The Promised Neverland
Корицата на првиот том, од лево кон десно: Кони, Фил, Норман, Ема, Реј, Гилда, Марк и Дон | |
| Автор | Каиу Шираи |
|---|---|
| Жанр | темна фантазија научна фантастика трилер |
| Објавена | 1 август 2016 — 15 јуни 2020 (манга) 4 јуни 2018 — 4 декември 2020 (лесен роман) 26 јули 2018 — 28 март 2019 (манга Oyakusoku no Neverland) 11 јануари 2019 — 26 март 2021 (аниме) |
| Издавач | Shueisha |
The Promised Neverland (буквално: Ветената Недојдија,[1] јапонски: 約束のネバーランド) — јапонска манга напишана од Каиу Шираи и илустрирана од Посука Демузу. Се објавувала во шонен-списанието Weekly Shonen Jump на издавачката куќа Shueisha од август 2016 г. до јуни 2020 г., а поглавјата се собрани во вкупно 20 тома танкобон. Во Северна Америка, мангата е лиценцирана од Viz Media за англиско издание и се објавувала дигитално преку нивното списание Weekly Shonen Jump.[2]
Серијата ја следи приказната за група сирачиња, кои, по откривањето на мрачната вистина за своето потекло и вистинската цел на сиропиталиштето, прават план да избегаат оттаму.
The Promised Neverland добила аниме-адаптација, произведена од студиото CloverWorks, и се прикажувала во рамки на програмскиот блок Noitamina на телевизијата Fuji TV. Првата сезона имала 12 епизоди и се прикажувала од јануари до март 2019 г. Втората сезона, со 11 епизоди, се прикажувала од јануари до март 2021 г. Во декември 2020 г. бил објавен и игран филм. Amazon Studios воедно работи и на американска играна серија заснована на мангата.
Во 2018 г., мангата ја освоила 63-та награда Shogakukan Manga во категоријата за шонен. До август 2023 г., The Promised Neverland има продадено над 42 милиони примероци (вклучувајќи и цифрени изданија), што ја прави една од најпродаваните манга-серии на сите времиња. Серијата добила многу потврдни одзиви, особено за раскажувањето, ликовите и изградбата на светот. Првата сезона од анимето била многу добро примена и се смета за една од најдобрите аниме-серии од 2010-тите. Спротивно на тоа, втората сезона била пречекана со главно одречни одзиви, најмногу поради забрзаното темпо и поедноставувањето на приказната од изворната манга.
Содржина
[уреди | уреди извор]Опкружување
[уреди | уреди извор]Во странски свет исполнет со разумни суштества од различни видови, било донесено едно договорено правило наречено „Заветот“, со цел да се стави крај на долгата војна помеѓу луѓето и така наречените демони. „Заветот“ бил договор во кој секој вид живеел во своите одвоени „светови“: светот на луѓето, слободен од заканата на демоните, и светот на демоните, каде што биле поставени фарми за размножување на луѓе што служеле како храна за демоните. Јадејќи луѓе, демоните ги преземаат нивните својства што ги спречува да се претворат во безумни монструми. Во светот на демоните, била поставена посебна програма за размножување под маската на сиропиталишта; таму, една човечка „Мајка“ ќе се грижи за децата, осигурувајќи се дека тие ќе растат што е можно поразумни. Овие деца имале идентификациски броеви тетовирани на нив и не знаеле ништо за надворешниот свет. Тие верувале дека се сирачиња и кога ќе достигнат одредена возраст или интелигенција, ќе бидат однесени за посвојување, но всушност биле јадени од високопоставените демони.
Заплет
[уреди | уреди извор]Во 2045 г., 1000 години по создавањето на „Заветот“, умната и весела Ема е 11-годишно сираче што живее во Благодатниот дом, самоодржливо сиропиталиште каде што живее со уште 37 други сирачиња. Тие водат среќен живот, со обилна храна, меки кревети, чиста облека, игри и љубовта на нивната „Мајка“, Изабела. Нивното образование се смета за важен дел од нивниот развој, а Ема, со своите два најдобри другари Норман и Реј, секогаш се истакнува на редовните испити. Сирачињата имаат целосна слобода, освен да не преминуваат преку ѕидот или вратата што ги одвојува од надворешниот свет. Една вечер, девојче по име Кони е испратено да биде „посвоено“, но Ема и Норман ја следат со нејзината омилена играчка. На вратата, тие ја наоѓаат Кони мртва и ја откриваат вистината за нивното постоење во ова идилично сиропиталиште — да се одгледуваат како месо за демоните. Ема и Норман прават план со Реј да избегаат од Благодатниот дом со децата, но Норман е однесен да биде „посвоен“. Ема и Реј решаваат да побегнат со некои од нивните помлади браќа и сестри, оставувајќи ја половината од помладите деца зад себе.
Оние што успеваат да побегнат откриваат дека животот надвор од Благодатниот дом е исполнет со опасности, но под водство на Ема и Реј, стануваат решени да се вратат и да ги ослободат своите преостанати браќа и сестри, како и децата од другите фарми. Тие среќаваат демони од секаков вид, вклучувајќи ги Муџика и Сонџу, кои им помагаат во нивната задача. Подоцна, Ема и Реј повторно се среќаваат со Норман и заедно со нивните сојузници водат битка за слобода против демонската кралица Легравалима и човекот Питер Ратри, кој ги управува фармите. Конечно, преку својата одлучност, Ема обезбедува слобода за сите деца и повторно го оформува „Заветот“, носејќи ги сите во светот на луѓето, но по цена на своето сеќавање.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Мангата сѐ уште нема официјално македонско издание од издавачка куќа, така што преводов е неофицијален.
- ↑ 約束のネバーランド 1 (јапонски). Shueisha. Архивирано од изворникот 4 ноември 2018. Посетено на 4 октомври 2017.