Прејди на содржината

Trifolium arvense

Од Википедија — слободната енциклопедија
Trifolium arvense
Научна класификација [ у ]
Царство: Растенија
клад: Скриеносеменици
клад: Евдикоти
клад: Розиди
Ред: Бобовидни
Семејство: Бобови
Род: Детелина
Вид: Trifolium arvense
Научен назив
Trifolium arvense
L.

Trifolium arvenseедногодишен или двегодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј. Видот е домороден во Европа.[1]

Етимологија

[уреди | уреди извор]

Латинската биномна номенклатура arvense значи „на полињата“ или „земјоделски“.[2]

Растението е едногодишно или двегодишно, високо 5–30 см. Стеблото е исправено, силно разгрането и покриено со бели или сивкави прилегнати влакна. Базалните листови имаат дршки приближно еднакво долги со листната плочка или малку подолги, додека кај горните листови дршките постепено се скратуваат, а најгорните листови се речиси приседнати. Прилисниците кај долните листови се копјести и завршуваат со силно издолжен шиловиден слободен дел, додека кај горните листови се јајцевидно-копјести и имаат покус шиловиден слободен дел. Листовите се линејно-долгнавести, долги 10–20 мм, со заострен врв кој завршува со мало шилесто продолжение. По површината се покриени со прилегнати или полураширени влакна.

Соцветијата се цилиндрични, долги до 20 мм, јајцевидни или цилиндрични, составени од голем број цветови. Дршката на соцветието е долга колку самото соцветие или малку покуса. Цветовите се без прицветници.

Чашката е цилиндрично-ѕвонеста, долга 3,5–7 мм, со десет жили и покриена со густи полураширени, долги свиленкасти влакна, а поретко е гола. Нејзиниот трубест дел е долг 1,5–2 мм, а запците се шиловидни, со густи полураширени долги влакна и два до три пати подолги од трубестиот дел. Венчето е долго 3–4 мм, белузлаво или розово, многу покусо од чашкините запци и по цветањето останува во чашката. Барјачето е голо. Плодот е мешунка долга приближно колку чашката и обично содржи едно семе.[1]

Размножување

[уреди | уреди извор]

Trifolium arvense цвета на почетокот на летото и не му е потребен студен период за да предизвика цветање. Поголемите растенија во добра состојба можат да цветаат подолг период. Кај дивите примероци, само растенијата што се доволно големи (сува тежина над 0,01 g) имаат тенденција да произведуваат семе. Цветовите се самооплодуваат, но посетите на пчелите даваат можност за вкрстено оплодување. Семето е покриено со тврда обвивка што им овозможува да преживеат подолг период без да 'ртат освен ако не се оштетат.[3]

Варијабилност

[уреди | уреди извор]
  • Trifolium arvense var gracile — растение со ретки влакна. Листовите се голи. Чашката е скоро гола, запците на чашката се црвени.[1]
  • Trifolium arvense var brachyodon — влакнесто растение. Листовите со прилегнати или полурасперени влакна. Чашката е со густи долги влакна. Должината на запците на чашката рамна на должината на цилиндричниот дел на чашката, запците се црвеникави и со ретки влакна.[1]
  • Trifolium arvense var arvense — влакнесто растение. Листовите со прилегнати или полурасперени влакна. Чашката е со густи долги влакна. Должината на запците на чашката 2.5 до 5 пати поголема од цилиндричниот дел на чашката, запците се со долги густи полурасперени влакна. Чашкините запци 2 до 3 пати подолги од цилиндричниот дел на чашката.[1]
  • Trifolium arvense var longisetum — влакнесто растение. Листовите со прилегнати или полурасперени влакна. Чашката е со густи долги влакна. Должината на запците на чашката 2.5 до 5 пати поголема од цилиндричниот дел на чашката, запците се со долги густи полурасперени влакна. Чашкините запци 4 до 5 пати подолги од цилиндричниот дел на чашката.[1]

Распространетост во Македонија

[уреди | уреди извор]

Trifolium arvense расте по брдски пасишта, камењари, песокливи места, покрај патишта, водотеци, по грмушести заедници и проретчени шуми на надморска височина до 1600 метри. Растението е широко распространето на целата територија во Македонија. Нејзините четири варијабилности се среќаваат во различни мери и во различни места во Македонија:[1]

  • Trifolium arvense var brachyodon — се среќава само за пасиштата помеѓу гранитните карпи кај Прилеп кај Маркови Кули.[1]
  • Trifolium arvense var gracile — се среќава само во околината на Прилеп во Прилепец.[1]
  • Trifolium arvense var arvense — широко распространето растение на територијата на Македонија.[1]
  • Trifolium arvense var longisetum — се среќава само на планината Галичица и островот Голем Град на Преспанското Езеро.[1]

Распространетост низ светот

[уреди | уреди извор]
T. arvense во Квебек, Канада

Trifolium arvense е домороден во Европа, освен во арктичката зона и западна Азија, во рамнински или среднопланински живеалишта до 1600 метри надморска височина. Доведен вид е во Северна Америка, каде што сега се појавува низ источните Соединети Држави, јужна Канада и западниот дел од САД долж брегот на Тихиот Океан. Растението е регистрирано и во некои делови на Хаваи.[4]

Екологија

[уреди | уреди извор]

Видот Trifolium arvense го пасат зајаци, диви мисирки, елени, овци и кози.[5]

Како и повеќето мешунки, го врзува азотот, што го прави вреден на почви со ниска плодност за азотот што го обезбедува на други растителни култури. Оваа способност зависи од големината на нодулите што се прицврстуваат во кореновиот систем на мешунката. Големините на нодулите покажуваат позитивна корелација со составот на заедницата на микроорганизми кои се одговорни за врзување на азот.[6] Во полусуви области, процентот на азот потекнува од атмосферата во вкупната количина на врзувањето на азот што ја врши T. arvense се држи на високо ниво на опсег кое се однесува на 82%-91%. Во дождовната сезона, вкупната количина на азот што ја врзува видот е поголема отколку во сушна сезона.[7]

Потенцијална токсичност

[уреди | уреди извор]

Поради влакнестите цветови, прекумерната консумација од страна на коњите или другиот добиток може да предизвика потенцијално фатална абдоминална опструкција.[5] Растението е карактеристично за луѓе со алергии, но се смета за благ во споредба со други.[8]

Потенцијални употреби

[уреди | уреди извор]

Се вели дека растението има лековита вредност за луѓето и животните.[9]

До 2010 година, научниците од AgResearch во Нов Зеланд користеле генетска модификација за да земат еден ген од T. arvense и го ставиле во T. repens (бела детелина). Генетски модифицираната детелина можела да ја намали надуеноста кај добитокот и да ги намали емисиите на метан.[10]

  1. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1318–1319.
  2. Harrison, Lorraine (2012). RHS Latin for Gardeners. United Kingdom: Mitchell Beazley. ISBN 184533731X.
  3. Palmer, T. P. (1972). „Variation in flowering time among and within populations of Trifolium arvense L. in New Zealand“. New Zealand Journal of Botany. 10 (1): 59–68. doi:10.1080/0028825X.1972.10430211.
  4. „Pest Information“. ipm.ucanr.edu. Архивирано од изворникот на 2019-12-11.
  5. 1 2 „Rabbit-Foot Clover“. ipm.ucanr.edu. Посетено на 5 February 2026.
  6. Schulz, S., Engel, M., Fischer, D., Buegger, F., Elmer, M., Welzl, G., & Schloter, M. (2013). Diversity pattern of nitrogen fixing microbes in nodules of Trifolium arvense (L.) at different initial stages of ecosystem development. Biogeosciences, 10(2), 1183-1192.
  7. Boswell, C. C., Lowther, W. L., & Rutherford, A. J. (2007). Symbiotic nitrogen fixation by Trifolium arvense in semi‐arid short tussock grasslands. New Zealand Journal of Agricultural Research, 50(4), 511-521.
  8. „Rabbit-Foot Clover (Trifolium arvense)“. Посетено на 5 February 2026.
  9. „Hare's-foot Clover“. ipm.ucanr.edu. Посетено на 5 February 2026.
  10. Hayes, Samantha (15 June 2010). „GM breakthrough could have huge climate benefits“. 3 News. Посетено на 24 November 2011.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]