Термохромизам

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Thermochromism)
Прстенот на расположението, покажува зелена промена на бојата низ кафената основа. 

Tермохромизам е својство на супстанците да ја менуваат бојата, како резултат на промена на температурата. Прстенот на „расположението“ е одличен пример за оваа појава, но термохромизмот како појава има и други попрактични примени, како на пример шишенцата за бебиња кои ја менуваат бојата кога течноста во нив е доволно изладена за пиење, или бокалите кои ја менуваат бојата кога водата во нив е блиску до состојба на вриење. Термохромизмот е еден од неколкуте видови на хромизам.

Демонстрација на феноменот на дисконтинуиран термохромизам. Во овој експеримент прикажани се четири термохромни супстанци кои имаат својство на дисконтинуиран термохромизам. Промената на бојата е реска и се одвива при точно определена температура.

Постојат два типа термохромизам: континуиран термохромизам (промената на бојата настанува континуирано додека се менува температурата) и дисконтинуиран термохромизам (промената на бојата настанува одеднаш при точно определна температура). Феноменот на континуиран термохромизам најчесто настанува како резултат на хемиски промени во системот, додека појавата на дисконтинуираниот термохромизам може да биде како резултат на структурни промени, што подразбираат промени во координациониот број на металот, полимеризација, или пак може да биде резултат на фазни премини од типот цврсто – цврсто. Најчеста причина за појавата на дисконтинуираниот термохромизам е токму фазен премин од типот цврсто – цврсто, каде постојат две модификации и тоа нискотемпературна и високотемпературна. Овие две модификации имаат различна боја.