Прејди на содржината

Trifolium striatum

Од Википедија — слободната енциклопедија
Trifolium striatum
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Бобовидни
Семејство: Бобови
Род: Детелина
Вид: Trifolium striatum
Научен назив
Trifolium striatum
L.

Trifolium striatum — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј.[1]

Растението е едногодишно и влакнесто, високо од 10 до 30 см. Разгрането е уште од основата, додека стебленцата најчесто остануваат неразгранети. Тие се исправени или приподигнати и се покриени со полураширени, долги влакна. Базалните листови имаат долги дршки, три до четири пати подолги од листната плочка, стеблените листови имаат дршки долги колку листната плочка, а најгорните листови имаат покуси дршки или се речиси приседнати. Лисните дршки се влакнести. Листовите се долго 7–12 мм, обратнојајцевидни до долгнавести, најшироки во горната половина, со тап, заоблен или плитко срцевидно всечен врв. Работ е ситно назабен, а од двете страни се покриени со прилегнати влакна. Основата е постепено клиновидно стеснета. Прилисниците се влакнести, јајцевидни, а нивниот слободен дел завршува со тесен триаглесто-шиловиден врв.

Соцветијата се јајцевидни до долгнавесто-јајцевидни или цилиндрични, долги 10–15 мм, со кратка дршка или речиси приседнати, а често се развиваат и странично во пазувите на листовите. Цветовите се без прицветници.

Чашката е долга 4–5 мм, со десет жили и по површината покриена со прилегнати долги влакна. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг 2,5–3 мм и по прецветувањето се надувува. Запците на чашката се шиловидни, со приближно еднаква должина и речиси исправени. Тие се покуси или долги колку цилиндричниот дел на чашката, а поретко и подолги. Венчето е розово, долго 5–7 мм и обично подолго од чашката, останувајќи на плодот и по прецветувањето. Барјачето е копјесто, крилцата се околу 0,5 мм покуси од него, а лаѓичката е долга колку крилцата. Плодот е речиси округла мешунка.[1]

Варијабилност

[уреди | уреди извор]
  • T. s. subsp. striatum — чашкините запци се долги колку цилиндричниот дел на чашката или покуси.[1]
  • T. s. subsp. tenuiflorum (синоним: T. striatum var. elatum) — чашкините запци се подолги од цилиндричниот дел на чашката.[1]

Распространетост во Македонија

[уреди | уреди извор]

Подвидовите на растението растат по брдски пасишта, покрај грмушести растенија и покрај патишта на надморска височина до 1100 метри.[1]

  1. 1 2 3 4 5 6 7 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1316–1317.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]