Јозеф Рот

Од Википедија — слободната енциклопедија

Јозеф Роф (германски: Joseph Roth, Бродиј, Австроунгарија, 1894 — Париз, Франција, 1939) — австриски писател и публицист.

Животопис[уреди | уреди извор]

Јозеф Рот е роден во малото место Бродиј во Волинија, Источна Галиција, како син на сиромашна Еврејка, додека својот татко никогаш не го видел. Благодарение на финансиската помош на неговите роднини завршил гимназија во Бродиј, а потоа студирал во Лавов и во Виена. Кога избувнала Првата светска војна, Рот бил прогласен за неспособен за воена служба, но во 1916 година се пријавил како доброволец во војската и бил испратен на источниот фронт при што бил заробен од руската војска токму во Галиција. Војната ја поминал во заробеништво во Сибир, а по нејзиното завршување се вратил во Виена, каде работел како новинар. Потоа се преселил во Берлин и во Франкфурт каде се истакнал со своите фељтони и патеписни репортажи објавени во весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Како дел од работата, во овој период тој многу патувал ширум Европа. Во 1933 година, тој се преселил во Австрија, а потоа во Париз, каде живеел во голема сиромаштија при што бил алкохоличар. Рот умрел во една болница за сиромашни во Париз.[1][2]

Во младоста, Рот бил приврзаник на револуционерни, социјалистичко-анархистички идеи, додека подоцна завршил во крајно конзервативни идеи и застапувал некаков хабсбуршки легитимизам, бранејќи ги застарените хабсбуршки идеали.[3]

Творештво[уреди | уреди извор]

Во Виена, Рот се запознал со познатиот есеист и критичар Карл Краус, кој извршил големо влијание врз младите луѓе во Австроунгарија. Истовремено, таму ги создал своите први поетски творби. Во 1920-тите, Рот почнал да објавува поголеми прозни дела: романи, новели и поголеми есеи. Во неговите први романи, „Хотел Савој“ (1924), „Бунт“ (1924) и „Бегство без крај“ (1927) преовладуваат безнадежноста и немирот кои завршуваат со неуспех, разочараност и смрт. Подоцна, во 1930 година ја објавил книгата „Паноптикум“ која ги содржи неговите скици, статии и размислувања од неговите патувања низ големите европски градови. Истата година го објавил романот „Јов“ кој го претставува неговиот прв книжевен успех. Подоцна ги објавил романите: „Маршот на Радецки“ (1932), „Исповедта на убиецот“ (1936) и „Мајмунска гробница“ (1938) кој претставува продолжение на „Маршот на Радецки“.[4]

Некои историчари на книжевноста го сметаат Рот во предвесниците на неореализмот и во лирските расположени неоромантичари. Иако творештвото не Рот тешко може да се класифицира, сепак може да се каже дека тој е продолжувач на традицијата на виенскиот роман, но во неговите дела се препознава и влијанието на руските и на француските реалисти од 19 век, како и на древните еврејски легенди. Во неговиот епски опус преовладува носталгијата по исчезнатата австроунгарска монархија, а во неговите дела преовладува животниот став на луѓето од таа епоха кои знаеле да уживаат во животот. Притоа, сеќавањето на нивната лекомисленост е испреплетена со еврејската трагика и со космополитските чувства. Делото на Рот се наоѓа во средината на гротеската и тагата, меѓу сентименталноста и остроумноста. Благодарение на способноста да им одолее на чувствата, наспроти својот конзервативизам, Рот успеал да даде критичка слика на времето во кое живеел.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Белешка за авторот“, во: Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 201-202.
  2. „Поговор“, во: Јозеф Рот, Јов. Скопје: Темплум, 2019, стр. 234.
  3. „Белешка за авторот“, во: Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 202.
  4. „Белешка за авторот“, во: Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 201-204.
  5. „Белешка за авторот“, во: Јозеф Рот, Исповедта на убиецот. Скопје: Темплум, 2010, стр. 202-203.