@

Од Википедија — слободната енциклопедија

@ („мајмунче“) — типографски знак. Се наоѓа во основните знаци на АСКИ кодот. Неговиот број е 64 во децималниот систем, односно 40 во хексадецималниот. Неговата употреба се поврзува пред сè со користењето во адресите на електронската пошта за одвојување на корисничкото име и доменот.

Име на знакот во македонскиот јазик[уреди | уреди извор]

Овој знак во македонскиот јазик се чита на, често се користи и англицизмот ет (спрема англиското at), а најчесто се нарекува мајмунче.

Користење пред и вон сметачкиот свет[уреди | уреди извор]

Оваа ознака долго била користена во шпанскиот и португалскиот јазик како скратеница од името ароба – единица за тежина еквивалентна на 25 килограми. Името потекнува од изговорот на зборот „четвртина“ на арапски јазик. Првиот историски документ кој го содржи знакот @ е шпански регистар на пратки пченица од Кастиља во Арагон од 1448 година.

Комерцијалната употреба на симболот @ била со значење „секоја по“, односно „по стапка од“ во означување на цените. На пример, трошоците „12 јаболка @ 2 долари“ ќе бидат 24 долари.

Современа употреба[уреди | уреди извор]

Е-пошта[уреди | уреди извор]

Во адресата на електронската пошта (која се пренесува преку SMTP), знакот @ се вметнува меѓу корисничкото име и доменот, како на пример:

sorabotnik@mk.wikipedia.org

корисничкото име е „sorabotnik“ и се наоѓа на доменот „mk.wikipedia.org“.

Сè уште не е можно да се користи електронска пошта со кирилски знаци. Често симболот @ се заменува со слика или со зборот НА во е-поштенските адреси, за да се избегне несакана пошта, како на пример на контактните страници на Википедија.

Разговори и форуми[уреди | уреди извор]

Симболот @ на форумите често се користи како ознака на обраќање кон одредена личност. На пример, ако во дискусијата учествуваат повеќе личности и напишеме @Филип, пораката која следи му е наменета на корисникот Филип:

Фросина: Добар ден!
Филип: Немаме статија за знакот @
Благоја: Здраво Фросина, ти ја пратив сликата на е-пошта.
Фросина: Ја примив твојата е-пошта. @Филип: немаш скоро погледано, еден соработник само што напиша статија за знакот @

Програмирање[уреди | уреди извор]

Симболот @ се користи во многу програмски јазици, но неговата употреба не е стандардизирана и има различно значење кај различни јазици.

  • C# - овозможува клучните зборови да се користат како идентификатори и за обележување на посебни видови стрингови
  • Java - од верзијата 5.0 се користи за означување на видот на метаподатоци
  • Pascal - @ е оператор кој значи „адреса на променливата“, т.е. говори за мемориската локација на која е сместена променливата
  • Perl - @ им претходи на променливите кои содржат низи
  • PHP - се користи пред изрази за да се потисни евентуална грешка која би се генерирала со тој израз
  • FoxPro - се користи да означи експлицитно проследување на променливи при повикување на процедура или функција (но тоа не е оператор на адресата).
  • Windows PowerShell - @ се користи како оператор за низи податоци.

Тастатура[уреди | уреди извор]

На тастатура со стандарден англиски (американски) распоред на знаците, @ се наоѓа над цифрата 2, и се добива со притискање на копчето SHIFT и цифрата 2. На тастатурата со македонски распоред знакот @ се добива со притисок на десното ALT копче и копчето V.

Имиња на знакот на други јазици[уреди | уреди извор]

Симболот @ на разни јазици има различни вообичаени називи. Доста јазици го имаат прифатено англискиот изговор, а останатите имиња главно се варијанти на буквата А или имиња на животни (мајмун, слон,...).

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]