Прејди на содржината

Trifolium leucanthum

Од Википедија — слободната енциклопедија
Trifolium leucanthum
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Бобовидни
Семејство: Бобови
Род: Детелина
Вид: Trifolium leucanthum
Научен назив
Trifolium leucanthum
M.Bieb.
Синоними

Trifolium sachokianum Grossh.

Trifolium leucanthumедногодишен вид на детелина опишан од Фридрих Август Маршал фон Биберштајн. Видот се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму.[1] Во Каталогот на животот не се наведени подвидови.

Растението е едногодишно, високо 10–20 см и разгрането уште од основата, со голем број стебленца. Стебленцата се исправени, слабо разгранети, најчесто црвенкави и покриени со густи раширени влакна. Базалните листови обично имаат дршки двапати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките се речиси еднакво долги со листната плочка, а кај двата најгорни, спротивно поставени листа, се покуси од листната плочка. Лисните дршки се покриени со раширени влакна. Долните листови се обратнојајцевидни, а горните елиптично-долгнавести, со тап или кусо заострен врв и плитко, речиси незабележливо назабен раб. Од двете страни се покриени со полураширени влакна. Прилисниците се влакнести во долната половина, најизразено кај долните листови, ципести со зелени жили, додека кај горните листови се цели зелени или само нивниот слободен копјест дел е зелен.

Соцветијата се јајцевидно-топчести или топчести, со пречник од околу 15 мм и најчесто се развиваат по две на врвот од гранчињата. Дршката на соцветието е долга 5–10 см и по површината е покриена со прилегнати влакна. Цветовите се долги 9–10 мм и се без прицветници.

Чашката е долга околу 8 мм, белузлава или бледозелена. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 3 мм, со десет жили и покриен со густи раширени влакна. Запците се копјесто-триаголни, во основата со три жили, полураширени, долги околу 4 мм и речиси еднакви по должина. Тие се зелени и по површината покриени со полураширени влакна. Отворот на чашката има прстенесто задебелување и прстен од влакна. Венчето е долго околу 8–10 мм, бело или розово. Крилцата се речиси еднакво долги со лаѓичката или малку покуси, а лаѓичката е околу 1,2–1,5 мм покуса од барјачето. Плодот е мала мешунка сместена во чашката и обично содржи едно семе.[2]

Распространетост во Македонија

[уреди | уреди извор]

Trifolium leucanthum расте по брдски пасишта и камењари на надморска височина од 1100 до 1200 метри. Растението се среќава во околината на градот Скопје, Катлановска Бања и Петровец, Таорската Клисура, Башино Село, селата Отовица и Раштани во Велес, кај железничката станица Ванчо Прќе во Штип, Пробиштип, Кратово, помеѓу Делчево и Пехчево, селото Големо Коњари во Прилеп, Отешево во Ресен, Гевгелија и Нов Дојран кај местото Асанли.[2]

  1. Dyntaxa Trifolium leucanthum
  2. 1 2 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1342.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]