Lotus aegaeus
| Lotus aegaeus | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Lotus |
| Вид: | Lotus aegaeus |
| Научен назив | |
| Lotus aegaeus (Griseb.) Boiss. | |
Lotus aegaeus — повеќегодишен тревест вид на лотос од фамилијата бобови опишан од Август Гризебах и Пјер Едмон Боасје, по потекло од Балканскиот Полуостров до Северозападен Иран.[1][2] Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е повеќегодишно тревесто растение, силно разгрането, високо 20–40 см. Стебленцата се исправени и разгранети, по површината покриени со долги (до 2 мм) раширени влакна и куси груби влакненца. Листовите се составени од пет ливчиња и од двете страни се покриени со долги влакна. Лисната дршка обично е покуса од ливчињата. Ливчињата се обратнојајцевидни, во основата и на врвот заострени, долги 5–15 мм и широки 4–10 мм.
Цветовите, по три до пет, се групирани во главичести соцветија. Дршката на соцветието е 1,5–3 пати подолга од соодветниот пазувен лист, а во основата на главичестото соцветие се наоѓа еден приседнат лист составен од три ливчиња.
Чашката е ѕвонеста, долга околу 10 мм и покриена со густи долги раширени влакна. Нејзиниот ѕвонест трубест дел е долг околу 3 мм. Запците се долги околу 7 мм, линејно-шиловидни и во основата триаглести. Венчето е жолто. Барјачето е долго 18–25 мм и широко 10–12 мм, речиси кружесто до широкоелиптично, со кус клинест дел во основата. Крилцата се долги 15–18 мм, широкоелиптични и во основата имаат клиновиден дел долг 3–4 мм. Лаѓичката е благо искривена, долга колку крилцата и завршува со издолжен клуновиден дел со виолетовожолта боја. Плодот е речиси цилиндрична, малку странично сплескана, кафеава и гола мешунка, долга 3–4 мм, со испакнати мрежести жили.[3]
Lotus aegaeus цвета во мај, јуни и јули.[4]
Распространетост и живеалиште низ светот
[уреди | уреди извор]Lotus aegaeus има некои спорадични појави во Мексико во близина на границата со САД.[5] Lotus aegaeus расте во карпести и суви обработливи области и чакалести суви падини.
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Lotus aegaeus расте по брдски пасишта, камењари, карпи, покрај патишта и по меѓи. Растението се среќава во околината на Стар и Нов Дојран, селото Ѓопчели и местата наречени Асанали и Ѓуранѓа во Гевгелија, клисурата на Демир Капија, покрај патот помеѓу Неготино и Демир Капија, и Љубаш во Кавадарци.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Lotus aegaeus (Griseb.) Boiss. | Plants of the World Online | Kew Science“. Plants of the World Online (англиски). Посетено на 2024-08-07.
- ↑ „Lotus aegaeus | Yabani Çiçekler“. yabanicicekler.com (турски). Посетено на 2025-01-28.
- 1 2 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1354.
- ↑ „Lotus aegaeus | Yabani Çiçekler“. yabanicicekler.com (турски). Посетено на 2024-08-07.
- ↑ „Lotus aegaeus (Griseb.) Boiss“. www.gbif.org (англиски). Посетено на 2024-08-07.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Lotus aegaeus“ на Викивидовите ?
|