Irriducibili

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Една од најпопуларните навивачки групи на Апенините со сигурност се навивачите на СС Лацио, познати како Irriducibili, што во превод значи нескршливи или непобедливи. Тие се основани во 1987 година, а првиот натпревар на кој навивале се одиграл на 18 октомври истата година против Парма, на кој тие го заземаат централното место на северната трибина на стадионот „Олимпико“, позната како Curva Nord. За своја маскота групата го избира карактерот Mr. Enrich. Групата уште тогаш го наметнува својот препознатлив стил кој за основа го зема англискиот начин на навивање. На гостувањата тие патуваат со возови, одбиваат помош од управата, изработуваат бар шалови, мали знамиња, не користат тапани, издаваат свои фанзини и слично. Пред да се појават Irriducibili, Лацио бил бодрен од страна на неприкосновените Eagles Supporters, група која станува главен ривал на Irriducibili по нивното појавување.

Иридучибили се познати како ултрадесничарска група која често се поврзува со партијата на внуката на Бенито Мусолини. Тие со задоволство истакнуваат дека Мусолини навивал токму за Лацио. Нивни членови се забележувани на политички митинзи, а често на нивната трибина се случува агитирање и пропагирање на десничарските партии, за што се критикувани од новинарите, но и од оние коишто се залагаат за ултрас без политика. Италијанската химна и уште неколку националистички песни се на редовниот репертоар на скоро секој натпревар. Своевремено како дете член на Irriducibili бил и италијанскиот фудбалер Паоло ди Канио кој во 1989 година преминал кај нив од горе споменатите Eagles Supporters. Групата има своја радио-станица „Гласот на северната трибина“ и 14 продавници во околината на Рим.

Како нивни пријатели на навивачката сцена можат да се одвојат навивачите на Верона, Интер и Челси, иако во последно време на нивната трибина се појавуваат транспаренти на уште еден куп нови пријателства како Ultras Sur на Реал Мадрид, Ultras Espanyol, Ултрас Левски од Софија и други. Главни ривали им се навивачите на Рома, Аталанта, Ливорно, Милан и други.