Trifolium patulum
| Trifolium patulum | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| клад: | Розиди |
| Ред: | Бобовидни |
| Семејство: | Бобови |
| Род: | Детелина |
| Вид: | Trifolium patulum |
| Научен назив | |
| Trifolium patulum Tausch | |
Trifolium patulum — повеќегодишен вид на детелина опишан од Игнац Фридрих Тауш. Меѓународниот сојуз за заштита на природата го категоризира глобално видот како незагрозен.[1] Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е повеќегодишно тревесто растение со подземен ризом, од кој исправено израснуваат повеќе стебленца. Стебленцата се тенки, зелени, високи до 60 см, повеќе или помалку разгранети, а страничните гранчиња често завршуваат со листови или соцветија. По површината се покриени со густи прилегнати влакна, долги околу 1 мм. Листовите на стеблото се ретки. Базалните листови имаат долги дршки, додека стеблените листови имаат дршки покуси од листната плочка и по целата должина се сраснати со прилисниците. Листовите се линејно-копјести, долги 10–50 мм, од горната страна голи, а од долната страна и по работ покриени со прилегнати влакна. Страничните жилки се благо искривени кон работ на листот, врвот е тап или слабо заострен и завршува со едно шилесто запче. Основата е стеснета, а работ е цел. Прилисниците се долгнавести; кај приземните листови достигнуваат должина до 40 мм и речиси по целата должина се сраснати со лисната дршка, додека нивниот слободен дел е долг 5–10 мм и е линејно-шиловиден.
Соцветијата се долги до 40 мм, јајцевидни или речиси цилиндрични, составени од голем број густо збиени цветови и носени на многу кратка дршка долга 10–15 мм, која е покриена со густи прилегнати влакна. Цветовите се без прицветници.
Чашката е долга 11–13 мм, со десет зелени жили и по површината покриена со речиси прилегнати влакна. Нејзиниот цилиндричен дел е долг околу 4 мм, црвенкаст или зелен, а отворот е прстенесто задебелен. Запците се долги 6–8 мм, шиловидни, со полураширени влакна и благо искривени или странично раширени. Венчето е пурпурно. Барјачето е долго околу 13 мм, благо искривено нагоре и широко околу 3 мм, додека крилцата и лаѓичката се приближно еднакво долги како барјачето. Плодот е мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.[2]
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Trifolium patulum расте покрај дабови и букови шуми, проретчени шуми и шумски сечишта. Растението се среќава на планината Бистра на патот кон селото Селце, помеѓу селата Железнец и Големо Илино во Демир Хисар, помеѓу селата Крушје и Лева Река во Ресен, Влаиница во Гостивар, Баба Сач (Кичевско), Дешат - Крчин, селото Баниште во Дебар, планината Галичица, планината Кожуф кај Смрдлива Вода над селата Серменин и Коњско.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 „{{{title}}}“. IUCN Red List. Version 2012.2. International Union for Conservation of Nature. 2012.
- 1 2 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1333–1334.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Trifolium patulum“ на Викивидовите ?
|