Halo 2
| Halo 2 | |
|---|---|
| Изработувач | Bungie |
| Издавач | Microsoft Game Studios |
| Дизајнер | Џејми Гризмер |
| Сценарист | Џозеф Стејтен |
| Композитор | |
| Серијал | Halo |
| Подлоги | |
| Датум(и) | Xbox: Windows: |
| Жанр | пукачка игра од прво лице |
| Режим | едноиграчки, повеќеиграчки |
Halo 2 (македонски: Ореол 2) — пукачка игра од прво лице, развиена од компанијата Bungie и објавена од Microsoft Game Studios. Играта била издадена во 2004 г. за конзолата Xbox, во 2007 г. за Windows, во 2014 г. била реиздадена за Xbox One, а во 2020 г. излегло повторното издание за Windows. Ова е втората игра од серијалот Halo и продолжение на Halo: Combat Evolved. Играчот ги презема улогите на човекот Мастер Чиф (главниот лик од првата игра) и елитниот воин Арбитер во судир во XXVI век помеѓу човечката ВКОН (Вселенска команда на Обединетите нации), Заветот (сојуз на вонземјански раси) и паразитскиот облик на живот — Потопот.
Веднаш по објавувањето, Halo 2 станала најпопуларната игра на услугата Xbox Live и го држела тоа место сѐ до појавувањето на Gears of War за Xbox 360, две години подоцна. До 20 јуни 2006 г., биле одиграни повеќе од 500 милиони натпревари во Halo 2, со поминати над 710 милиони часови на Xbox Live; до 9 мај 2011 г., бројот на нови играчи се зголемил за повеќе од 5 милиони. Во ноември 2008 г., Halo 2 била признаена како најпродавана игра за конзолите од шестото поколение. Ширум светот биле продадени 8,46 милиони примероци, од кои најмалку 6,3 милиони во САД.
Критичарите ја примиле играта главно потврдно, со широки пофалби за силната повеќеиграчка компонента, додека, во исто време, кампањата се нашла на удар на критики поради нејзиниот ненадеен и недовршен крај.
Играчки процес
[уреди | уреди извор]Halo 2 е пукачка игра од прво лице со силен фокус на приказната. Играта претставува проширен сет на возила заедно со други измени во играчкиот процес во споредба со својот претходник. Во изворната Halo, играчот имал посебни показатели за здравјето и за штитот. Во Halo 2, показателот за здравје веќе не е видлив, но штитовите на играчот се обновуваат побрзо доколку тој не прима штета.
Нови можности во Halo 2:
- Македонска стрелба: Одредени видови оружја сега можат да се носат во двете раце одеднаш, при што прецизноста се намалува и се губи можноста за користење гранати и напади од близина.
- Ново оружје: Се појавуваат нови модели на оружје како кај ВКОН (автомат M7), така и кај Заветот (зрачна пушка, карабин и др.). Од сојузничките војници може да се земе нивното оружје во замена за своето — под услов оружјата да не се од ист тип.
- Нови возила: Кај двете страни се појавуваат нови возила. ВКОН добива видоизменување на возилото „вортог“ (англ. Warthog) со панцирни куршуми. Во возниот парк на Заветот, превозниот брод „Дух“ е заменет со поуниверзалниот „Фантом“, а се појавува и возилото „спектре“. За разлика од првата игра, возилата на луѓето сега се подложни на уништување исто како и оние на Заветот.
- Преземање: Играчот и останатите ликови добиле можност да извршат насилно преземање на секое возило (освен леталата), со тоа што можат или да го убијат воздухопловецот или да го исфрлат од возилото.
Исто како и во првата игра, секое оружје има свои предности и мани. На пример, повеќето оружја на Заветот не користат шаржери со куршуми, туку батерија што не може да се наполни кога ќе се потроши. Меѓутоа, овие оружја можат да се прегреат при подолго пукање. Човечкото оружје е помалку ефикасно против штитови и бара преполнување, но не се прегрева и е поуспешно против цели без штитови. Играчот може да носи максимум осум гранати (четири избувливи и четири плазмени). Како посебна способност на оклопот, Мастер Чиф поседува фенер, додека Арбитерот користи привремена оптичка камуфлажа.
Приказна
[уреди | уреди извор]Играта Halo 2 започнува со судењето на командантот на Елитите на Заветот на главниот град брод „Високо милосрдие“. Поради неуспехот да го спречи уништувањето на прстенот Ореол, Елитот е лишен од својот чин, жигосан е како еретик и е подложен на мачење од страна на Тартарус, водачот на Брутите. Врховните пророци на Заветот — Вистина, Жалење и Милосрдие — го поштедуваат од смртна казна и му даваат шанса да стане Арбитер — чин што им се доделува на Елитите само во времиња на големи кризи. Како Арбитер, тој задушува бунт и успева да ја врати вештачката интелигенција 343 Гилти Спарк.
Во меѓувреме на Земјата, адмиралот Худ им оддава признание на Мастер Чиф и наредникот Ејвери Џонсон за нивните заслуги во првата игра, а командантот Миранда Киз прима медал во име на својот загинат татко, капетанот Џејкоб Киз. Одеднаш, во близина на Земјата се појавува флота на Заветот. За време на битката, еден брод со Пророкот на Жалењето успева да ја пробие одбраната и го напаѓа африканскиот град Нова Момбаса. Мастер Чиф помага во одбивањето на упадот. Откако неговата флота е уништена, Пророкот на Жалењето врши избрзан скок во хиперпросторот, а Киз, Џонсон, Кортана и Мастер Чиф го следат со бродот на ВКОН, „Килибарна одора“ (англ. In Amber Clad). Екипата открива уште еден прстен Ореол. Сфаќајќи ја опасноста, Киз го испраќа Мастер Чиф да го убие Пророкот на Жалењето, додека таа и Џонсон тргнуваат во потрага по Индексот — клучот за активирање на прстенот.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Haske, Steven (30 мај 2017). „The Complete, Untold History of Halo“. Vice. Vice Media. Архивирано од изворникот March 15, 2018. Посетено на 27 март 2018.