Џими Картер

Од Википедија — слободната енциклопедија
Џими Картер
39. претседател на САД
Лични податоци
Роден(а) 1 октомври 1924(1924-10-01)(99 г.)
Џорџија, САД
Партија Демократска партија (САД)
Потпис

Џими Картер (англиски: James Earl Carter Jr.), (1 октомври 1924) — американски политичар и филантроп кој бил 39-ти претседател на САД од 1977 до 1981 година. Демократ, кој претходно бил сенатор на државата Џорџија од 1963 до 1967 година и 76-ти гувернер на Џорџија од 1971 до 1975 година. По неговото претседателствување, Картер останал активен во приватниот сектор; во 2002 година, му била доделена Нобеловата награда за мир за неговата работа во коосноваштво на центарот Картер.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Пораснал во ''Plains'', државата Џорџија, дипломирал на Поморската академија во 1946 година и се приклучил на Американската морнарица. По смртта на неговиот татко во 1953 година, Картер ја напуштил работата и се вратил дома за да го преземе семејниот бизнис за одгледување на кикирики. Тој наследил многу малку од неговиот татко поради исплаќање на оставените долгови и поделбата на имотот помеѓу наследниците. Сепак, неговиот сон за да го прошири и подобри бизнисот станал реалност. Во овој период, Картер бил мотивиран да се спротивстави на политичката клима на расната сегрегација и да го поддржи растечкото движење за граѓански права по што станал активист во Демократската партија. Од 1963 до 1967 година, Картер служел во Државниот сенат на Џорџија, а во 1970 година бил избран за гувернер на истата, поразувајќи го поранешниот гувернер Карл Сандерс во неговата партија со платформата против сегрегација. Картер останал гувернер до 1975 година.

И покрај тоа што бил малку познат надвор од Џорџија на почетокот од кампањата, Картер успеал да ја добие номинацијата за претседателската кандидатура во 1976 година. На претседателските избори, Картер иако бил аутсајдер, успеал тесно да го порази републиканскиот кандидат и претседател Џералд Форд.[2]

Претседателскиот центар на Џ.Картер

Неговото претседателствување значително се разликувало од неговите претходници, особено во надворешната политика на САД, нагласувајќи ги човековите права како најважен стандард за меѓународните односи. Од една страна, тој го продолжил процесот на јадрено разоружување, но неговата цел била да ја ослабне дипломатската позиција на Советскиот Сојуз, посебно во стратешки важниот Близок Исток.

Картер бил иницијатор на мировните преговори помеѓу Египет и Израел кои резултирале со договор.[3] Иранската револуција и исламскиот режим ќе се спротивстават на американската влада и затоа во 1979 година, цената на нафтата енормно ќе се зголеми, па така тоа негативно ќе влијае врз кревката американска економија како и врз популарноста и угледот на претседателот Картер. Неговите напори да ја победи високата инфлација не биле успешни и како резултат на тоа, ќе се зголеми невработеноста и американската економија ќе стагнира, економистите ќе го наречат овој економски феномен - стагфлација.[4] Ваквиот разочарувачки тренд ќе подигне многу граѓани да се спротивстават на неговите политики, а во 1980 година ќе се појават и разни екстремно десничарски движења кои ќе создадат нови проблеми на Картеровата администрација. Ситуацијата ќе стане уште посложена кога во есента 1979 година од хуманитарни причини тој ќе дозволи прогонетиот ирански шах да дојде на лекување во САД. Иранските револуционери на тоа ќе реагираат со окупација на амбасадата и дипломатите на САД во Техеран. Со таквиот потег, Картер ќе го охрабри Советскиот Сојуз да изврши инвазија на Авганистан.[5]

Тито и Картер (1978)

Во знак на протест тој ќе најави бојкот на Олимпијадата во Москва.[6] Во овој период, ЦИА и другите служби ќе ги интензивираат активностите за поддршка на антисоветските движења на Солидарност во Полска. По завршување на првиот мандат, Картер нема да успее да го порази противкандидатот на републиканците Роналд Реган кој целосно ја придобил средната класа по најавата дека значително ќе ги намали даноците и ќе го постигне „мирот преку силата“ со неговата изборна кампања „Make America Great Again“.[7]

Картеровиот углед на миротворец и дипломат ќе ја засени неговата не баш умешна политика како американски претседател. Тој ќе продолжи да се залага за светски мир и соработка помеѓу народите. Во 1994 година, тој ќе ги убеди Севернокорејците да се откажат од создавање на јадрено оружје. Во 2002 година, Картер повторно ќе биде во фокусот на јавноста поради неговата посета на тогашниот претседател Кастро во Куба.[8] Во тој период, тој ќе биде голем критичар на претседателот Буш и премиерот Блер поради нивните полтики кон Ирак. Картер е исто така познат и по тоа што тој често ја критикувал внатрешната политика на САД. На пример, тој во повеќе прилики го критикувал претседателот Клинтон поради скандалите поврзани со корупција во неговата администрација.[9]

Во 2019 година, Картер го надминал Џорџ Х. В. Буш како најдолговечен американски претседател во историјата на САД.[10] Тој се смета за клучна фигура во добротворната организација „Хабитат за човештвото“, која е присутна и во Македонија.[11] Напишал над 30 книги кои се движат од мемоари до поезија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Jacobson, Frances M. (2015-10-23). A Companion to Gerald R. Ford and Jimmy Carter. Hoboken, NJ: John Wiley & Sons, Inc. стр. 532–547. ISBN 9781118907634.
  2. „1976 United States presidential election“. Wikipedia (англиски). 2019-06-05.
  3. Andrew Glass. „Egypt, Israel conclude peace treaty, March 26, 1979“. POLITICO (англиски). Посетено на 2019-06-07.
  4. State, U. S. Department of. „An Overview of Economic Stagflation in the 1970s“. ThoughtCo (англиски). Посетено на 2019-06-07.
  5. Editors, History com. „Iran Hostage Crisis“. HISTORY (англиски). Посетено на 2019-06-07.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  6. Andrew Glass. „President Carter orders an Olympic boycott, March 21, 1980“. POLITICO (англиски). Посетено на 2019-06-07.
  7. „Make America Great Again“. Wikipedia (англиски). 2019-06-04.
  8. „President Carter's Cuba Trip Report“. www.cartercenter.org. Посетено на 2019-06-07.
  9. „Post-presidency of Jimmy Carter“. Wikipedia (англиски). 2019-05-20.
  10. „Џими Картер стана „најдолговечен претседател на САД": Го надживеа и Буш Сениор“. Сител Телевизија. Посетено на 2019-06-07.
  11. „Habitat for Humanity“. www.habitat.org. Посетено на 2019-06-07.