Лут жедник
| Лут жедник | |
|---|---|
| Лут жедник во Естонија | |
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| Ред: | Каменоломковидни |
| Семејство: | Дебелци |
| Род: | Жедник |
| Вид: | Лут жедник |
| Научен назив | |
| Sedum acre L. | |
| Синоними[1] | |
|
Список
| |
Лут жедник или јарче (науч. Sedum acre) — вид повеќегодишно цветно тревесто растение од родот жедник (Sedum) во семејството на дебелците (Crassulaceae). Природно е распространето во Европа, северна и западна Азија и Северна Африка, но е натурализирано и во Северна Америка,[2] јужните делови на Јужна Америка,[3] Јапонија, и Нов Зеланд.[4]
Опис и распространетост
[уреди | уреди извор]Ова е ниско и голо зимзелено растение, со разгранет површински или подземен ризом и кратки стерилни ползечки изданоци и многу цветни стебленца. Цветните стебленца достигнуваат висина од 5 до 12 см и се обраснати со листови по целата нивна должина. Листовите се поставени спирално, долги 4-6 мм, дебели и со триаглесто-јајцевидна форма; долната страна е подуена, горната рамна, врвот е тап, а основата има торбест шпорест израсток. По стеблото се наредени како ќерамиди, особено кај стерилните гранчиња, додека кај цветните се поретки. Кога ќе се исушат, побелуваат и најчесто остануваат на стеблото, но понекогаш паѓаат. Цветовите се пет члени, имаат кратки и дебели дршки, се појавуваат во мал број и се собрани во цимозно соцветие, кое најчесто има две разгранети гранчиња. Чашкините ливчиња се долги 2-3 мм, со форма меѓу јајце и ланцета, и најчесто се жолтеникави. Венечните ливчиња се златно-жолти, долги 5-8 мм, расперени, со копјеста форма и остар врв. Растението има 10 прашници, со тенки нишковидни кремасти филаменти и жолти антери. Плодните мешунки се голи и распоредени во форма на ѕвезда. Столпчињата се издолжени.[5]
Расте на варовнички карпи и каменести места, на височини до 2300 метри надморска височина. Овој вид во Македонија е забележан на планините Водно и Жеден (околу Скопје), Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат - Крчин, Буковиќ (Гостиварско), Галичица, Дудица, како и во Жеденска Клисура, Мавровско - Кожа и селото Врбен, Горна Радика - Аџина Река, клисурата на реката Радика, Преспа - остров Голем Град и Баба Планина над селото Брајчино.[5]
Одгледување
[уреди | уреди извор]Иако лутиот жедник се шири кога има простор, тој лесно се контролира благодарение на плитките корени. Се одгледува во висечки кошници и саксии. Ова ползечко растение расте како покривка на почвата, најчесто на суви и песокливи терени. Добро се развива во сиромашни почви и при различна изложеност на светлина.
Растението има пиперест вкус и понекогаш се користи во народната медицина. Сепак, се смета за отровно и не се препорачува за консумирање.[6]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Лут жедник во Квебек, Канада
- Хербариумски примерок
- Хербариумски примерок
- Хербариумски примерок
- Хербариумски примерок
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Sedum acre L.“. Plants of the World Online. Кралски ботанички градини во Кју. Посетено на 26 декември 2024. (англиски)
- ↑ Clapham, A. R.; Tutin, T. G.; Moore, David Moresby (1987). Flora of the British Isles. CUP Archive. стр. 146.
- ↑ „Sedum acre L. | Plants of the World Online | Kew Science“. Plants of the World Online (англиски). Посетено на 16 февруари 2025.
- ↑ „Sedum acre“. New Zealand Plant Conservation Network. Посетено на 24 јули 2024.
- 1 2 Мицевски, Кирил (1998). Флора на Република Македонија Том I, св. 4. Скопје: МАНУ. стр. 1055.
- ↑ „Biting stonecrop Sedum acre“. Архивирано од изворникот на 20 март 2025. Посетено на 2 август 2024.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Лут жедник на Ризницата ?- „Лут жедник“. — Енциклопедија на живиот свет.

- „Sedum acre“. Информативна мрежа за гермоплазмени ресурси. Служба за земјоделско истражување, Министерство за земјоделство на САД. (англиски)
- Граѓансконаучни набљудувања: Лут жедник на iNaturalist
|