Прејди на содржината

Trifolium echinatum

Од Википедија — слободната енциклопедија
Trifolium echinatum
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Бобовидни
Семејство: Бобови
Род: Детелина
Вид: Trifolium echinatum
Научен назив
Trifolium echinatum
M.Bieb.
Синоними

Trifolium supinum Savi
Trifolium reclinatum Waldst. & Kit.
Trifolium procerum Rochel

Trifolium echinatum едногодишен вид на детелина опишан од Фридрих Август Маршал фон Биберштајн. Видот се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму.[1] Покрај номинираната форма, постои и подвидот T. e. carmeli.

Растението е едногодишно, високо 10–50 см и најчесто разгрането по целата должина. Стеблото е исправено или приподигнато и покриено со прилегнати влакна, а понекогаш е и без влакна. Базалните листови имаат дршки три до четири пати подолги од листната плочка, кај стеблените листови дршките се покуси, а кај горните се покуси од листната плочка. Двата најгорни листа се поставени еден спроти друг. Листовите се обратнојајцевидни до обратнојајцевидно-копјести, долги 8–20 мм и широки 4–12 мм, со тап или заоблен врв и клиновидна основа. Од двете страни и по работ имаат ретки влакна. Прилисниците се речиси ципести, голи, долгнавести и завршуваат со копјест зелен слободен дел, а по работ се покриени со долги раширени влакна.

Соцветијата се јајцевидни или топчести, со пречник до 15 мм. Цветовите се без прицветници и се носат на дршки долги 20–50 мм, кои се покриени со густи прилегнати влакна.

Чашката е долга околу 6 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 2 мм, има десет испакнати жили и по површината е покриен со прилегнати влакна. Запците се линејно-шиловидни, со една жила и по работ имаат ретки полураширени влакна. Тие се со различна должина: горните се долги 2–2,5 мм, страничните околу 3,5 мм, а долниот околу 4–4,5 мм. Кај зрелите плодови, отворот на чашката се затвора со развој на прстенесто ткиво, а запците стануваат полураширени.

Венчето е розово или кремаво, околу двапати подолго од чашката. Барјачето е долго околу 12 мм, крилцата се околу 1,5–2 мм покуси од него, а лаѓичката е малку покуса од крилцата. Плодот е мала, ципеста мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.[2]

Распространетост во Македонија

[уреди | уреди извор]

Trifolium echinatum расте по брдски пасишта, покрај грмушести растенија и солени почви. Растението се среќава во Гази Баба, с. Матка, Петровец, Катлановско Блато и Катлановска Бања во Скопје, Таорската Клисура, клисурата на реката Пчиња, Скопска Црна Гора (Групче), Мавровско Поле, селата Орашац и Кучкарево во Куманово, селата Башино Село, Отовица, Сујаклари, Уланци и Енешово во Велес, селото Делисинци, железничката станица Овче Поле, Богословец, селата Кадрифаково и Ерџелија во Свети Николе, Штип и железничката станица Ванчо Прќе, Пробиштип, планината Плачковица, селото Џидимирци во Неготино, Полошкиот манастир во Кавадарци, селото Чепигово во Прилеп, Демир Капија, планината Ниџе, селото Стојаково во Гевгелија и Нов Дојран.[2]

Сошка во 1939 година го посочил Trifolium echinatum var reclinatum дека се среќава во Демиркаписката клисура.[2]

  1. Dyntaxa Trifolium echinatum
  2. 1 2 3 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1341.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]