирирани од кавкаско-кримскиот пејзаж, се разликуваат од песните пишувани во лицејот. Дојден на Кавказ и Крим од зачадените и парфимирани салони наПетроград, Пушкин почувствувал дека природата ги ослободува неговите поетски сили. За време на престојот во Кавказ, тој се заразил со поезијата на Бајрон, која извршила силно влијание врз него. Поемата „Цигани“ ја довршил во октомври 1824 година, во Михајловско. За време на престојот во Кишинев, во мај 1823 година, Пушкин ја започнал работата на романот во стихови „Евгениј Онегин“, дело проникнато со скепса и песимизам на главниот лик. Романот продолжил да го пишува за време на прогонството во селото Михајловско, а создал уште неколку дела. Исто така, во тој период Пушкин ја проучувал историјата на Русија, што резултирало во делото „Борис Годунов“,[17] а истовремено ги напишал и најважните поглавја на „Евгениј Онегин“. Во периодот 1827-1830, Пушкин пишувал песни кои се однесувале на прогонетите декабристи, а во поемата „Полтава“ го слика ликот на владетелот-просветител. Тој не добил дозвола за објавување на „Борис Годунов“, а поради атеистичката поема „Гаврилијада“ бил испрашуван од полицијата. По враќањето во Москва од Руско-турската војна, со себе ги донел плановите за поемата „Тазит“, за повеќе песни и за патописната проза која се појавила под насловот „Патувањето во Ерзерум 1829. година“. Есента 1830 година, за време на престојот во Болдино, ги напишал последните две глави на „Евгениј Онегин“, како и збирката раскази „Повеста на Белкин“, „Малите трагедии“, „Историјата на селото Горјухино“, поемата „Куќарка во Коломна“, „Сказната за попот и неговиот работник Балди“ и повеќе лирски песни и есеи. Тоа е најплодниот период во неговото творештво, познатата „болдинска есен“. Во 1833 година, повторно навратил во Болдино и ги напишал „Сказната за рибарот и рипката“ (која во ракописот ја нарекол „српска песна“), „Сказната за мртвата принцеза“, поемата „Бронзениот коњаник“и големиот прозен текст „Историјата на Пугачов“. Истата година го завршил расказот „Дубровски“, следната година ги напишал „Песните на западните Словени“ (збирка на преводи и имитации на српско-хрватските народни песни), а во 1836 година го напишал романот „Капетановата ќерка“.[18]

Михајловско било пресудно за творечките интересирања на Пушкин, првенствено интересот за фолклорот и историјата. Со нескриено љубопитство, Пушкин ги проучувал пазарите, имотите и црквите, ги бележел гатанките, поговорките, бајките, а многу од нив ги запишал од кажувањата на неговата дадилка, Арина Радионовна. Во едно писмо до својот брат, тој напишал:[19] Навечер слушам бајки - и со тоа го надополнувам недостатокот од моето проклето образование. Каква убавина се тие бајки! Секоја од нив е поема! Привлечен од фолклорот, Пушкин напишал неколку статии за рускиот јазик и за руската литература, уривајќи ги последните тврдини на класицизмот и на салонскиот литературен стил. Слично на Данте и на Бокачо, и тој го извлекол на сцената живиот народен јазик и го формулирал концептот на народноста во литературата, а народниот јазик го кренал на нивото на јазик на руската проза и поезија.[20]

ДраматаБорис Годунов“, напишана по урнекот на Шекспир, означува нова етапа во творештвото на Пушкин, зашто во неа нема ни трага од романтизмот, а во неа, Пушкин го претставил народот како главен лик. Исто така, како посебна книжевна инспирација во неговото творештво се јавува „малиот човек“ кој се среќава во делото „Мали трагедии“, во поемата „Бронзениот коњаник“ и во „Белкиновите раскази“.[20]

Пушкин пишувал и проза. Така, во 1827 година, тој почнал да работи на недовршениот роман „Арапот на Петар Велики“, а во октомври 1831 година го објавил своето прво прозно дело, „Белкиновите раскази“, додека во 1834 година се појавил расказот „Дама пик“.[21] Неговото најпознато прозно дело е „Капетановата ќерка“ (1836) кое Белински го нарекол еден вид „Евгениј Онегин“ во проза. Благодарение на овие дела, Пушкин се смета за основач на рускиот реализам , иако Белински посочува дека во неговите прозни дела се наоѓаат и елементи на романтизмот, па дури и на мелодрамата.[22]

Сказните на Пушкин[уреди | уреди извор]

Сказните на Пушкин не се најглавен, но не се ни спореден дел од неговото творештво. И во сказните тој ги поларизира односите, ги контрастира човечките психологии и карактери, и на свој поединечен начин ги покажува вечните опозиции: добро-зло, убаво-грдо. Пушкин мајсторски раскажува во стих, и тоа е една особеност која се појавува во целото негово творештво, а не само во сказните. Мотивски тој се потпира врз руското фолклорно творештво, врз легендите и преданијата, но и врз сопствената имагинација и сопственото чувствување на јазикот. Во својата „Сказна за рибарот и рипката“ на алегориски начин и со потсмев проговора за алчноста на луѓето, за онаа безмерна алчност на бабата, која станала болјарка, дури и царица, посакувајќи и златната волшебна рипка да ѝ биде слугинка, иако токму рипката со својата со својата волшебна моќ ја пресоздава од сиромашна рибарка во царица.

Песните на западните Словени[уреди | уреди извор]

Кон крајот на 1820 година, младиот Пушкин пристигнал во Кишињев каде во куќата на неговиот пријател Павел Петрович Липранди имал прилика да сретне повеќе Срби кои се доселиле таму по пропаста на Првото српско востание. За тоа, Липранди напишал: „Пушкин кај мене често се среќаваше со српските војводи кои беа доселени во Кишињев: Вулиќ, Ненадовиќ, Живковиќ, со двајца браќа Македонци и други, кои ми носеа материјали. Не се сеќавам, но како Пушкин да земаше некои белешки од мене... Од споменатите војводи тој собираше песни и често пред мене ги прашуваше што значат определени зборови, заради преводот...“ Исто така, Пушкин се запознал и со српскиот поет Атанасије Стојковиќ, а некоја млада девојка му пеела српски народни песни и му ги преведувала на српски јазик. На тој начин, во Бесарабија и подоцна во Одеса Пушкин се заинтересирал за српската народна книжевност. Една вечер, во домот на Липранди, Пушкин ја прочитал песната „Ќерката на Караѓорѓе“ која во тоа време живеела во Хотин, во близината на Кишињев. Многу подоцна, кога српските народни песни биле познати ширум Европа, во 1834 година, Пушкин ја напишал збирката „Песни на западните Словени“. Најголем дел од песните се превод од француски јазик, од збирката „Гусли“ (La Guzla) која анонимно ја објавил Проспер Мериме. Мериме тврдел дека тие се „илирски“ песни собрани во Далмација, Хрватска, Босна и Херцеговина, но всушност нив ги измислил самиот Мериме. Во својата збирка, некои песни Пушкин ги превел од делото на Мериме, некои песни ги составил самиот тој (на пример, „Песната за Црниот Ѓорѓе“ и „Војводата Милош“, испеани во несиметричен десетерец), додека други се препеви од српските народни песни, земени од збирката на Вук Караџиќ (на пример, „Бог никому должен не му останува“, дел од „Хасанагиница“, „Три најголеми таги“ и „Коњот му се лути на господарот“. Кога во 1833 година, за време на неговиот престој во Болдино, ја напишал познатата сказна во стихови, „Бајка за рибарот и рипката“, Пушкин покрај неа ја ставил забелешката: „14 окт. 1833, Болдино, 18. српска песна“, очигледно планирајќи да ја додаде кон другите 16 песни од збирката „Песните на западните Словени“, заедно со „делот од „Хасанагница“ (која ја сметал за 17. песна).[23]

Осврт кон творештвото на Пушкин[уреди | уреди извор]

Централно место во творештвото на Пушкин има неговата поезија која за кратко време еволуирала од младешкиот анакреонтски ентузијазам во потполна лирска зрелост. Во царскоселскиот лицеј, тој бил под влијание на класиците (Вергилиј, Хорациј, Расин, Корнеј итн.) како и руските класицистички поети (Ломоносов, Карамзин и Державин).[1]

Пушкин бил првиот писател кој го употребувал разговорниот јазик во неговите поеми и претстави, создавајќи притоа посебен стил на раскажување помешано со драма, романтика и сатира. Неговото творештво отсекогаш имало големо влијание врз руските писатели,.[24] а тој се смета за новатор во руската книжевност во однос на јазикот, стилот и содржината. Особено е плодно неговото лирско творештво, составено од над 800 песни, во кое се обработени бројни теми: љубовта, лирските занеси, интимните доживувања, природата, човечките страсти, древното и современото.[13]

Многу од делата на Пушкин, критиката ги смета за ремек-дела, како што се поемата „Бронзениот коњаник“ и драмата „Камениот гостин“, приказна за падот на Дон Жуан. Неговата кратка драма „Моцарт и Салиери“ била инспирација за Амадеус на Питер Шефер. Самиот Пушкин ја претпочитал неговата новела во стихови „Евгениј Онегин“,[25] која ја напишал по елементи на неговиот живот и која, почнувајќи ја традицијата на големите руски новели, има неколку главни ликови, но многу варира во тонот и фокусот. „Онегин“ е дело со таква комплексност што, иако долго само околу стотина страници, на преведувачот Владимир Набоков му требале четири тома материјал за целосно да го разбере неговото значење на англиски.

Романтизмот и реализмот во делото на Пушкин[уреди | уреди извор]

Уште во раната младост дошол до израз исклучителниот талент на Пушкин, а во неговата поезија најмногу привлекува магичната хармонија, емотивната полнота и лирската ведрина. Неговиот тематски регистер го сочинуваат љубовни, слободарски, социјални, хуманистички, пејзажни и заумни мотиви. Во раната фаза од неговото творештво влијанието на Бајрон, кое особено е видливо во песните „Кавкаскиот заробеник“ и „Цигани“, но многу брзо направил премин од романтизам кон реализам при што тој се смета за основоположник на рускиот реализам. Раскинувањето со романтизмот е особено видливо уште во првите скици за романот „Евгениј Онегин“.[26][27] Токму тоа е основната одлика на творештвото на Пушкин - поклопувањето на романтизмот со рационалните, реалистички концепции. Тој, особено во прозата, ја прескокнал романтичарската етапа и го антиципирал реализмот, но без да го спротивстави на романтизмот, туку го надоврзал на рационалистичките примери од својата лектира. Кога овој реалистички начин го применил и во поезијата, на пример, во поемата „Куќарката во Коломна“, остварил исклучително интересен резултат: тој го прикажува животот на малиот човек од предградијата, со што го антиципирал пристапот на Достоевски во неговиот роман „Бедни луѓе“. Покрај специфичниот, т.н. рационален романтизам, Пушкиновото творештво има уште една специфична одлика - некои важни елементи на романтичарската концепција (култот кон народната поезија, вкусот за егзотиката и Ориентот) за него не биле откривање на новите, непознати светови, туку препознавање на блиските, домашни појави на кои укажувале западните романтичари. Овие специфичности треба да се имаат предвид при вклучувањето на творештвото на Пушкин во општоевропските книжевни текови, односно во романтизмот како интернационално движење.[28]

Без сомнение, Пушкин е зачетникот на рускиот реализам. Вклучувањето на реалистичките елементи во делата на Пушкин воопшто не било несвесно. Уште во поемата „Цигани“, која спаѓа во циклусот на неговите „бајроновски“ поеми напишани во времето кога тој „лудувал над Бајроновите книги“, може да се најдат јасни антиромантичарски ставови. Всушност, целата оваа поема претставува одговор на едно од клучните прашања на европскиот преромантизам - на русоовскиот повик за враќање кон природата. Пушкин го испратил својот книжевен јунак Алеко, човек уморен од цивилизацијата и доведен до злосторство, меѓу чергарите кои скитаат низ Бесарабија. Во степата, Алеко води слободен живот и така го остварува русоовскиот експеримент за враќањето кон природата. Меѓутоа, Пушкин сфаќа дека тоа не е доволно за да се оствари среќен и хармоничен живот и во заклучокот на поемата го негира преромантичарскиот идеал, велејќи дека и меѓу децата на природата има малку среќа и дека од кобната страст секаде се страда. Во поемата „Полтава“ Пушкин го обработува ликот на козачкиот атман Мазепа, кој е главен лик и во истоимената поема на Бајрон. Меѓутоа, Пушкиновото дело драстично се разликува во споредба со Бајроновото, зашто „Полтава“ е типична реалистична слика на времето на руско-шведската војна. Слично на тоа, иако „Борис Годунов“ претставува романтичарски акт - враќање кон средновековната историја, сепак обработката на темата е реалистична, а сите ликови имаат посебни ставови и однесување во согласност со средината на која ѝ припаѓаат. На тој начин, ова дело претставува силна реалистична визија на минатото. Најпосле, свесното спротивставување на романтичарските ставови кај Пушкин се гледа и во третманот на формата и содржината. На пример, „Куќарката во Коломна“ е испеана во романтичарската варијанта на октавата, но содржината е претежно реалистична. Ова спротивставување меѓу романтичарската форма и реалистичната содржина најкомплексно е изведено во „Евгениј Онегин“ во кој се здружени националните и интернационалните книжевни концепции, реалистичната опсервација, реалистичниот речник и романтичарската постапка.[29]

Значењето на Пушкин за руската и светската книжевност[уреди | уреди извор]

Уште одамна, Пушкин се смета за камен-темелник на руската книжевност. „Кај нас сè започнува од Пушкин“ се зборовите на Достоевски, изговорени во слава на Пушкин, во 1880 година,[30] а Максим Горки изјавил дека „Пушкин е почетокот на сите почетоци.“[20] Во романот „Браќата Карамазови“, Достоевски вели дека Пушкин се одликувал со „необична длабочина на умот“.[31] Оценувајќи го делото на Пушкин, Гогољ изјавил: „Во него, како во некој лексикон, е складирано сето богатство, моќ и флуидност на нашиот јазик. Тој поубаво од сите, подалеку ги поместил неговите граници и најубаво го покажал неговото пространство. Пушкин е исклучителна појава, единствена појава на рускиот дух; тоа е рускиот човек во неговиот развиток, во каков тој можеби се појавува само за време од двесте години.“[20] За него, големиот руски книжевен критичар, Белински, напишал: „Кај Пушкин не постои ништо отповеќе, ништо не недостасува, сè е по мера. Сè е на свое место, крајот е хармонизиран со почетокот.“[1], дека тој претставува „енциклопедија на рускиот живот“ и дека неговата поезија „ги примила и соединила во себе, како голема река, сите притоки на претходната изворна литература и враќајќи му ги на светот во нова, преобразена форма, го одредила натамошниот сјаен пат на руската литература.“[32]

Всушност, самиот Пушкин ја претскажал својата слава во една песна од 1836 година во која пее: Подигнав споменик што не е со рака створен / Нема да го нагризе на заборавот забот ... Не, на смртта не сум плен; мојот дух со лирата света / Надвор од судбата на сето што умира, ќе ми ја надживее правта / Славен ќе останам додека трае со планетата / дахот барем на еден поет ... За мене низ Русија жив глас ќе пронесат луѓето / Ќе ме спомене секаде кругот на нејзините народи ... Долго ќе му бидам драг и мил на својот род ...[33]

Голем број руски поети, како што се: Брјусов, Кузмин, Ахматова итн., го сметале за свој извор и водич, а неговата смрт Марина Цветаева ја опишала со зборовите: „Со тој истрел сите нас нè ранија во стомакот.“[34] Пушкин не само што претставува великан на руската поезија, туку и на светската поезија од 19 век. Така, по повод еден Пушкинов јубилеј, Проспер Мериме изјавил дека тој бил најголемиот поет на светот во неговото време.[35] Сепак, мал број писатели и критичари имаат негативно мислење за делото на Пушкин. На пример, утилитаристот Писарев изјавил: „Идеите на Пушкин ги сметам за некорисни и затоа за нив зборувам со омаловажување.“ Слично на него, во својот Манифест на футуризмот, Мајаковски го исфрлил Пушкин (заедно со Толстој и Достоевски) од бродот на современоста.[20] Во романот „Доктор Живаго“, Борис Пастернак се осврнува на творештвото на Пушкин, заклучувајќи дека оцената за него многу зависи од изборот на поетската метрика: во песните со долги стихови, амбицијата на младиот Пушкин се состои во желбата да не заостанува зад постарите и затоа тие се преполни со митологизми, накитен стил, измислена расипаност и епикурејство и лажен здрав разум. Но, дури откако по подражавањето на Осијан или Парниј и по „Спомените од Царско Село“, преминал на кратките стихови, се разбудил целиот иден Пушкин. Тогаш, во неговите песни навлегле светлината и воздухот, животната бучава, нештата, суштината и предметите на надворешниот свет завладеале во стиховите потиснувајќи ги неодредениет делови на говорот. Така, познатиот пушкински четиристопен стих станал единица мерка на рускиот живот.[36]

Библиографија[уреди | уреди извор]

Поезија[уреди | уреди извор]

Поеми[уреди | уреди извор]

Драми[уреди | уреди извор]

Проза[уреди | уреди извор]

Сказни[уреди | уреди извор]

Изданија на делата на Пушкин на македонски јазик[уреди | уреди извор]

Делата на Пушкин се повеќепати објавени на македонски јазик:

Пушкин како инспирација во уметноста и популарната култура[уреди | уреди извор]

Пушкин се јавува како тема во бројни дела во уметноста и популарната култура, како:

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 226.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 7.
  3. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 31.
  4. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 224-226.
  5. 5,0 5,1 „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 142.
  6. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 214.
  7. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 305.
  8. „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 141-142.
  9. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 8-9.
  10. 10,0 10,1 Паскал Гилевски, Раде Силјан, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 338-344.
  11. „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 142-144.
  12. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 9-10.
  13. 13,0 13,1 13,2 „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 144.
  14. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 10.
  15. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, Наша книга, 1986 том I, стр. 10.
  16. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 8.
  17. „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 143.
  18. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 9-10.
  19. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, том I. Скопје: Наша книга, 1986, стр. 22.
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 227.
  21. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. IX.
  22. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. X.
  23. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 31-43.
  24. Паскал Гилевски и Раде Силјан, Романтизам. Скопје: Матица Македонска, 2004, стр. 50-52.
  25. Puškin, Evgenij Onegin (prevod i predgovor, Milorad Pavić). Sarajevo: Veselin Masleša, 1980.
  26. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 226-227.
  27. Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. VIII-IX.
  28. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 12-14.
  29. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 14-17.
  30. Пушкин, Одбрани дела во пет тома, том I. Скопје: Наша книга, 1986, стр. 10.
  31. Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 409-410.
  32. „Поговор“, во: А. С. Пушкин, Капетановата ќерка, Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 141.
  33. A. S. Puškin, Lirika. Rad, Beograd, 1979, стр. 299.
  34. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 227-228.
  35. Ефтим Клетников, „Руско поетско злато: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов“, во: Пушкин, Тјутчев, Лермонтов, Руско поетско злато. Скопје, Три, 2016, стр. 225.
  36. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 42-43.
  37. Никола Ј. Вапцаров, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 104-106.
  38. Aleksandar Ilić, „Pogovor - Slavuj slobodno peva“ во: Jaroslav Sajfert, Stub kuge. Beograd: Mali vrt, 2014, стр. 82.
  39. „Mihail Bulgakov 1891 - 1940. Hronologija“, во: Mihail Bulgakov, Pseće srce. Beograd: LOM, 2008, стр. 126.
  40. 40,0 40,1 40,2 Данил Хармс, Случаи. Скопје: Темплум, 2004.
  41. Danil Harms, Sto slučajeva. Beograd: Laguna, 2016, стр. 103.