Fairy Tail
![]() Корица на јапонското издание на том 43 од мангата Fairy Tail | |
Автор | Хиро Машима |
---|---|
Жанр | авантура фантазија |
Објавена | 2 август 2006 — 26 јули 2017 (манга) 12 октомври 2009 — 29 септември 2019 (аниме) 15 април 2011 — 18 декември 2016 (OVA) |
Издавач | Kodansha |
Fairy Tail (буквално: Самовилска опашка, јапонски: フェアリーテイル) — јапонска манга напишана и илустрирана од Хиро Машима. Била објавувана во неделното списание Weekly Shonen Magazine на Kodansha од август 2006 г. до јули 2017 г., со тоа што одделните поглавја биле собрани и објавени во 63 тома танкобон. Приказната ги следи авантурите на Нацу Драгнил, член на популарната гилда на волшебници „Самовилска опашка“, додека патува низ измислениот свет на волшебници во потрага по змејот Игнил.[1]
Мангата била адаптирана во аниме-серија од A-1 Pictures, Dentsu Inc., Satelight, Bridge и CloverWorks, која била прикажана во Јапонија на TV Tokyo од октомври 2009 г. до март 2013 г. Втората серија била прикажана од април 2014 г. до март 2016 г. Третата и последна серија била прикажана од октомври 2018 г. до септември 2019 г. Серијата исто така вдахнала бројни манга-спинофови, вклучувајќи го претходникот од Машима, Fairy Tail Zero, и продолжението што тој го нацртал, наречено Fairy Tail: 100 Years Quest. Дополнително, A-1 Pictures развил девет оригинални анимации и два анимирани филма.[2]
Мангата првично била лиценцирана за издавање на англиски јазик во Северна Америка од Del Rey Manga, која започнала со издавање на одделните тома во март 2008 г. и ја завршила лиценцата со 12-тиот том во септември 2010 г. Во декември 2010 г., Kodansha USA ја презела северноамериканската издавачка верзија на серијата. Мангата исто така била лиценцирана во Обединетото Кралство од Turnaround Publisher Services, и во Австралија од Penguin Books Australia. Анимето било лиценцирано од Crunchyroll за англиски издавачки права во Северна Америка. Југоисточната азиска мрежа Animax Asia ја прикажувала англиската верзија на анимето од 2010 г. до 2015 г. До февруари 2020 г., мангата Fairy Tail имала над 72 милиони примероци во печат, што ја прави една од најпродаваните манга-серии на сите времиња.
Содржина
[уреди | уреди извор]Дејството на мангата се случува во измислен свет, населен со волшебници. Волшебниците се обединуваат во гилди, каде што ги усовршуваат своите волшебни способности и заработуваат со извршување разни задачи. 17-годишната маѓепсничка на духови, Луси Хартфилија, бега од дома и се приклучува на гилдата „Самовилска опашка“, чии членови се познати по своите разрушителни дејства. Во гилдата ја поканува убиецот на змејови, Нацу Драгнил, кој патува низ Кралството Фиор во потрага по својот посвоен татко, змејот Игнил. Луси се приклучува на Нацу и неговиот летачки мачор Хепи. Подоцна во нивната екипа се приклучуваат мразниот маг Греј Фулбастер и волшебницата Елза Алова, која може да ги преобрази своите оклопи и оружја. Петте херои извршуваат задачи под покровителство на гилдата. Задачите вклучуваат гонење злосторници, членови на незаконски злосторнички гилди и древни демони, создадени од бесмртниот темен волшебник Зереф.
Некои членови на „Самовилската опашка“ се борат со Зереф на светиот остров на гилдата, Островот на Светиот Волк. Поради Зереф, помеѓу „Самовилската опашка“ и соперничката гилда „Срце на Гримура“ започнува судир, кој привлекува внимание на злиот црн змеј по име Акнологија. Змејот го напаѓа островот, но волшебниците од „Самовилската опашка“ се заштитени со волшепство од основачката на гилдата, Мејвис Вермилион, ставајќи ги во застој за седум години. Како последица на тоа, волшебниците го преживуваат нападот на Акнологија. Зереф го напушта островот за да размисли за своите понатамошни дејства. Решавајќи да го уништи човештвото заради повикувањето на Акнологија, Зереф организира битка меѓу „Самовилската опашка“ и темната гилда „Тартарос“, составена од демоните етериус. Целта на „Тартарос“ е да го ослободи од волшебен затвор мајсторот на гилдата, најсилниот демон E.N.D. Акнологија се враќа за да ги уништи двете гилди, но го сопира Игнил, кој како што се открива, се запечатил во телото на Нацу Драгнил. Волшебниците на „Самовилската опашка“ ги победуваат демоните на „Тартарос“. Акнологија го убива Игнил и Нацу се заколнува да се одмазди за неговата смрт.
По една година обучување, Нацу со Хепи се враќаат и дознаваат дека водачот на „Самовилската опашка“, Макаров Дрејар, цело време се обидувал да го спречи нападот на милитаристичката империја Алварес, управувана од Зереф. Во време на битката со војската на Зереф, Нацу дознава дека всушност е одамна починатиот помал брат на Зереф, кого тој го воскреснал како демон E.N.D. (Etherious Natsu Dragneel), со цел да се ослободи од проклетството на бесмртноста.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „FAIRY TAIL (1) 真島ヒロ“ (јапонски). Kodansha. Архивирано од изворникот на септември 17, 2009. Посетено на јули 7, 2009.
- ↑ Ressler, Karen (December 10, 2018). „Fairy Tail: Final Season Anime Listed With Planned 51 Episodes“. Anime News Network. Архивирано од изворникот 20 април 2019. Посетено на 10 декември 2018.