Libro de la Invención Liberal y Arte del Juego del Axedrez

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Насловната страница од книгата

Libro de la Invención Liberal y Arte del Juego del Axedrez (во превод: Книга за откривањето на уметничката игра шах) — едно од најстарите книги за современиот шах во Европа. Автор на делото е шпанскиот калуѓер Реј Лопез де Сегура, кој бил инспириран од делото Questo libro e da imparare giocare a scachi од Педро Дамјано од 1512 година. Сегура се стремел да создаде книга, во која грешките од Дамјановата ќе бидат поправени. Така, тој создал дело, кое претставува водич во играта со основните правила и основната стратегија и тактика. Некои првила во книгата биле споменати за прв пат, а и денес се дел од играта. Книгата е напишана во 1561 година и била издадена во Алкала де Енарес.

Историја[уреди]

Во 1560 година, Реј Лопез престојувал во Рим, каде што имал можност да ја разгледа книгата Questo libro e da imparare giocare a scachi, која исто така се однесувала на шахот и чиј автор бил Педро Дамјано. Анализирајќи ја содржината на оваа книга, Лопез утврдил дека содржината не е најсоодветна и дека во неа има грешки кои може да се поправат, па решил да напише нова, подобрена книга за играта. Предизвикан и инспириран од Дамјановото дело, Лопез во своето дело ги критикувал анализите на Дамјано.[1] Оригиналното издание на книгата е на шпански јазик, додека во 1584 година, истата била преведена на италијански, а во текот на 17. век и на француски јазик.[2]

Содржина[уреди]

Меѓу другото, содржината на книгата содржи податоци за потеклото на играта, ги содржиправилата на играта, како и некои совети за подобрување н играта и создвавање на почетната стратегија и тактика.

Содржината во книгата е поделена во четири дела.

Првиот дел, главно се однесува за шаховската игра. Во него е опишана историјата на играта, а се наведени и шаховските правила, според кои играта се играла во Шпанија. Во тоа време, правилото пат се сметало како победа на шахистот кој се наоѓал во пат позиција, за разлика од денешниот исход на позицијата, реми. Во книгата, исто така е наведено и правилото, коешто тогаш важело, а му овозможува на еден од противниците да победи ако ги освои сите фигури на противникот, со исклучок на кралот. Во овој дел, исто такае воведено и правилото за реми по 50 потези, коешто е едно од основните правила на играта и денес.

Во вториот дел, Лопез го употребил поимот „гамбит“ и претставил некои отворања, коишто дотогаш не бил издадени, како: Кралевиот гамбит, некои варијанти во Отворањето со ловец и денешната Штајницова варијанта во Шпанска партија.

Содржината во последните два дела од книгата, всушност претставува критика на анализите на Педро Дамјано во своето дело Questo libro e da imparare giocare a scachi. Имено, по почетните потези 1.е4 е5 2. Sf3, Дамјано сметал дека најдобар потег за црниот е потегот 2...Sc6. Но, Лопез тоа го сметал за погрешен потег, поради потегот 3.Lb5. За настанатото отворање, голем придонес имал Лопез, па во западната литература е познато под неговото име, иако отворањето било познато и претходно.[3]

Поврзано[уреди]

Наводи[уреди]

  1. Harry Golombek, Golombek's Encyclopedia of Chess, Crown Publishing, 1977, стр. 186, ISBN 0-517-53146-1
  2. Anne Sunnucks, The Encyclopaedia of Chess, St. Martins Press, 1970, стр. 294, ISBN 978-0-7091-4697-1
  3. David Vincent Hooper, Kenneth Whyld, Оксфордски шаховски придружник (второ издание), Oxford University Press, 1992, стр. 234-235, ISBN 0-19-280049-3

Користена литература[уреди]