Ужас за преживување

Ужас за преживување (англиски: survival horror) — жанр компјутерски игри карактеризиран со нагласок на преживувањето на играчкиот лик и создавање атмосфера на страв и вознемиреност, слична на книжевноста и филмовите на ужасите.[1]
Иако играњето на ваквите игри може да вклучува битки со одредени противници, како и во игри од други жанрови, играчот во ужасот за преживување не чувствува толкава контрола врз она што се случува, што е својствено за повеќето акциони игри. Ова се постигнува преку разни ограничувања — недостиг на стреливо, ниско ниво на здравје на главниот лик, брзина на движење, видливост, како и разни пречки што го отежнуваат заемодејството со играчката механика.
Честопати, играчот е принуден да бара предмети во играта што отвораат пристап до нови области, да решава разни загатки и енигми. Дизајнот на нивоата во ужасот за преживување често се користи и за создавање атмосфера на ужас или исчекување на нешто страшно — на пример, играчкиот лик може да истражува темни, мрачни простории што наликуваат на лавиринт и да биде изложен на неочекувани напади од непријатели.
Особености
[уреди | уреди извор]Игрите од овој тип се обично од трето лице. Главниот лик е сместен во необична и непријателска околина: напуштен град, призрачна куќа или замок. Тука тој е принуден да се бори за својот опстанок против демони, чудовишта, зомбија и други слични суштества. Неговите средства за одбрана во повеќето случаи се скромни. Ликот не поседува натприродни моќи, моќни и разновидни оружја, а стреливото е невообичаено малку. За сметка на тоа, потребно е да покаже снаодливост, сврзувајќи и користејќи различни предмети. Заплетот содржи таинство што треба да биде разрешено во текот на играта. Од особено значење е мрачната атмосфера, засилена со сите можни средства, вклучувајќи ја и музиката. Творците на овој вид игри намерно се стремат да му всадат на играчот чувство на страв, збунетост, па дури и депресија.
Во себе, игрите од жанрот ужас за преживување можат да сврзуваат елементи на квест (авантура), трилер, акција (шутер), RPG. Освен од трето лице, тие понекогаш можат да бидат од прво лице или од типот „посочи и притисни“ (point and click). Обединувачка е мрачната и меланхолична атмосфера и чувството на страв.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „What Defines 'Survival' in Survival Horror?“. SUPERJUMP (англиски). 2024-07-02. Посетено на 2025-06-08.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]