Dorycnium herbaceum
| Dorycnium herbaceum | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Lotus |
| Вид: | Dorycnium herbaceum |
| Научен назив | |
| Lotus herbaceus (Vill.) Jauzein[1] | |
| Синоними[1][2][3] | |
| |
Dorycnium herbaceum, познат исто под синонимот Lotus herbaceus — повеќегодишен вид на Lotus од фамилијата бобови опишан од Доминик Вилар.
Опис
[уреди | уреди извор]Растението е повеќегодишно тревесто растение или мала полугрмушка, високо до 70 см, силно разгрането уште од основата. Стеблото е исправено или приподигнато и покриено со густи прилегнати влакненца, а кај некои растенија по рабовите има и поретки полураширени или раширени влакна. Листовите се без рахис и се приседнати. Ливчињата се долгнавесто-обратнојајцевидни, поретко елиптични или копјести, долги 7–16 мм и широки 3–5 мм, со плитко заострен врв и цел раб. По површината имаат ретки или густи влакна, а ливчињата на најгорните листови и на листовите во долниот дел на стеблото се помали.
Соцветијата се топчести, со пречник од 8–10 мм и составени од 15–25 цветови. Дршката на соцветието е долга 15–75 мм и покриена со прилегнати или раширени влакна. Цветовите се долги 3–5 мм, а цветните дршки се еднакво долги со трубестиот дел на чашката или малку подолги. Тие се покриени со прилегнати куси влакненца или со полуприлегнати до раширени подолги влакна.
Чашката е долга околу 2 мм и е покриена со прилегнати куси влакненца или со густи раширени долги влакна. Запците се нееднакви по должина. Венчето е долго 3–5 мм, голо, бело, поретко бледорозово. Барјачето е долго 3–5 мм, долгнавесто-елиптично, во средината малку или воопшто не е стеснето. Крилцата се покуси од барјачето, а лаѓичката во горниот дел е надолжно свиткана, во основата со тенок и долг клинест дел и најчесто е темновиолетова, поретко бела. Плодот е јајцевидна до долгнавесто-јајцевидна, гола мешунка, долга 3–4 мм и широка 1,5–2 мм, која обично содржи едно семе.[4]
Варијабилност
[уреди | уреди извор]- Dorycnium herbaceum var herbaceum (синоним: Lotus herbaceus subsp. herbaceus) — стеблата, дршките на соцветијата и цветните дршки се препокриени со прилегнати куси влакненца.[4]
- Dorycnium herbaceum var macedonicum — стеблата, дршките на соцветијата и цветните дршки се препокриени со расперени долги влакна.[4]
Распространетост низ светот
[уреди | уреди извор]Lotus herbaceus може среќава во јужна и источна Европа, преку Турција, па сè до Кавказ. Исто така, се простира и во Северна Африка.
Распространетост во Македонија
[уреди | уреди извор]Dorycnium herbaceum расте по брдски пасишта, тревести места, покрај патишта, во клисури, на камењари, на отворени места, места во деградирани дабови и букови шуми на надморска височина од 150 до 1600 метри. Неговите различни варијабилности се среќаваат на различни места во Македонија:[4]
- Dorycnium herbaceum var herbaceum — широко распространето растение и се среќава во селата Долно Соње, Јаболце и Г. Количани во Скопје, клисурата на реката Треска, клисурата на реката Пчиња кај селото Кожле, село Матејче во Куманово, помеѓу селата Рожден и Мајден во Кавадарци, Дервен, Плетвар, Мариово, селата Бонче, Витолишта, Живово во Прилеп, Крушево, манастирот Св. Пречиста, селата Брждани, Видрани, Туин, Кале и Тајмиште во Кичево, Илинска Планина, Маврово кај Г. Волковија, клисурата на реката Радика, селото Баниште и селото Д. Косоврасти во Дебар, Ѓавато кај Ресен, селата Доленци и Железнец во Демир Хисар, по планините Дешат, Јабланица, Серта, Шар Планина и Пелистер.[4]
- Dorycnium herbaceum var macedonicum — доста често растение и се среќава на Водно, Долно Количани, Јаболце, Држиливо, Катланово, Жеденската Клисура кај село Радуша во Скопје, Глажањ во Куманово, Кратово, селата Делисинци, Ќоселари и Богословец во Свети Николе, селото Уланци кај Градско, Неготино, Краста и селото Клисура во Демир Капија, селото Мајден во Кавадарци, Крушево, селата Кален, Бешиште, Витолиште, клисурата на реката Сатока кај Мариово, Валандово, Богданци, селото Серменин и Смрдлива Вода во Гевгелија, селото Врбен кај Маврови Анови, селото Туин и манастирот Св. Пречиста во Кичево, Ѓавато и Крушје кај Ресен. Планините Скопска Црна Гора кај селата Бањањи, Побожје, Бродец, Радишани, на Шар Планина кај Љуботен, селото Нистрово кај Кораб, на Галичица кај Отешево, селото Царина, Петрино, Војтина, селото Пештани, Пелистер и Серта.[4]
Наводи
[уреди | уреди извор]- 1 2 „Lotus herbaceus (Vill.) Jauzein“, Plants of the World Online, Royal Botanic Gardens, Kew, Посетено на 2018-10-03
- ↑ „Lotus herbaceus subsp. gracilis (Jord.) Jauzein“, Plants of the World Online, Royal Botanic Gardens, Kew, Посетено на 2018-10-04
- ↑ „Lotus herbaceus subsp. herbaceus“, Plants of the World Online, Royal Botanic Gardens, Kew, Архивирано од изворникот на October 4, 2018, Посетено на 2018-10-04
- 1 2 3 4 5 6 Мицевски, Кирил (2001). Флора на Република Македонија Том I, св. 5. Скопје: МАНУ. стр. 1347–1348.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
„Dorycnium herbaceum“ на Ризницата ?
| ||||||||||