Џорџ IV

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џорџ IV
Портрет од крунисувањето, 1821
Крал на Обединетото Кралство и Хановер
На престол29 јануари 1820 – 26 June 1830
Крунисување19 јули 1821
ПретходникЏорџ III
НаследникВилијам IV
Принц Регент на Обединетото Кралство
Регентство5 февруари 1811 – 29 јануари 1820
МонархЏорџ III
Роден(а)12 август 1762(1762-08-12)
Дворец Сент Џејмс, Лондон
Починал(а)26 јуни 1830(1830-06-26) (возр. 67)
Виндзор, Беркшир, Обединето Кралство
Почивалиште15 јули 1830
СопружникКаролина од Бранзвик (в. 1795; died 1821)
ДецаПринцезата Шарлот од Велс
Полно име
Џорџ Август Фредерик
ДинастијаХановер
ТаткоЏорџ III
МајкаШарлот од Мекленбург-Стрелиц
ВероисповедПротестантство
ПотписЏорџ IV's signature

Џорџ IV (George Augustus Frederick; 12 август 1762 - 26 јуни 1830) бил крал на Обединетото Кралство на Велика Британија и Ирска и крал на Хановер од 29 јануари 1820 година до неговата смрт десет години подоцна. Џорџ IV бил најстарото дете на кралот Џорџ III и кралицата Шарлот. Тој застанал на чело на земјата многу порано, по влошувањето на менталната болест на неговиот татко, Џорџ III. На 5 февруари 1811 година, Џорџ III бил прогласен за некомпетентен, а оттогаш неговиот најстар син бил прогласен за принц регент и останал на таа позиција до смртта на неговиот татко на 29 јануари 1820 година.

Периодот 1811-1820 година се нарекува ера на регентството. Во ова време тој бил покровител на новите форми на забава, стил и вкус. На Џон Неш му ја нарачал изградбата на Кралскиот павилјон во Брајтон и да ја реконструира Бакингемската палата, а на Џефри Вајатвил му нарачал да го обнови замокот Виндзор. Шармот и културата на Џорџ му ја донеле титулата „првиот џентлмен на Англија“, но неговиот развратен живот и лошите односи со родителите и сопругата, Каролина од Бранзвик, го предизвикал презирот од народот и го засениле престижот на монархијата. Тој не ја повикал Керолин на неговото крунисување и побарал од владата да го воведе непопуларниот Закон за болки и казни во обид да се разведе од неа.

Даночните обврзници биле лути на неговото расипничко трошење за време на Наполеоновите војни. За време на поголемиот дел од регентството и владеењето на Џорџ, Лорд Ливерпул бил премиер на Обединетото Кралство. Владата на Ливерпул преговарала за мировното решение по победата над Французите во Наполеоновите војни. По повлекувањето на Ливерпул, Џорџ IV бил принуден да ја прифати католичката еманципација и покрај своето противење. Неговото единствено легитимно дете, принцезата Шарлот, починала во 1817 година, па него го наследил неговиот помлад брат, кралот Вилијам IV.

Биографија[уреди | уреди извор]

Џорџ (лево) со мајка му кралицата Шарлот и помладиот брат Фредерик. Портрет од Алан Ремзи, 1764 година

Џорџ е роден на 12 август 1762 година во палатата Сент Џејмс, како прво дете на британскиот крал Џорџ III и Шарлот од Мекленбург-Стрелиц. Како најстар син на британски суверен, тој автоматски при раѓањето станал војвода од Корнвол и војвода од Ротези; а на 17 август станал Принц од Велс и Ерл од Честер.[1] На 18 септември истата година, бил крстен од архиепископот Томас Секер.[1] Џорџ бил талентиран студент и брзо научил да зборува француски, германски и италијански, покрај мајчиниот англиски.[2]

Набргу откако наполнил 21 година, принцот станал се заљубил во Марија Фицерберт. Таа била обичен граѓанин, шест години постара од него, двапати останала вдовица и била римокатолик. [1] Но, принцот бил решен да се ожени со неа и покрај Законот за населување од 1701 година, кој забранувал сопружник на католик да го наследи тронот, и Законот за кралски бракови од 1772 година, кој го забранувал неговиот брак без согласност на кралот. [3]

Сепак, тие направиле свадба на 15 декември 1785 година во нејзината куќа во Парк Стрит, Мејфер. Според законите бракот бил неважечки, затоа што кралот не дал согласност (а не била ни побарана).[1] Сепак, Фицерберт сметала дека таа е канонска и вистинска сопруга на принцот, затоа што мислела дека законот на црквата е супериорен во однос на државниот закон. Од политички причини, бракот останал тајна и Фицерберт ветила дека нема да ја открие.[4]

Принцот западнал во долгови поради неговиот расипнички живот. Неговиот татко одбил да му помогне, принудувајќи го да се откаже од Карлтон Хаус и животот во резиденцијата на Фицерберт. Набрзо се дознало за бракот, а Чарлс Џејмс Фокс изјавил дека приказната е клевета. [5] Фицерберт не била задоволна од јавното негирање на бракот и размислувала да ги прекине своите врски со принцот. Парламентот, во меѓувреме, му доделил на принцот 161.000 фунти (денешни 20,916,000 фунти [6]) за да ги отплати своите долгови и 60.000 фунти (7,795,000 фунти денес [6] ) за подобрувања на Карлтон Хаус. [2] [7] [8]

Портрет од Сер Џошуа Рејнолдс, 1785 година

Летото 1788 година, менталното здравје на кралот се влошило, веројатно како резултат на наследна болест порфирија.[9][10]

Брак и љубовници[уреди | уреди извор]

Портрет од Сер Вилијам Бичи, 1798 година

Долговите на Принцот од Велс продолжиле да растат, а татко му одбил да му помогне освен ако не се ожени со својата роднина, принцезата Каролина од Бранзвик .[1] Во 1795 година, принцот се согласил; и тие се венчале на 8 април 1795 година во Кралската капела, во дворецот Сент Џејмс. Бракот бил неуспешен; и двајцата не си одговарале еден со друг. По раѓањето на нивното единствено дете, принцезата Шарлот, во 1796 година, тие се разделиле. Принцот останал приврзан за Марија Фицерберт до крајот на својот живот, и покрај неколкуте периоди на разделување.[11]

Љубовниците на Џорџ му биле: Мери Робинсон, глумица на која ѝ платил да ја напушти сцената;[12] Грејс Елиот, разведена сопруга на лекар;[13] [14] и Френсис Вилиер, грофица од Џерси.[11] Подоцна љубовници му биле и Маркизата од Хертфорд и Маркизата Конингам.[15]

Кружеле гласини дека Џорџ имал неколку вонбрачни деца. Џејмс Орд (роден 1786) — кој се преселил во САД и станал језуитски свештеник — наводно бил син од Фицерберт. [4] Џорџ на еден пријател му рекол дека има син кој бил поморски офицер во Западна Индија, чиј идентитет е привремено утврден како капетан Хенри А.Ф. Херви (1786–1824), наводно дете на Џорџ со Лејди Ен Линдзи (подоцна Барнард). [4]

Регентство[уреди | уреди извор]

Профил на Сер Томас Лоренс, в. 1814 година
Портрет на Џорџ IV од Лоренс, 1816 година

Кон крајот на 1810 година, по смртта на неговата најмлада ќерка, принцезата Амелија менталното здравје на кралот повторно се влошило. Во 1811 бил донесен Закон за регентство, со кој Парламентот му ги ограничил некои од овластувањата на принцот Регент. Ограничувањата истекле една година по усвојувањето на Законот. [16] Принцот од Велс станал Принц Регент на 5 февруари 1811 година.[17]

Регентот им дозволил на неговите министри да преземат целосна одговорност за владините работи, играјќи многу помала улога од неговиот татко. Се воспоставил принципот дека премиерот е личност поддржана од мнозинството во Долниот дом, без разлика дали кралот лично го фаворизирал или не.[18] Владата, со мала помош од регентот, управувала со британската политика. Еден од најважните политички конфликти со кои се соочувала земјата била католичката еманципација, движењето за ослободување на римокатолиците од различни политички ограничувања. Ториевците, предводени од премиерот Спенсер Персевал, биле против католичката еманципација, додека Вигите ја поддржувале. [3]

На 11 мај 1812 година, Персевал бил убиен од Џон Белингем, па принцот Регент потоа му го понудил раководство со владата на лордот Велсли, а потоа и на лордот Моира. Ниту еден од нив не сакал да коалицира со другата партија и Принцот Регент го назначил лорд Ливерпул за премиер.[1]

Ториевците се обиделе да продолжат со војната во континентална Европа против моќниот и агресивен император на Французите, Наполеон I.[1] Антифранцускиот сојуз, во кој биле вклучени Русија, Прусија, Австрија, Велика Британија и неколку помали земји, го поразил Наполеон во 1814 година. На конгресот во Виена, било одлучено електоратот Хановер, држава која споделувала монарх со Британија од 1714 година, да стане Кралство Хановер. Наполеон се вратил од егзил во 1815 година, но бил поразен во битката кај Ватерло од Војводата од Велингтон, брат на Лорд Велсли.[3]

Во овој период, Џорџ се заинтересирал за прашањата поврзани со стилот и вкусот, а неговите соработници како контето Бо Брумел и архитектот Џон Неш го создале регентскиот стил.[19]

Владеење[уреди | уреди извор]

Крунисувањето на Џорџ IV, 19 јули 1821 година

По смртта на Џорџ III во 1820 година, Принцот Регент, тогаш на возраст од 57 години, дошол на тронот како Џорџ IV, без промена во неговите овластувања.[16] Тогаш, тој бил дебел и веројатно зависен од лауданум.[2]

Џорџ IV бил во лоши односи со својата сопруга Каролина. Тие живееле одвоено од 1796 година, и двајцата имале афери. Во 1814 година, Керолин го напуштила Обединетото Кралство и заминала во континентална Европа, но сакала да се врати за крунисувањето на нејзиниот сопруг и јавно да ги потврди своите права како кралица. Џорџ IV одбил да ја признае Каролина за кралица. По кралска наредба, името на Каролин било испуштено од Книгата за заедничка молитва, литургијата на Англиската црква.[3]

Кралот побарал развод, но неговите советници му укажале дека постапката за развод би можело да ги обелодени деталите во врска со прељубничките врски на кралот. Затоа, тој побарал и бил донесен Законот за болки и казни, според кој Парламентот можел да изрече законски казни без судење. Со овој закон би се поништил неговиот брак и ќе ѝ ја одземе титулата кралица на Каролина. Законот бил крајно непопуларен во јавноста и бил повлечен од Парламентот. Сепак, Џорџ одлучил да ја исклучи својата сопруга од неговото крунисување во Вестминстерската опатија, на 19 јули 1821 година. Керолин се разболела и починала на 7 август; за време на нејзиното боледување таа често изјавувала дека мисли дека е отруена.[16]

Полукруна на Џорџ IV, 1821 година
Портрет на Сер Дејвид Вилки кој го прикажува кралот за време на неговото патување во Шкотска во 1822 година

Крунисувањето на Џорџ бил величествен и скап настан, која чинел околу 243.000 фунти (приближно 22,639,000 фунти во 2022; [6] за споредба, крунисувањето на неговиот татко чинело околу 10.000 фунти). И покрај огромните трошоци, тоа бил популарен настан.[2] Во 1821 година, кралот станал првиот монарх кој отпатувал во државна посета на Ирска по Ричард II од Англија.[7] Следната година го посетил Единбург на „еден и дваесет дена“.[20] Неговата посета на Шкотска, организирана од Сер Волтер Скот, била прва нејзина посета од еден владејачки монарх од средината на 17 век.[3]

Џорџ поголемиот дел од неговото подоцнежно владеење го поминал во изолација во замокот Виндзор,[21] но продолжил со интервенциите во политиката. Откако ја дал заклетвата при крунисувањето, Џорџ почнал да тврди дека се заколнал дека ќе ја поддржува протестантската вера и дека не можел да поддржи никакви прокатолички мерки.[1] Но по пензионирањето на Ливерпул во 1827 година, тој бил заменет со проеманципаторскиот ториевец Џорџ Канинг.

Ставовите на Канинг за католичкото прашање не биле добро прифатени од најконзервативните ториевци, меѓу кои и војводата од Велингтон. На 13 април 1829 била дадена Кралската согласност за Законот за католичка помош. [3]

Влошување на здравјето и смрт[уреди | уреди извор]

Литографија на Џорџ IV, од Џорџ Аткинсон, печатена од К. Хулмандел, 1821 година

Пијанчењето и порочниот начин на живот на Џорџ се одразиле врз неговото здравје кон крајот на 1820-тите. Уште додека бил Принц од Велс, се здебелил и бил предмет на потсмев во ретките прилики кога ќе се појавувел во јавноста;[3] во 1797 година тој тежел 111 кг.[7] Во 1824 година, корсетот за неговата половина бил широк 130 см.[3] Страдал од гихт, артериосклероза, периферна едема и можеби порфирија. Во последните години цели денови минувал во кревет и имал грчеви од отежнато дишење.[2]

Во декември 1828 година, како и неговиот татко, Џорџ бил речиси сосема слеп од катаракта и боледувал од силен гихт во десната рака така што повеќе не можел да потпишува документи.[1]

Во пролетта 1830 година, станало јасно дека на кралот Џорџ му се ближи крајот.

Во мај Џорџ го издиктирал својот тестамент и во неговите последни месеци станал многу побожен, признавајќи му на еден протоѓакон дека се покајал за својот распуштен живот, но се надевал дека ќе му биде покажана милост бидејќи отсекогаш се трудел да го прави најдоброто за своите поданици.[1]

Џорџ починал утрото на 26 јуни 1830 година во замокот Виндзор.[3]

Кралот бил погребан во капелата Свети Џорџ, замокот Виндзор, на 15 јули. [15]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 Smith (1999).
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Hibbert (2008).
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Parissien (2001).
  4. 4,0 4,1 4,2 David (2000).
  5. Innes (1914).
  6. 6,0 6,1 6,2 UK Retail Price Index inflation figures are based on data from Clark, Gregory (2017). „The Annual RPI and Average Earnings for Britain, 1209 to Present (New Series)“. MeasuringWorth. Посетено на November 6, 2017.
  7. 7,0 7,1 7,2 De-la-Noy (1998).
  8. Marilyn, Morris (2004). „Princely Debt, Public Credit, and Commercial Values in Late Georgian Britain“. Journal of British Studies. 43 (3): 339–365. doi:10.1086/383599.
  9. Röhl, J. C. G.; Warren, M.; Hunt, D. (1998). Purple Secret. Bantam Press.
  10. Peters, T. J.; Wilkinson, D. (2010). „King George III and porphyria: a clinical re-examination of the historical evidence“. History of Psychiatry. 21 (81 Pt 1): 3–19. doi:10.1177/0957154X09102616. PMID 21877427.
  11. 11,0 11,1 David, pp. 150–205.
  12. Carroll, Leslie (2008). „George IV and Mary Robinson 1757–1800“. Royal Affairs: A Lusty Romp Through the Extramarital Adventures That Rocked the British Monarchy. ISBN 978-0-451-22398-2.
  13. Major, Joanne; Murden, Sarah (2016), An infamous mistress: the life, loves and family of the celebrated Grace Dalrymple Elliott, Pen & Sword History, ISBN 1473844835
  14. Hibbert (1972).
  15. 15,0 15,1 Hibbert (1973).
  16. 16,0 16,1 16,2 Innes (1915).
  17. „No. 16451“. The London Gazette. 5 February 1811. стр. 227.
  18. Bagehot, Walter (1872) The English constitution, p. 247.
  19. Rutherford, Jessica M. F. (1995). The Royal Pavilion: The Palace of George IV. Brighton Borough Council. стр. 81. ISBN 0-948723-21-1.
  20. Prebble (1988).
  21. „King George IV“. Official website of the British monarchy. Посетено на 18 April 2016.