Call of Duty: WWII
| Call of Duty: WWII | |
|---|---|
| Изработувач(и) | Sledgehammer Games |
| Издавач(и) | Activision |
| Режисер(и) |
|
| Продуцент(и) | Џејми Воџик |
| Дизајнер(и) |
|
| Програмер(и) | Џејсон Бел |
| Уметник(ци) | Џо Салуд |
| Писател(и) | Џереми Бреслау |
| Композитор(и) | Вилберт Роже II |
| Серијал | Call of Duty |
| Погон | IW Engine |
| Подлоги | |
| Датум на издавање | 3 ноември 2017 |
| Жанр(ови) | пукачка игра од прво лице |
| Режим(и) | едноиграчки, повеќеиграчки |
Call of Duty: WWII (македонски: Повик на должност: Втора светска војна) — пукачка игра од прво лице, развиена од студиото Sledgehammer Games и објавена од компанијата Activision. Била објавена на 3 ноември 2017 г. за личен сметач, PlayStation 4 и Xbox One. Кампањата на играта е сместена во Европскиот театар на војната и се сосредоточува на еден вод од Првата пешадиска дивизија на САД. Дејството ги следи нивните битки на Западниот фронт и е главно втемелено на историските настани од операцијата „Оверлорд“ (Денот Д).
Играчот го управува Роналд „Ред“ Даниелс и има соборци што можат да го снабдуваат со дополнително стреливо, здравје или гранати, како и со насочени гранати и откривање на непријателски цели. Ниту едно од овие не се надополнува автоматски во текот на кампањата.
Повеќеиграчкиот режим вклучува места на карти што не се видени во кампањата. Режимот исто така го воведува новиот систем „Дивизии“, кој го заменува системот за создавање класи што бил користен во претходните игри од серијалот. Во играта е воведен и социјален центар, наречен „Штаб“, кој им овозможува на играчите меѓусебно заемодејство.
По објавувањето, играта добила во целост потврдни одзиви. Особено биле пофалени приказната, промените во системот на борба, повеќеиграчките режими и визуелниот изглед. Меѓутоа, била критикувана поради недостатокот на иновација во едноиграчката кампања и сличноста со претходните игри сместени во истата епоха.
Играта остварила трговски успех, остварувајќи 500 милиони американски долари приход во првите три дена од нејзиното издавање. Станала најпродаваната конзолна игра во Северна Америка во 2017 г., и до крајот на годината достигнала приход од над 1 милијарда американски долари на светско ниво.
Играчки процес
[уреди | уреди извор]Call of Duty: WWII е првата игра од серијалот, по изворната Call of Duty и Call of Duty 2: Big Red One, во која нема автоматска регенерација на здравјето во кампањата. Наместо тоа, играчите мораат да пронаоѓаат комплети за прва помош расфрлани низ нивоата или да се потпрат на нивниот соборец медицинар. Другите членови на одредот можат да обезбедат стреливо, гранати, да повикаат минофрлачки оган или да ги откријат непријателите и да ја покажат нивната местоположба во вид силуети.[1] Во одредени делови од играта, непријателските војници можат да бидат заробени, а ранетите можат да се одвлечкаат на безбедно. Во некои делови на кампањата, играчите можат да управуваат и со воени возила.[2]
Режим „Зомби“
[уреди | уреди извор]Играта вклучува кооперативен зомби-режим што е сличен на претходните режими објавени од студијата Treyarch и Infinity Ward, но е визуелно пожесток и има свој оригинален заплет. Зомби-режимот се одвива за време на Втората светска војна, додека Нацистичка Германија прави очаен обид да создаде армија од неживи во завршните етапи на војната.
Повеќеиграчки режим
[уреди | уреди извор]Повеќеиграчкиот режим требало да биде претставен на Е3 2017, но на крајот неговата презентација била одложена за август. Sledgehammer Games најавиле нови функции како што се: нов „Штаб“ како социјален простор за заемодејство, системот „Дивизии“, режимот „Војна“ и враќање кон традиционалниот стил на играње „со чизми на земја“ (англ. boots-on-the-ground). Повеќеиграчкиот режим исто така добил нов систем за напредување на главните класи. Играчите што ја нарачале играта однапред биле поканети на затворен бета-тест, кој се одржал на 25 август и бил достапен само за PlayStation 4.
Приказна
[уреди | уреди извор]Кампањата на играта Call of Duty: WWII се состои од 12 мисии и ги опфаќа борбените дејствија во окупираните градови на Франција, Белгија, како и во Германија за време на Втората светска војна. Играчот ќе игра претежно како војникот Роналд „Ред“ Даниелс од 1. пешадиска дивизија на САД.
Меѓутоа, во текот на играта ќе треба да се влезе во улога и на други клучни ликови. Тие вклучуваат: Камил „Русо“ Дени, теренски командант на Францускиот отпор (во мисијата „Ослободување“); Огастин Перес, командант на тенкот „Шерман“; и Метју Вебер, пилот на борбениот авион P-47.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Call Of Duty: WW2 Ditching Health Regen, Has Some Form Of Dedicated Classes“. GameSpot (англиски). Посетено на 2025-10-19.
- ↑ acast (2017-06-16). „E3 2017: Call Of Duty: WW2 Interview | Gamertag Radio on acast“. acast (англиски). Архивирано од изворникот на 2017-09-03. Посетено на 2025-10-19.