Људмила Улицка

Од Википедија — слободната енциклопедија

Људмила Улицкаја (руски: Людмила Улицкая; 1943, Москва) — руска писателка.

Људмила Улицка (2008)

Животопис[уреди | уреди извор]

Улицкаја е родена во Москва, каде дипломирала биологија на МГУ, во 1968 година. Одредено време работела во генетичка лабораторија за генетски истражувања, но потоа останала без работа, кога полицијата во нејзиниот дом пронашла машина за пишување на која таа препишувала некој забранет роман.[1][2]

Творештво[уреди | уреди извор]

Улицка на 6. Меѓународен фестивал на книгата во Москва, 2011 г.

На почетокот од својата книжевна кариера, Улицкаја пишувала драми и сценарија за театар, радио и телевизија. Многу доцна, дури во 1990-тите, започнала да пишува раскази и тогаш започнала нејзината блескава кариера. Првиот упех во Русија го постигнала со кусиот роман Соњечка од 1993 година. Потоа, Улицка се стекнала со популарност и на Запад, при што за романот Медеја и нејзините деца ја добила престижната француска награда „Медиси“. Потоа, таа ги добила и наградите „Москва-Пен“, „Џузепе Ачерби“, руската Годишна награда за роман, Националната руска книжевна награда и наградата „Симон де Бовоар“. За романот Случајот Кукоцки, во 2001 година, Улицкаја ја добила престижната руска награда „Смирноф-Букер“.[3] Нејзиниот роман Соњечка е објавен на македонски јазик во 2007 година, во издание на „Темплум“, а во превод на Ѓорѓи Крстевски.

Нејзини поважни дела се:[2][4]

  • Соњечка (роман, 1993)
  • Сиромашните роднини (раскази, 1994)
  • Големото испраќање (новела, 1998)
  • Случајот Кукоцки (роман, 2001)
  • Цирих (2002)
  • Бедни, злобни, сакани (2002)
  • Медеја и нејзините деца
  • Искрено, вашиот Шурик (роман, 2004)
  • Луѓето на нашиот цар
  • Провидни раскази
  • Даниел Штајн, преведувачот
Улицка, 26.6.2012 г.

Улицкаја се смета за најзначајна современа руска писателка. Според критичарите, таа е извонреден истражувач на човечките судбини, но и суптилен хроничар на историјата на Русија во XX век. Нејзината проза претставува спој меѓу класичната руска литература и современите текови, како и обновување на реализмот во поновата руска книжевност. Улицка е длабок психолог и префинет стилист и во своите раскази успева да ги прикаже најсуптилните нијанси на човечките карактери и односи. Нејзините текстови се научно-прецизни, но истовремено и иронични. Во своите дела, Улицка не поштедува никого - ни Бог, ни љубовта, ни луѓето. На моменти остра како Татјана Толстој и силна како Људмила Петрушевска, Улицкаја ја гради својата проза како звучна катедрала, во која преовладуваат болката и тагата, а понекогаш и малите, секојдневни изблици на човечка среќа. Поради овие квалитети, нејзините раскази често се споредуваат со оние на Чехов.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. "Белешка за авторката и делото", во: Људмила Улицка, Соњечка, Темплум, Скопје, 2007, стр. 99.
  2. 2,0 2,1 Riba, patka, vodozemac: Priče o životinjama (Priredila Ljubica Arsić). Beograd: Laguna, 2014, стр. 78.
  3. „Белешка за авторката и делото“, во: Људмила Улицка, Соњечка, Темплум, Скопје, 2007, стр. 99-100.
  4. „Белешка за авторката и делото“, во: Људмила Улицка, Соњечка.Скопје: Темплум, 2007, стр. 100.
  5. "Белешка за авторката и делото", во: Људмила Улицка, Соњечка. Скопје: Темплум, 2007, стр. 100-101.