Hollow Knight
| Hollow Knight | |
|---|---|
| Изработувач(и) | Team Cherry |
| Издавач(и) | Team Cherry |
| Дизајнер(и) |
|
| Програмер(и) |
|
| Уметник(ци) | Ари Гибсон |
| Композитор(и) | Кристофер Ларкин |
| Погон | Unity |
| Подлоги | |
| Датум на издавање | Главна игра
Дополненија
|
| Жанр(ови) | метроидванија |
| Режим(и) | едноиграчки |
Hollow Knight (македонски: Шупливиот Витез) — компјутерска игра во жанрот метроидванија, развиена и објавена од австралиското инди-студио Team Cherry на 24 февруари 2017 г. за Windows. Еден месец подоцна, таа била пренесена од развивачите и за Linux и macOS. Развојот на играта бил спонзориран преку платформата Kickstarter.
Играта раскажува за авантурите и откритијата на еден безимен витез во одамна напуштеното кралство на инсектите Халоунест (англ. Hallownest). Некои критичари ја нарекле играта една од најатмосферните и најквалитетните метроидвании, како и класика на жанрот.[1]
Играчки процес
[уреди | уреди извор]Главниот дел од играта Hollow Knight се заснова на истражување на светот на играта, што вклучува преминување на платформи, потрага по тајни и борби со непријателите што се среќаваат по патот. Играчот треба да истражи огромен, меѓусебно поврзан свет, користејќи посебни надградби за движење и трикови од борбениот систем, како што е одбивање на некои закани со удари. Како и во секоја метроидванија, многу области имаат пречки што можат да се надминат само со победување на одредени босови и добивање надградби од нив. На овој начин, играчите ќе мораат повторно да ги посетуваат веќе истражените области во потрага по тајни или за напредување во приказната. Некои области се менуваат како што напредува приказната, па повторното посетување понекогаш носи изненадувања. Секоја област е поврзана со друга преку неколку премини, па играта може да се помине на различни начини. Секоја област има своја карта, но таа првично е недостапна. За да се добие карта на одредена област, треба да се најде картографот во таа област и да се купи картата од него за месна валута (или да се земе подоцна во продавницата за карти, но за повисока цена), по што играчот самостојно ја пополнува со посетување на местата.
Борбениот систем се заснова на употребата на клин од страна на главниот лик — местен аналог на меч. Може да се напаѓа во четири насоки: нагоре, надолу, десно и лево. Клинот може да се надгради неколкупати кај ковачот, а може да се научат и особени техники за користење на клинот од мајсторите на борбата кога ќе се сретнат. Ударите врз непријателите натрупуваат посебен ресурс, душа (Soul), во посебен сад, кој може да се искористи или за лекување или за употреба на посебни вештини.
Ако играчот умре, тој ја губи целата натрупана валута и една третина од главниот сад за „душата“, а на местото на смртта останува непријателска сенка (Shade). Ако се убие сенката, играчот ќе ја врати целата претходно натрупана валута и главниот сад за душа.
Приказна
[уреди | уреди извор]Поголемиот дел од приказната на Hollow Knight не е раскажан директно, туку преку предмети, плочки, мислите на другите ликови и слично. Исто така, многу мигови од приказната се раскажани само со навестувања, а многу тајни области не содржат само надградби, туку често и делче од историјата на светот.
На почетокот, играчот го посетува површинскиот град Калмут. Овој град се наоѓа над урнатините на кралството и е недостапен за кошмарите што го проголтале кралството. Играчот се спушта долу за да истражи што се случило и да најде одговори на прашањата. Повеќето од непријателите се бубачки што го изгубиле својот разум или паднале под управување на одредена „Чума“. Играчот се спушта сѐ подлабоко, и сѐ повеќе работи стануваат појасни, а последиците од ширењето на Чумата се сѐ пострашни. На крајот, се открива поврзаноста меѓу нашиот јунак и кралството, а станува јасна и вистинската судбина на нашиот јунак: да ја содржи причината за Чумата во себе, заменувајќи го својот претходник, со што ќе го спречи нејзиното распространување.
Меѓутоа, ако се отклучи тајниот крај, играчот има можност да се бори со божеството на молците, Сјајот, и да ја уништи Чумата.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Marks, Tom (2017-07-10). „Hollow Knight review“ (англиски). PC Gamer. Архивирано од изворникот 2017-07-13. Посетено на 2017-07-10.