Crush 'Em

Од Википедија — слободната енциклопедија
„Crush 'Em“
Сингл од Мегадет
од албумот Risk
Издаден летото 1999 г.
Формат ЦД сингл, дигитално спуштање
Снимен јануари - јуни 1999 г.
Жанр Хард рок, хеви метал
Должина 4:57
Издавачка куќа Капитол
Композитор Дејв Мастејн и Марти Фридмен
Продуцент Ден Хаф и Дејв Мастејн
Хронологија на синглови на Мегадет
A Secret Place
(1998)
Crush 'Em
(1999)
Insomnia
(1999)

Crush 'Em е песна на Мегадет, објавена како носечки сингл од осмиот студиски албум Risk. Прво се нашла на списокот песни вклучени во филмот Универзален војник: Враќањето, а во јули 1999 г. била прогласена за трета најемитувана рок песна на радио станиците ширум САД. Според првичната замисла, оваа песна требало да биде спортска химна, па така била изведувана на многу хокеј натпревари, а еден период била користена и како најавна песна од страна на Светската Боречка Асоцијација. На реизданието од албумот Risk се појавила и ремиксувана верзија на оваа песна, како завршна нумера на дискот.

Позадина[уреди | уреди извор]

Како и голем дел од останатите песни на Risk, „Crush 'Em“ е пример за експериментирањето на Мегадет со различни рок стилови во текот на 90-тите. Композицијата започнува со занимлив техно бит, а басовите созвучја се во диско стил. По ова следат фанк рифови на гитара, кои наизменично се повторуваат по завршувањето на секоја строфа. Рефренот кулминира со тежок хеви метал риф, со извици на публиката Crush! ...Crush 'em!.

Песната е четвртата по ред нумера на албумот, а пред неа се наоѓа краткото интро „Enter the Arena“, која служи како најава за оваа песна. „Enter the Arena“ е составена од еден риф, при што во позадина се слушаат извици Crush 'Em. Еве што изјавил Дејв Мастејн за MTV во врска со песнава:

Навлеговме во еден терен тотално непознат за нас. Сепак на крајот добивме една солидна композиција. Тоа е типот мелодија која сакам да ја чујам кога некого безмилосно би претепувал.[1]


Освен на Risk, „Crush 'Em“ е сместена и на компилациските албуми Capitol Punishment: The Megadeth Years и Warchest. Но, не добила доволен број гласови од обожавателите да се најде и на компилацијата Greatest Hits: Back to the Start, ниту на музичкиот сет Anthology: Set the World Afire.

Видео запис[уреди | уреди извор]

Спотот за Crush 'Em бил снимен во Сан Педро, Калифорнија, на почетокот на јуни 1999 г. Режисер бил Лен Визман, кој подоцна ќе го обмисли и филмскиот запис за „Insomnia“. Местото на снимање била зградата на Water & Power, каде претходно бил работен и записот за песната „Hangar 18“.[2] На спотот освен членовите на бендот, се појавуват и Жан Клод Ван Дам, како и Бил Голдберг, како ликовите од филмот Универзален војник: Враќањето, за чии потреби била и напишана песната. Сцената во спотот е пост-апокалиптична, индустриска зона, каде Мегадет ја изведуваат песната додека Ван Дам и Голдберг се борат меѓусебно. Овој спот не беше вклучен во ДВД колекцијата Arsenal of Megadeth.

Присуство на спортските натпревари[уреди | уреди извор]

Бил Голдберг, поранешен боречки шампион

Режисерот и продуцентите на филмот Универзален војник: Враќањето ја сакале песната во изборот музика за нивниот проект во кој учествувале познатиот глумец Жан Клод Ван Дам, како и боксерот Бил Голдберг. Голдберг, инаку голем обожавател на Мегадет, прв ја слушнал песната и импресиониран од самата музика, разговарал со челниците на Светската Боречка Асоцијација, на кои им предложил бендот да ја отсвират во живо на 5 јули, денот кога бил самиот ТВ пренос од натпреварите во борење. Тој ден бил и повратничкиот настап на Голдберг, по шест месеци остсуство од рингот.[3] Откако Мегадет ја извеле песната, тој се појавил од вештачки создадената магла и рекол Се вратив. По ова, групата отсвирела уште три песни, во кореографија на танчарките од асоцијацијата.[4] Од тој настап бил снимен и кус видео материјал, а оваа нумера станала најавна песна на Голдберг и подоцна официјална музика на Боречката асоцијација. Скусената верзија се нашла и на збирката песни посветени на WCW мечевите, заедно со песната „Invasion“ во изведба на Голдберг.

Мастејн, кој поседува црн појас во боречки вештини, е истовремено и голем обожавател на хокеј тимот на Феникс Којотс. Тој ја опишал Crush 'Em како спортска и боречка химна. Вели дека му се здосадило да слуша едни исти песни секогаш кога Којотс ќе постигнеле гол, па така му дошло на ум да искомпонира нешто славеничко и нешто што би делувало мотивирачки. Прво им понудиле неколку песни на тимот на Феникс, а откако раководните луѓе ги одбиле сите нивни предлози, Мастејн ја доставил „Crush 'Em“ до првите луѓе на Националната хокеј асоцијација, кои на драго срце се согласиле да ја користат од наредната сезона (2000/2001). Освен во хокеј арените, песната може да се слушне и на бејзбол и рагби натпреварите, како и во емисиите посветени на нив. Дури била и употребена како носечка мелодија во видео играта Ultimate Fighting Championship, издадена во 2000 г. од страна на Dreamcast и ПлејСтејшн.[5]

Коментари од бендот во врска со песната[уреди | уреди извор]

Нашиот тогашен менаџер, Бад Преџер, ми пристапи и рече: „Дејв, сакам нешто да снимиш“, а потоа ми напомена дека важи за легенда во музичкиот бизнис, и дека сум имал среќа да работам со него. А потоа уште ми кажа: „Дејв, ова им го кажав и на останатите чланови и тие беа изненадени како претходно самите не се сетиле на тоа“. Јас му одговорив дека штом другите дале согласност, тогаш би можел да видам за што се работи. Ми кажа дека сѐуште не сме направиле диско нумера и политичка песна. Му реков дека политичка песна не доаѓа предвид, а за диско песната ќе размислам. И така испадна Crush 'Em. Има невообичаен ритам, возбудлив пулс што е навистина заразен и може да ве расположи.

Дејв Мастејн, 2001 г.[6]

За мене оваа песна е добар обид, кој за жал не ја постигнува својата намена. Нејзината структура е премногу сложена за да биде спортска химна. Имавме многу разговори помеѓу членовите на бендот, менаџерите, продуцентите, ја разгледавме нумерата од сите можни аспекти, но мислам дека ја промашивме целта. Сепак, голема благодарност до сите за нивниот труд и придонес, и посебно нашата обожавателска армија која е заслужна за придружните вокали.

Марти Фридмен, 2002 г.[6]

Список на песни[уреди | уреди извор]

  1. „Crush 'Em“ (радио верзија) – 3:11
  2. „Crush 'Em“ (студиска верзија) – 4:57

Музички персонал[уреди | уреди извор]

Пласман на табелите[уреди | уреди извор]

Овој сингл, со исклучок на „Breadline“, беше најдобро рангираната песна од албумот Risk, искачувајќи се на 6-тото место на американската топ листа посветена на рок композиции.

Година Табела Позиција
1999 Рок нумери (САД) 6

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Мастејн од Мегадет коментира за Crush 'Em MTV.com (23 јуни 1999). Проверено на 18 април 2008.
  2. Крег Розен, Мегадет зборуваат за 'Crush 'Em; донираат коњ за училиштето" Архивирано на 12 август 2011 г. Yahoo! Music (15 јуни 1999). Проверено на 18 април 2008.
  3. Џо Хулер, „Мегадет со Crush 'Em како најава за вечерниот натпревар“ Архивирано на 13 август 2009 г. Rolling Stone (22 јули 1999). Проверено на 18 април 2008.
  4. Брет Милер, „Светот ќе заврши по Мегадет“ Highwire Daze (октомври 1999). Проверено на 18 април 2008.
  5. „Мегадет - "Crush 'Em" UFC 2000 видео запис“. YouTube. 11 јули 2008. Посетено на 14 август 2011.
  6. 6,0 6,1 Изјави од членовите на Мегадет за песната

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]