Јулијана Ѓоргова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Јулијана Ѓоргова
Родена 5 јануари 1947(1947-01-05)(77 г.)
Куманово, Република Македонија
Националност Македонка
Позната професор и доктор на стоматолошки науки
Занимање професорка и доктор на стоматолошки науки

Јулијана Ѓоргова (р. 5 јануари 1947, во Куманово) — македонска професорка при Стоматолошкиот факултет во Скопје и доктор на стоматолошки науки.

Животопис[уреди | уреди извор]

Проф. д-р Јулијана Ѓоргова е родена на 5 јануари 1947 г. во Куманово, Р Македонија. Средно образование завршила во Училиштето за забари и забни техничари во Скопје, во 1964 г. На Стоматолошкиот факултет во Скопје дипломирала во 1971 г. Во 1976 г. се здобила со звањето специјалист по ортодонција.

Во 1981 г., на Стоматолошкиот факултет во Скопје, го одбранила магистерскиот труд под наслов “Положбата на инцизивите и нивното влијание на дентоскелетални-мекоткивни структури”, и се стекнала со научниот степен магистер на стоматолошки науки од областа ортодонција. Со одбраната на докторската дисертација под наслов “Одлики на краниофацијалните структури кај деца во зависност од типот на лицевата ротација”, на Стоматолошкиот факултет во Скопје во 1990 г., се здобила со научниот степен доктор на стоматолошки науки од истата област.

Првото вработување на проф. Ѓоргова било во 1972 г., на Клиниката за ортодонција во Скопје (Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет). Во 1977 г. била избрана за помлад асистент на Катедрата за ортодонција при Стоматолошкиот факултет во Скопје, а преизбрана во 1978 г. Во 1982 г. била избрана за асистент на истата Катедра, а реизбирана во истото звање била во 1985 и 1989. Во звањето доцент била избрана во 1991 г., а во 1997 г. во звањето вонреден професор.

На стручно усовршување за фиксна ортодонтска техника професор Ѓоргова била во Љубљана, Словенија, во траење од една недела во 1986 г., кај професор Франц Фарчник.

Проф. Ѓоргова, во својата долгогодишна посветеност на ортодонцијата, особено внимание посветува на антропометриските испитувања на главата и на денталните лакови на македонска популација. Таа се занимава и со испитување на растот на краниофацијалните структури.

Публицистичкиот опус на професор Ѓоргова опфаќа над 100 статии објавени во домашни и во странски публикации.

Професор Ѓоргова била советник и раководител на Клиниката за ортодонција, член на Редакцискиот одбор на Македонски стоматолошки преглед (1994-1997). Секретар е на Стоматолошката комора на Македонија од 1995 г. и уредник на Balkan Journal of Stomatology за Р Македонија од 1995. Таа е член на Издавачкиот совет на Македонски стоматолошки преглед од 1997. Од 1997 г. е член и на Советот на Балканското стоматолошко друштво.

За својата севкупна дејност проф. д-р Ѓоргова била наградена со благодарница од Македонското лекарско друштво (1985) и повелба по повод одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Стоматолошкиот факултет во Скопје (1989).[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Проф. д-р Ѓоргова Јулијана – Стоматолошки факултет – Скопје“. Посетено на 2020-10-01.[мртва врска]