Булка
| Булка | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| Ред: | Лутиковидни |
| Семејство: | Афиони |
| Род: | Афион |
| Вид: | Булка |
| Научен назив | |
| Papaver rhoeas L.[1] | |
| Синоними[2] | |
| |
Булка[3][4], божанка[5][6], божурига[7][8], божурика[9][10], див афион, пеперуга[б 1] тутенка[б 2] (науч. Papaver rhoeas) — едногодишно, поретко двегодишно зелјесто растение од семејството афиони Papaveraceae.
Во Македонија е широко распространето коровно растение, и тоа особено по житните култури, покрај патишта, брдски пасишта, меѓи и покрај грмушести растенија.[15]
Име
[уреди | уреди извор]Латинското име е papver rhocas. На македонското јазично подрачје познато е како кунинка (Посечан, Драма), божа (Горно Броди, Сер), пљускавец (Дојран и Долни Порој, Демир Хисар), була (Калиманци, Мелник), трамбула (Крчово), мачек (Петрово), пеперуди (Скребатно, Неврокоп), камбула (Врања, Демир Хисар), невеста (Долен, Неврокоп), божанка (Хрсово, Мелник), бажуни (Белица, Разлог), тутенка (Ресен), булач (Ветрино, Демир Хисар), кад'нка (Спатово), кокана (Плевља, Драма), божурига, божана (Пирава, Гевгелија)[16]
Опис
[уреди | уреди извор]
Булката е едногодишно тревесто растение, високо 20–80 см, со бел млечен сок и стебло и листови покриени со повеќе или помалку раштркани, груби влакна. Стеблото е исправено, тркалезно и разгрането, при што разгранувањето може да започнува уште од основата и да продолжува до врвот. Помладите делови имаат надолжни бразди, додека постарите имаат помазна површина и се покриени со раштркани влакна.
Листовите се покриени со груби, раштркани влакна. Приземните листови имаат долги лисни дршки и се пересто насечени. Нивните лиски се елиптични или јајцевидни, со зашилен врв и ситно назабен раб, а завршната лиска е значително поголема од страничните. Стеблените листови се приседнати, по облик елиптични или ланцетни и пересто разделени на потесни делови, кои се целокрајни или слабо назабени.
Цветовите се поединечни и се развиваат на долги цветни дршки покриени со раштркани влакна. Секој цвет има две чашкини ливчиња, кои лесно отпаѓаат, и четири венечни ливчиња, долги 20–40 мм. Венечните ливчиња се речиси кружни, најчесто црвени, поретко бели, а понекогаш имаат црна дамка во основата; и тие лесно отпаѓаат. Прашниците се многубројни, со тенки, кончести, темновиолетови прашнички конци и модрикави прашници. Плодникот е гол.
Плодот е топчеста или обратно јајцевидна кутијка, долга 10–20 мм и широка 5–10 мм. Во основата е заоблена, има слабо изразени надолжни ребра и е гола. Во внатрешноста се наоѓаат непотполни прегради и многубројни семиња. На врвот кутијката се отвора преку 8–15 кружни отвори. Дискот на жигот е рамен, со пречник од 7–10 мм и со 8–15 радијално распоредени жигови.[15]
Варијабилност
[уреди | уреди извор]- Papaver rhoeas subsp. strigosum
- Papaver rhoeas subsp. rhoeas
- Papaver rhoeas var. glabellum
- Papaver rhoeas var. rhoeas
- Papaver rhoeas f. rhoeas
- Papaver rhoeas f. erraticum
- Papaver rhoeas f. trifudum[15]
Употреба
[уреди | уреди извор]За лек се користат исушени цветови, кои содржат слузи, шеќери, антоцијани и друго[17]. Во народната медицина се употребува како средство против кашлица при бронхит и голема кашлица, против крварење, го скратува протромбонското време, против цревни болести, дијареја и слично[17].
Булката како тема во уметноста и популарната култура
[уреди | уреди извор]- „Булки без саксија“ — расказ на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска.[18]
- „Разговор со булките“ (српски: Разговор с булкама) - песна на српскиот поет Васко Попа.[19]
- „Булки крај шините“ - македонска телевизиска серија, снимена во 1981 година (со Петре Прличко и Рубенс Муратовски во главните улоги)
Галерија
[уреди | уреди извор]- Булки во афионово поле кај Сирково, Македонија
- Булки во афионово поле кај Сирково, Македонија
- Булки во афионово поле кај Сирково, Македонија
- Булки во афионово поле кај Сирково, Македонија
- Булки во афионово поле кај Сирково, Македонија
- Цвет на афион помеѓу цветови на булки
Белешки
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Linné, Carl von (1753). Species Plantarum. 1. Stockholm: Laurentius Salvius. стр. 507.
- ↑ „Papaver rhoeas (common poppy)“. kew.org. Архивирано од изворникот на 2020-11-17. Посетено на 24 јануари 2017.
- ↑ „булка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „булка“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божанка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божанка“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божурига“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божурига“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божурика“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „божурика“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „пеперуга“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „пеперуга“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „тутенка“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ „тутенка“ — Официјален дигитален речник на македонскиот јазик
- 1 2 3 Мицевски, Кирил (1993). Флора на Република Македонија. Том I св.2. Скопје: Македонска академија за науките и уметностите. стр. 156.
|access-date=бара|url=(help) - ↑ Билтен на одборот за изработување на македонската терминологија, МАНУ, Скопје, 1974, стр. 8
- 1 2 Најдовски, Живко. „БУЛКА – PAPAVER RHOEAS (БУЛА, ДИВ АФИОН, ТУТЕНКА)“. Итар Пејо. Архивирано од изворникот на 2020-09-21. Посетено на 8 јуни 2018.
- ↑ Очудувања #1 #2 (кратки раскази). Скопје: Бегемот, 2018, стр. 70-72.
- ↑ Vasko Popa, Pesme. Beograd: Bigz, 1978, стр. 169.
|
|