Прејди на содржината

Left 4 Dead 2

Од Википедија — слободната енциклопедија
Left 4 Dead 2

Изработувач(и)Valve
Издавач(и)Valve
Дизајнер(и)Мајк Бут
Писател(и)Чет Фалишек
Композитор(и)Мајк Мораски
СеријалLeft 4 Dead
ПогонSource
Подлоги
Датум на издавање
Жанр(ови)пукачка игра од прво лице, ужас за преживување
Режим(и)едноиграчки, повеќеиграчки

Left 4 Dead 2 — кооперативна пукачка игра од прво лице со елементи на ужаси за преживување, развиена и објавена од американската компанија Valve Corporation. Таа е продолжение на играта Left 4 Dead и била објавена за Microsoft Windows и Xbox 360 на 17 ноември 2009 г. во САД, а на 20 ноември во Европската Унија и Обединетото Кралство. Светската премиера се одржала во 2009 г. на изложбата за игри E3. На 5 октомври 2010 г., Left 4 Dead 2 станала достапна на платформата macOS, а бета-верзијата за Linux била објавена на 4 мај 2013 г.[1][2]

Како и во првата игра, дејството во Left 4 Dead 2 се одвива по појавата на непознат вирус што ги зомбира луѓето, што довело до хаос низ целите Соединети Држави. Во центарот на вниманието е преживувањето на четворица луѓе и нивната борба со ордите на Заразените. Преживеаните мораат да се пробиваат низ нивоата, поделени со засолништа (англ. safe room) — добро скриени и зајакнати простории, недостапни за Заразените од кој било вид (кои работат како контролни точки), со цел да стигнат до спасувачки превоз на крајот од кампањата.

Веднаш по објавувањето, играта имала голем успех и добила многу потврдни одзиви. Како и во првиот дел, развивачите успеале добро да ја пренесат атмосферата на ужас и очај, која произлегла од ширењето на непознатиот вирус во светот на играта. Благодарение на работата на „Режисерот“ (вештачка интелигенција што ја следи играта и влијае на играчкиот процес), секое поминување низ играта е исклучително и неповторливо, а нагласокот на заедничката работа ја прави играта една од најдобрите меѓу кооперативните пукачи. Исто така, уникатност на оваа серија пукачки игри дава и необичниот мрежен режим, во кој противничките екипи се ставени во различни услови: едни играат како луѓе, а други како Посебни Заразени.

Како и првиот дел, играта е создадена со помош на сопствениот погон на Valve — Source верзија 15 за платформите Windows NT, Xbox 360 и macOS. Во споредба со Left 4 Dead, графиката во играта претрпела голем број подобрувања: биле додадени временски појави; текстурите станале подобро детализирани; анимацијата на Заразените и физиката на оштетувања станале поразработени (Заразените сега можат да се исечат, да се растргнат на парчиња (со помош на експлозив), можат да им се отстрелаат екстремитетите). Исто така, бил преработен и играчкиот процес. На 23 декември 2009 г. била додадена официјална поддршка за картите и додатоците од првиот дел на играта. Бил објавен и SDK.

Оружје и предмети

[уреди | уреди извор]

Во играта останале сите првични видови наоружување, а биле додадени и нови видови огнено оружје, вклучувајќи гранатофрлач и митралез М60, чие стреливо не може да се надополнува. Се појавиле и предмети што го подобруваат оружјето — ласерски нишани, што ја зголемуваат точноста, како и пакувања со запаливи и избувливи куршуми, што значително ја зголемуваат штетата од истрелите.

Освен тоа, додадено е и оружје за борба одблиску, кое е алтернатива на пиштолите со бесконечно стреливо. Вкупно има 13 видови оружје од овој тип: тава, крикетска палка, бејзболска палка, тонфа, хебла, гитара, мачета, секира, катана, палка за голф, вклучувајќи ги додадените на 24 септември 2020 г., лопата и вила. Тие се разликуваат не само по изгледот, туку и по брзината на напад и полупречникот на оштетување. Сите, освен моторната пила, нанесуваат 380 единици штета по удар. Штетата врз Тенк изнесува 5 % од неговото здравје, а врз Вештерка 25 %.

Исто така, додадено е и ново фрлачко оружје „Шишенце со слуз на Дебелиот“, кое при удар ги тера обичните Заразени да го нападнат местото каде што се скршило или еден со друг, доколку се скрши на Заразени.

Покрај комплетите за прва помош и апчињата за болки, се појавиле и други медицински средства — дефибрилатор за еднократна употреба, со чија помош може да се оживее убиен Преживеан, и шприцови со адреналин, кои не само што привремено го обновуваат здравјето, туку и ја зголемуваат брзината на сите дејности.

  1. „E3 09 Live Game Demos at GameSpot“. GameSpot. 2009-06-02. Архивирано од изворникот 2011-07-11. Посетено на 2009-06-02.
  2. Kuchera, Ben (2009-06-04). „Before its time? Valve explains Left 4 Dead sequel to Ars“. Ars Technica. Архивирано од изворникот 2012-05-06. Посетено на 2009-06-04.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]