The Elder Scrolls V: Skyrim
| The Elder Scrolls V: Skyrim | |
|---|---|
| Изработувач | Bethesda Game Studios |
| Издавач | Bethesda Softworks |
| Режисер | Тод Хауард |
| Продуцент |
|
| Дизајнер |
|
| Програмер | Гај Карвер |
| Уметник | Метју Карофано |
| Сценарист | Емил Пагљаруло |
| Композитор | Џереми Соул |
| Серијал | The Elder Scrolls |
| Погон | Creation Engine |
| Подлоги | |
| Датум(и) | 11 ноември 2011
|
| Жанр | акција/игра со улоги |
| Режим | едноиграчки |
The Elder Scrolls V: Skyrim (македонски: Древните свитоци V: Скајрим) — сметачка игра во жанрот акција/RPG со отворен свет, развиена од Bethesda Game Studios и објавена од Bethesda Softworks. Ова е петтото продолжение од серијалот The Elder Scrolls. Играта била објавена на 11 ноември 2011 г. за Windows, PlayStation 3 и Xbox 360. Подоцна била објавена во три преземливи содржини наречени Dawnguard, Hearthfire и Dragonborn, подоцна обединети во The Elder Scrolls V: Skyrim — Legendary Edition. Bethesda повторно ја објавила играта како посебно издание во 2016 г. и како јубилејно издание во 2021 г.; Овие изданија се разликувале од оригиналот со подобрена графика и вклучувале различни дополненија и видоизменувања.[1]
Како и претходните игри во серијата, Skyrim им дозволува на играчите слободно да истражуваат огромен играчки свет, сами да откриваат нови места и потраги. Приказната е сместена во класично фантастично опкружување, црпејќи вдахновение од скандинавската митологија и викиншката епоха. Се одвива во покраината Скајрим, двесте години по The Elder Scrolls IV: Oblivion. Главниот заплет се врти околу моќниот змеј Алдуин, а играчот познат како „Змејородениот“ мора да го запре враќањето на змејовите и да го победи Алдуин.[2]
Играчки процес
[уреди | уреди извор]Skyrim го задржува концептот на голем и отворен свет, карактеристичен за серијалот The Elder Scrolls. Играчот може слободно да скита низ целата територија на провинцијата Скајрим, која вклучува девет големи градови, многу помали села, како и огромни пространства на диви земји и високи планини. Во градовите, играчот може да се занимава со дејности како што се готвење и правење напивки, зачарување на предмети, земјоделие, работа со руда или коваштво. Развивачите истакнале дека целосното подробно истражување на светот може да потрае околу 500 часа.
За време на битка со змеј, играчот го управува ликот од гледиште на прво лице, користејќи оружје во десната рака и огнено волшепство во левата. Нивото на ликот се зголемува со подобрување на вештините; за одреден број такви подобрувања (што зависи од нивото на играчот и нивото на вештината) ликот го зголемува своето ниво. Во играта има систем на „автолевелинг“ (автоматски зголемување на ниво) — колку е повисоко нивото на ликот, толку повредни предмети наоѓа и толку поопасни противници му се спротивставуваат. Развивачите одлучиле целосно да го напуштат системот на класи, присутен во Oblivion, претходната игра од серијалот.
Во играта постојат дарби (англ. perks) — посебни способности поврзани со одредени вештини на играчот. Дарбите се организирани во разгранет систем наречен „дрво на вештини“. Секое зголемување на нивото овозможува да се земе нова дарба. Вкупно има 280 дарби во играта. HUD-интерфејсот се појавува на екранот само кога здравјето, силата или волшепството на играчот се намалуваат, односно кога ликот добива штета. Компасoт е единствениот елемент на интерфејсот што е постојано присутен на екранот. Предметите, посебните дарби и волшепството можат да се зачуваат во менито за „омилени“, а интерфејсот на инвентарот (при чие отворање играта се паузира) со својот визуелен стил потсетува на компас. Додека е во режим на инвентар, играчот може да се врти, да зголемува и да го разгледува секој предмет во играта во целосно 3D-опкружување.
Оружјето може да се додели и на десната и на левата рака, што овозможува да се носи по еден вид оружје во секоја рака. Посебно мени му овозможува на играчот брзо да се префрла помеѓу различни типови оружје и оклоп. Со штит може да се нападне, а за да се изгради блок со него, потребно е одредено време. Секој од типовите оружје (еднорачно, дворачно, лак) има своја посебна предност и намена. При гаѓање со лак потребно е повеќе време за да се затегне тетивата отколку во претходните игри од серијалот Elder Scrolls, но истрелите притоа му нанесуваат поголема штета на противникот. Од таа причина, стрелите се доста скапи. Играчот, вооружен со лак, може да го користи за одбрана во блиска борба, исто како што може да користи дворачно оружје или штит за таа цел (иако штитот во оваа ситуација е најефикасен).
Различните типови волшепства имаат разновидни квалитети — така, волшепствата на студот природно го забавуваат и притоа го исцрпуваат заливот со сила на противниците, додека волшепствата на оган нанесуваат долготрајна штета во текот на целото горење, па дури можат да ги запалат околните предмети, а волшепството на електрицитетот ја „гори“ непријателската мана (залихата на магични точки) и може да го дезинтегрира противникот (моментална смрт на противникот, чиј труп се претвора во пепел). Магиите можат да се изговараат користејќи ги двете раце истовремено, што ја прави магијата поефикасна, но во исто време се троши повеќе мана. Комбинирање на различни волшепства е исто така можно, на пример оган и молња, при што објектот врз кој ќе се искористи оваа комбинација ќе ги прима ефектите од двата вида волшепство. Други достапни волшепства во играта можат, на пример, да ги обноват изгубените здравствени точки, привремено да ги оживеат мртвите, да создадат извори на светлина во темни простории, или дури и да претворат, на пример, железна руда во сребрена.
Заливот со сила се троши на појавениот „спринт“, кој овозможува побрзо движење одредено време. Како и во Morrowind и Oblivion, во играта има режим на скришно движење. Притоа, ако неиграчкиот лик (NPC) види дека играчот се прикрадува, тој ќе се загрижи и внимателно ќе ги следи понатамошните движења на играчот. Ками и лакови во напад од овој режим делуваат поефикасно, а со одредени вештини нанесуваат огромна штета.
Приказна
[уреди | уреди извор]Земјата Скајрим е вовлечена во крвава граѓанска војна помеѓу империјалната војска што ѝ служи на империјата Тамриел и нордиската бунтовничка војска на Буревесниците именувана по нивниот водач Улфрик Буревесник. Среде оваа војна, боговите го разбудиле најстариот змеј Алдуин што има способност да воскреснува починати змејови и да голта живи и мртви души. Но има еден што може да донесе мир, овој поединец има способност да ги впива душите на мртов змеј и да го користи за да го научи нивниот јазик. Луѓето ја нарекуваат таа личност Змејородениот.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Nasamura, Seiji (April 21, 2011). „Interview with 'The Elder Scrolls V: Skyrim' executive producer, Mr. Todd Howard“ (јапонски). Game Watch. Архивирано од изворникот August 21, 2011. Посетено на September 21, 2011.
- ↑ Miller, Matt (February 2011). „Emerging From Legend (The Elder Scrolls V: Skyrim)“. Game Informer. Бр. 213. United States: GameStop Corporation. стр. 46–60.