Lotus angustissimus
| Lotus angustissimus | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Lotus |
| Вид: | Lotus angustissimus |
| Научен назив | |
| Lotus angustissimus L.[1] | |
| Синоними | |
|
Lotus angustissimus var. uniflorus Matvejeva | |
Lotus angustissimus — едногодишен (но има и повеќегодишни примероци) вид на лотос од семејството бобови опишан од Карл Линеј. Има широка распространетост, од Макаронезија до Шјинџјианг во Кина.[1] Се среќава во Македонија и повремено во Шведска, но не се размножува таму. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е едногодишно, поретко повеќегодишно, високо 20–30 см, разгрането уште од основата и по целата должина. Стеблото е тенко, исправено или приподигнато и по целата површина покриено со долги раширени влакна. Растението формира подлоги на земјата. Листовите се составени од пет ливчиња. Лисната дршка е многу куса, три до четири пати покуса од ливчињата. Ливчињата се покриени со долги раширени влакна; кај долните стеблени листови се обратнојајцевидно-копјести, со кусо заострен врв, а кај горните се тесно копјести и завршуваат со остар врв.[2]
Цветовите, по еден до два (ретко три), се групирани во мали соцветија, кои во основата се обвиени со еден приседнат лист составен од три ливчиња. Дршката на соцветието е тенка и нежна, два до три пати подолга од соодветниот пазувен лист. Цвета од јули до август.[2][3]
Чашката е тесноѕвонеста, долга околу 6 мм и покриена со ретки долги раширени влакна. Запците се линејно-шиловидни, долги околу 3 мм. Венчето е жолто, со црвени жили и долго околу една третина повеќе од чашката. Барјачето е долго 6–7 мм и благо свиткано нагоре. Крилцата се малку покуси од барјачето, а лаѓичката е благо искривена речиси под прав агол и завршува со долг клун, кој е долг колку барјачето. Плодот е тенка, гола, цилиндрична мешунка, долга околу 20 мм и широка 1–1,5 мм. Семињата се карактеристично црвенкави.[2][4]
Распространетост низ светот
[уреди | уреди извор]Lotus angustissimus има широка распространетост од Макаронезија, Северна Африка, Европа и Западна Азија до Кавказ, Казахстан, Западен Сибир и Шјинџјианг.[1] Воведен е и на други места, вклучувајќи ја Калифорнија,[1] каде што се смета за плевел.[3]
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Lotus angustissimus расте по брдски пасишта и камењари до надморска височина од 1000 метри. Растението се среќава во селата Петровец и Катланово во Скопје, селото Богомила во Велес, меѓу Маркови Кули и манастирот Трескавец, селото Загорани и Селечка Планина во Прилеп, Црновршка Река и селото Карамани во Битола, околината на Кочани, Македонска Каменица, селата Тодоровци и Косевица во Делчево, околината на Пехчево, околината на Радовиш, селата Чифлик, Банско и Ново Село во Струмица, околината на Моноспитовско Блато, околината на Валандово, Богданци и Гевгелија.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 3 4 Plants of the World Online. Кралски ботанички градини во Кју https://powo.science.kew.org/taxon/503465-1. Отсутно или празно
|title=(help) (англиски) - 1 2 3 4 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1355.
- 1 2 „Lotus angustissimus“, Calflora, Беркли, Калифорнија: The Calflora Database Invalid
|mode=Грешка во скриптата: Нема модул наречен „Citation mode“.(help) (англиски) - ↑ „Lotus angustissimus“. Служба за заштита на природните ресурси при USDA — база PLANTS.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Lotus angustissimus“ на Ризницата ? 
„Lotus angustissimus“ на Викивидовите ?
|