Dianthus deltoides
| Dianthus deltoides | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Непознат таксон (попр): | Dianthus |
| Вид: | Dianthus deltoides |
| Научен назив | |
| Dianthus deltoides L. | |
Dianthus deltoides или точкест каранфил — вид повеќегодишно цветно растение од родот Carnation и семејството Caryophyllaceae. Природно е распространетo во поголемиот дел од Европа и западна Азија.[1] Се среќава и во многу делови од Северна Америка, како неавтохтон вид.
Опис и распространетост
[уреди | уреди извор]Dianthus deltoides е вид каранфил со височина од 15 до 30 см, со зелена или сивкаста боја. Неговото стебло е покриено со влакненца кои се раширени и свртени наназад. Листовите на неплодните гранчиња се густи и преклопени, тесно копјести со тап врв, влакнести по рабовите и долж средната жила, а понекогаш имаат ретки влакненца и на горната и долната страна. Цветните гранчиња најчесто имаат 6 до 10 парови подолги, тесни лисја, кои кон врвот се заоструваат и се влакнести по рабовите и жилката или целосно влакнести. Цветовите се поединечни, поставени на врвовите на разгранетите гранчиња, со дршки долги 4 до 10 мм. Чашката има 2, поретко 4 лушпи кои стигнуваат до половина од неа, обратно јајцевидни и постепено преминуваат во шилец; поширокиот дел има широк проѕирен раб, а површината е гола или со ситни влакненца во горниот дел, со зелена, светлокафеава или црвенкаста нијанса. Чашката е долга 13–18 мм и широка околу 2 мм, речиси цилиндрична, поширока во долниот дел и потесна кон врвот. Запците на чашката се долги околу 5 мм и широки околу 1 мм во основата, тесно триаголни, постепено заострени, со тенок проѕирен раб и покриени со кратки влакненца по рабовите и површината. Венечните ливчиња имаат ламината долга до 8 мм, темноцрвена со бели точки и влакненца во основата.[2]
Во Македонија претставува многу ретко растение кое расте на планински пасишта во субалпски и алпски предели, на височини од 1200 до 2200 метри, најчесто на длабока почва. Се среќава на Пелистер, Кожуф, Ниџе кај Кајмакчалан, како и на Дудица.[2]
Одгледување и употреба
[уреди | уреди извор]Растението наоѓа широка примена во хортикултурата, каде што неговите многубројни сорти се продаваат како градинарски украси препознатливи по розовите цветови и, карактеристично, потемните зелени листови.[3]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Blamey, M. & Grey-Wilson, C. (1989). Flora of Britain and Northern Europe. ISBN 0-340-40170-2
- 1 2 Мицевски, Кирил (1993). Флора на Република Македонија Том I, св. 2. Скопје: МАНУ. стр. 368–369.
- ↑ Huxley, A., ed. (1992). New RHS Dictionary of Gardening. Macmillan ISBN 0-333-47494-5.
|
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Dianthus deltoides“ на Ризницата ? |