S.T.A.L.K.E.R.: Shadow of Chernobyl
| S.T.A.L.K.E.R.: Shadow of Chernobyl | |
|---|---|
| Изработувач | GSC Game World |
| Издавач | THQ (светски), GSC World Publishing (Украина) |
| Режисер | Андриј Прохоров, Антон Болшаков |
| Продуцент | Антон Болшаков |
| Дизајнер | Олексиј Ситјанов |
| Програмер | Олеш Шишковцов, Олександр Максимчук, Дмитро Јасениев, Андриј Коломиец |
| Уметник | Андриј Прохоров |
| Сценарист | Олексиј Ситјанов |
| Композитор | Владимир „MoozE“ Фреј |
| Серијал | S.T.A.L.K.E.R. |
| Погон | X-Ray Engine |
| Последна верзија | 1.0006 (11 март 2008) |
| Подлоги | Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One, Nintendo Switch, PlayStation 5, Xbox Series X/S |
| Датум(и) | Microsoft Windows: 20 март 2007 PS4, Xbox One: 6 март 2024 Nintendo Switch: 31 октомври 2024 PS5, Xbox Series X/S: 20 мај 2025 |
| Жанр | пукачка игра од прво лице |
| Режим | едноиграчки, повеќеиграчки |
| Носител(и) | ДВД, дигитална распределба |
| Управување | тастатура и глувче |
S.T.A.L.K.E.R.: Shadow of Chernobyl (македонски: S.T.A.L.K.E.R.: Сенката на Чернобил) — пукачка игра од прво лице со елементи на игра со улоги и ужас за преживување, развиена и издадена од украинската компанија GSC Game World за Windows во март 2007 г. Надвор од земјите на поранешниот СССР, издавач била американската компанија THQ. Дејството на играта се одвива на територијата на Украина, во зоната на исклучување околу Чернобилската атомска централа. Играта позајмува голем број термини и мотиви од повеста „Пикник крај патот“ на браќата Стругацки и истоимениот филм „Сталкер“ на Андреј Тарковски; многу од нивоата во играта се создадени врз основа на фотографии и документарни снимки од самата Чернобилска централа и околината. Според приказната, како последица на нова катастрофа околу централата се појавиле опасни „аномалии“ и мутанти, како и чудесни „артефакти“. Во Зоната дејствуваат „сталкери“ — авантуристи, платеници и ловци на артефакти, кои работат поединечно или како вооружени групи. Главниот лик, Обележаниот, е еден од тие сталкери, кој го изгубил помнењето и се обидува да открие што му се случило додека продира длабоко во Зоната.
Играта е замислена како проект со отворен свет; развивачите имале намера да го стават играчот во екосистем што живее според сопствени правила, каде ситуациите би се создавале преку случајно заемодејство на различни елементи. Shadow of Chernobyl била објавена по долг и мачен период на развој, при што многу од првично честољубивите замисли биле напуштени. Иако е пукач од прво лице, играта вклучува елементи типични за игрите со улоги, како што е општењето со неиграчките ликови, како и елементи на ужас за преживување што постојано ја нагласуваат атмосферата на страв и вознемиреност.
Играта добила високи оценки од критичарите: рецензентите особено го пофалиле добро разработениот свет и интересниот играчки процес, иако укажале на многу технички проблеми и неисполнети ветувања од страна на развивачите. Shadow of Chernobyl била трговски успешна — низ светот се продадени над два милиони примероци. Во 2008 г., GSC Game World ја издала предисторијата S.T.A.L.K.E.R.: Clear Sky, во 2009 г. — продолжението S.T.A.L.K.E.R.: Call of Pripyat, а во 2024 г. — S.T.A.L.K.E.R. 2: Heart of Chornobyl. Во постсоветските земји, серијалот стекнал култен статус со бројни обожаватели, кои создале многу книги сместени во истиот измислен свет, како и кориснички видоизменувања. Популарноста на играта придонела и за зголемениот интерес за индустриски туризам во областа на Чернобил.
Играчки процес
[уреди | уреди извор]S.T.A.L.K.E.R.: Shadow of Chernobyl е првенствено пукач од прво лице.
Во играта постои голем број на предмети, па играчот има можности за прилагодување што во прв ред се ограничени од тоа колку ќе истражува. Играта исто така се обидува да ја спои приказната и заемодејството со ликовите, кои вообичаено се поврзуваат со игрите со улоги. Како и да е, гранките на разговорите се крајно ограничени и не влијаат значително на текот на играта, освен при прифаќање или одбивање на мисии.
Самата Зона е голема и разновидна област, составена од дивина, човечки населби и неколку тешко чувани воени бази. Меѓутоа, светот на играта не е еден непрекинат простор, туку 18 различни карти одделени со екрани за вчитување. Преминот од една во друга област може да се изврши само преку одредени конкретни премини; жичените огради и екстремните нивоа на зрачење го спречуваат играчот да се обиде да ја премине картата на кој било друг начин.
Суштествата во Зоната се мошне различни од нивните реални двојници: кучиња, диви свињи, врани и многу други. Дополнително, некои области содржат мутирани луѓе што биле под влијание на т.н. „Мозочен уништувач“ (англ. Brain Scorcher). Вештачката интелигенција на дивиот свет е високо развиена и покажува многу реалистични однесувања, како што се борби за храна и глутница, кои можат да се забележат во нескриптирани настани. Играчкиот погон е направен така што однесувањето на животните се пресметува дури и ако играчот се наоѓа во сосема друг дел од Зоната.
Постојат неколку различни варијации на аномалии, од кои секоја има уникатно влијание врз оние што ќе се најдат на нивниот пат. Тие можат да бидат потенцијално смртоносни за играчот и за неиграчките ликови, нанесувајќи електрични удари или подигнувајќи ги во воздух и згмечувајќи ги.[1][2] Повеќето аномалии произведуваат видливи нарушувања во воздухот или светлината, а нивниот дострел може да се утврди со фрлање на навртки (кои играчот ги носи во бесконечен број) за да ги активира.[3] Артефактите се наоѓаат расфрлани низ Зоната, често во близина на групи од аномалии. Освен што можат да се продадат за пари, голем број артефакти можат да се носат за да обезбедат одредени предности и недостатоци (на пример, зголемување на отпорноста на сталкерот кон пукање, додека истовремено го загадуваат со мали количини на зрачење), иако некои поретки артефакти обезбедуваат предности без никакви негативни ефекти.[4]
Приказна
[уреди | уреди извор]
Откако се буди во бункерот на трговецот на Кордон, главниот лик не се сеќава кој е, па Сидорович го нарекува „Обележаниот“ поради чудната тетоважа на неговата десна рака. Се открива дека главниот лик бил превезуван со еден од „камионите на смртта“ — камиони што сталкерите ги нарекуваат така бидејќи периодично се појавуваат, претпоставено од центарот на Зоната, и во кои, освен Обележаниот, никој не е пронајден жив.

Трговецот му соопштува на главниот лик дека ќе мора да го отплати своето спасување. Обележаниот треба да го пронајде сталкерот по прекар Снаодливиот. Тој носел USB-меморија со важни информации за Сидорович, но исчезнал некаде во близина на железничкиот мост. Откако разговара со Волк, командантот на локалниот камп за почетници, Обележаниот дознава дека Снаодливиот е заробен од бандити на АТП (Автотранспортното претпријатие). Откако ги поразува бандитите и го ослободува Снаодливиот, Обележаниот ја зема меморијата и се враќа кај Сидорович. Како награда, трговецот споделува информации за „Стрелок“: „Има еден таков сталкер. Велат дека нашол пат кон северот на Зоната“.
Сидорович нуди помош во потрагата по Стрелок, а за возврат Обележаниот треба да украде документи поврзани со центарот на Зоната, кои војската ги пронашла во зградата на поранешниот научно-истражувачки институт „Агропром“. На Сидорович и на другите трговци преминот кон центарот им е потребен за да го најдат легендарниот „Клондајк на артефакти“. Влезот во центарот е невозможен бидејќи патот е целосно блокиран од „Мозочниот уништувач“ (англ. Brain Scorcher). Обележаниот се согласува и го преминува железничкиот насип, кој е чуван од војници. Потоа, Сидорович го контактира преку радио и му вели дека сталкерот по прекар Лис, кој се вратил од длабок реид, е ранет и можеби знае нешто за Стрелок.
При средбата, Лис го упатува Обележаниот кај својот брат Сери, кој се наоѓа во хангар на Свалка (депонија). Откако Обележаниот им помага на сталкерите да се одбранат од бандити, информацијата од Сери го води до поранешниот дупчач по прекар Крот, кој го ископал скривалиштето на групата на Стрелок. Главниот лик го спасува Крот од војници во фабриката „Агропром“, а тој му ја посочува местоположбата — подземјето на „Агропром“. Обележаниот, борејќи се со војници и мутанти, го наоѓа скривалиштето, каде што се наоѓала флеш-меморијата што групата ја користела за допишување. Оттаму дознава дека во групата на Стрелок, покрај него, биле и Призрак и Клик. Според пораките, Клик загинал, а Стрелок сам тргнал кон центарот на Зоната. Излегувајќи од подземјето, Обележаниот завршува право во базата на војската, каде што ги краде документите по задача на Сидорович.
Откако дознава за ова, Сидорович по радио советува документите веднаш да се однесат кај Барменот, кој управува со сталкерскиот бар „100 рентгени“, сместен во поранешната фабрика „Росток“. Тој соопштува дека во документите се спомнува лабораторија со ознака X18, која се наоѓа во Темната Долина. За отворање на вратите се потребни два електронски клуча. Првиот му го дава самиот Бармен, а вториот е кај водачот на бандитите — Боров. Обележаниот продира во базата, го убива Боров, го зема клучот и ги наоѓа потребните документи.
Сидорович јавува дека базата е нападната од војници и дека премини кон Свалка се блокирани, но постои стар пат кон Кордон. Обележаниот излегува по тој пат и ги носи документите кај Барменот. По нивната анализа, Барменот дава упатство за недостаточниот дел од документите во лабораторијата X16 кај езерото Јантар. Обележаниот минува низ „Дивата Територија“, каде што гледа како платеници соборуваат вртолет на еколозите. Откако го спасува професорот Круглов, сталкерот добива флеш-меморија и со негова помош стигнува до мобилната лабораторија на еколозите. Нивниот шеф, професорот Сахаров, знае како да се заштити од пси-зрачењето, но за тоа му се потребни мерења. Обележаниот го придружува професорот до местото на мерење, борејќи се со мутанти и зомбија. По мерењето се случува „исфрлање“ — нагло зголемување на радиоактивната, аномалната и псионичката активност.
Откако добива пси-шлем, Обележаниот се упатува кон лабораторијата X16, ја исклучува инсталацијата што создава пси-зрачење и го наоѓа трупот на Призрак. Во неговиот КПК има запис дека „Докторот“ — заеднички пријател на групата — знае каде да се бара Стрелок. Каде е Докторот — знае Проводникот. Обележаниот ги носи документите кај Барменот, каде дознава дека „Мозочниот уништувач“ е вештачки создаден и може да се исклучи.
Обележаниот го наоѓа Проводникот на Кордон, кој му кажува дека Докторот е во скривалиштето на групата. Докторот му открива на Обележаниот дека тој всушност е Стрелок, а легендарниот „Исполнител на желби“ е само холограм. Докторот му зборува за скривалиште во Припјат, каде што се наоѓа декодер за таинствената врата во саркофагот на Чернобилската АЕЦ.
Обележаниот оди во Армиските складишта, каде им помага на „Слобода“ во одбраната на бариерата од борци на групацијата „Монолит“. Потоа ја исклучува инсталацијата на „Мозочниот уништувач“. Веста се шири низ Зоната, и сите големи групации почнуваат пробив кон центарот. Обележаниот се упатува кон Припјат, каде што се пробива до центарот на градот. Ако ја знае својата минатост, во хотелот „Полесие“ го наоѓа декодерот.
Кога стасува на територијата на самата нуклеарка, Обележаниот се соочува со војници и борци на „Монолит“. Војниците јавуваат за нов „исфрлање“. Обележаниот успева да влезе во саркофагот пред почетокот на исфрлањето, каде што го повикува „Исполнителот на желби“, додека борците на „Монолит“ се обидуваат да го спречат.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Electro“. GSC Game World. Архивирано од изворникот 16 July 2011. Посетено на 28 January 2011.
- ↑ „Vortex“. GSC Game World. Архивирано од изворникот 16 July 2011. Посетено на 28 January 2011.
- ↑ „Burner“. GSC Game World. Архивирано од изворникот 16 July 2011. Посетено на 28 January 2011.
- ↑ „Artefacts“. GSC Game World. Посетено на 28 January 2011.