Стринг форсис

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од String Forces)

String Forces — македонска музичка група формирана во 1995 година во Скопје. Оттогаш имаат издадено два албумa, една музика за ТВ-филм и голем број настапи по Македонија и Балканот.

Иако со работа групата започнува во 1995, постои и предисторија на групата во периодот 1992-1995, како проект на основачот Дориан Јовановиќ. Ова е период на дефиниција на изразот во кој биле остварени голем број на соработки со различни музичари, од коишто некои ќе станат и членови на групата.

Во 1995 година групата се формира околу „жиченото“ јадро: Алфрида Тозиева – виола, Дориан Јовановиќ – бас гитара, Сашо Трендафилов – гитара. До крајот на 1996 ќе има неколку промени на пејачи, за конечното решение биде со Јелена Брајовиќ и Елена Мановска. Со доаѓањето на тапанарот Влатко Икономов се оформува составот којшто ќе го сними првиот, самонасловен албум во 1998.

Албумот ќе биде издаден на почетокот на 1999 и ќе биде одлично прифатен од критиката, но не толку и од пошироката јавност. Ова ќе доведе до мало губење на насоката што ќе се заврши со една поголема промена на членовите кон средината на 2000 година. Тогаш се оформува составот којшто работи и денес: Александра Мангаровска-Милиќевиќ – вокал и флејта, Александар Стојанов – вокал и гитара, Алфрида Тозиева - виола, Дориан Јовановиќ – бас гитара, стик, ут, и електроника, Благојче Пенов – тапани.

Оваа промена ќе се совпадна и со промена во пристапот, но и музичката насока на групата. Групата ќе исфрли видео-спот за песната „Каде бегаш“, која што ќе доживее широка прифатеност и од публиката и од пошироката јавност, достигнувајќи и прво место на топ-листите на Македонската радио-телевизија.

Оваа песна е и добра дефиниција за насоката кон која групата се стремеше на вториот албум, „Изохронија“, но само ќе го започне како процес: транслација на традиционалната урбана Македонска музика во модерни рамки. Уште една песна ќе биде исфрлена како сингл којшто исто така доживува голем успех, за да во февруари 2002 биде промовиран и албумот „Изохронија“.

Периодот по издавањето на „Изохронија“ ќе биде искористен за активно настапување на групата, што ќе кулминира со голем перформанс насловен „Еден ден“ во Македонскиот народен театар на 5 јули 2002 година.

По ова следуваше соработката со режисерот Слободан Деспотовски за мини ТВ-серијата „Заведени“. Серијата ја доживеа својата премиера во октомври 2002, а групата една тема, како ремикс, ќе исфрли како видео-спот.

На 22 март 2013 година ја објавуваат песната „Причина-предумисла“ која ќе биде дел од новиот албум на String Forces[1][2][3][4][5].

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2013-03-24. Посетено на 2013-03-22.
  2. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-03-24. Посетено на 2013-03-22.
  3. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-03-25. Посетено на 2013-03-22.
  4. http://mmm.com.mk/vesti/domasni/1128-string-forces-so-novo-video
  5. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-03-24. Посетено на 2013-03-22.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]