Trifolium alpestre
| Trifolium alpestre | |
|---|---|
| Trifolium alpestre додека цвета | |
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| клад: | Розиди |
| Ред: | Бобовидни |
| Семејство: | Бобови |
| Род: | Детелина |
| Вид: | Trifolium alpestre |
| Научен назив | |
| Trifolium alpestre L. | |
| Синоними[1] | |
|
Список
| |
Trifolium alpestre — повеќегодишен вид на детелина од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј. Растението потекнува од централна, јужна и источна Европа, Кавказ, Турција и Иран.[1][2] Се размножува преку клонирање и со семе.[3]
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е повеќегодишно тревесто растение, високо 15–40 см, со тенок и разгранет подземен ризом. Стебленцата се исправени, најчесто неразгранети и покриени со погусти или поретки прилегнати или раширени влакна. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, кај горните листови дршките се покуси, а кај најгорните се долги само неколку милиметри. Листовите се копјести или речиси елиптични, два до четири пати подолги отколку широки, достигнуваат должина до 60 мм, со тап врв и речиси цел раб, односно многу ситно назабени. Најшироки се во долната половина. Горната страна е гола или со ретки прилегнати влакна, додека долната страна и работ се покриени со густи прилегнати или полураширени влакна. Жилките се густи, испакнати и благо искривени кон работ на листот. Прилисниците кај долните листови се покуси од половината на лисната дршка, а кај горните се подолги од неа. Тие се долгнавести, ципести, со испакнати жили и влакнести, а нивниот слободен дел е линејно-шиловиден, зелен, со долг тенок врв и е 1,5–2 пати подолг од сраснатиот дел.
Соцветијата се топчести или јајцевидно-цилиндрични, со пречник од 25–40 мм, составени од многубројни густо збиени цветови. Се развиваат поединечно или по две, речиси приседнати или на дршка покуса од 10 мм, а во основата се обвиени од најгорниот лист. Цветовите се без прицветници.
Чашката е долга околу 12 мм. Нејзиниот трубест дел е долг околу 4 мм, со дваесет жили, гол или покриен со полураширени до раширени влакна, а околу отворот има прстен од влакна. Запците се тенки и шиловидни; горните се долги околу 3 мм, страничните околу 3,5 мм, а долниот достигнува 8–9 мм и е приближно 2,5–3 пати подолг од останатите. Венчето е пурпурно, поретко розово или бело. Барјачето е долго 15–18 мм, а крилцата и лаѓичката се речиси еднакво долги како него. Плодот е јајцевидна мешунка која обично содржи едно семе.[4]
Варијабилност
[уреди | уреди извор]- Trifolium alpestre var alpestre — стеблото и лисните дршки се голи или со прилегнати влакна.[4]
- Trifolium alpestre var lanigerum — стеблото и лисните дршки се со расперени влакна.[4]
Од T. alpestre, како полиморфен вид, се посочуваат повеќе таксони, како на пр: f. incanum, f. monostachyum, f. pedunculatum и f. brevifolium од кои некои се посочуваат и како вариетети.[4]
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Trifolium alpestre расте по суви каменливи брдски и планински пасишта, шумски рабови и по проретчени шуми до надморска височина од 2100 метри.[4]
- Trifolium alpestre var alpestre — широко распространето растенија. Растението се среќава на планините Јакупица, Китка, Жеден, Водно, Скопска Црна Гора (Групче), Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат - Крчин, Илинска Планина, Пелистер, Галичица, Осогово, Буковиќ, Ѓавато, Богословец (Овче Поле), Козјак (Прилепско), Голак (Делчевско), потоа во Скопје над селото Нова Брезница, Таорската Клисура, селото Пезово во Куманово, Маврови Анови, Кожа и селото Врбен, клисурата на Мавровска Река, Крушево, Маркови Кули и манастирот Трескавец во Прилеп и Делчево.[4]
- Trifolium alpestre var lanigerum — се среќава во Скопска Црна Гора, Таорската Клисура, Козјак во Прилеп, Дабничката Планина, Пелистер, Ниџе, Кожуф, Беласица, Плачковица, Голак во Делчево, Македонска Каменица, Пехчево и планината Кадијица.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 „Trifolium alpestre L.“. Plants of the World Online. Board of Trustees of the Royal Botanic Gardens, Kew. Посетено на 22 July 2021.
- ↑ „{{{taxon}}}“. Служба за заштита на природните ресурси при USDA — база PLANTS.
- ↑ Kaljund, Karin; Leht, Malle; Jaaska, Vello (2018). „High genotypic diversity and strong spatial structure in populations of Trifolium alpestre with low seed production“. Nordic Journal of Botany. 36 (4). doi:10.1111/njb.01705.
- 1 2 3 4 5 6 7 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1335–1336.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Trifolium alpestre“ на Ризницата ?
|