2001: Вселенска одисеја (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

„2001: Вселенска одисеја“ (англиски: 2001: A Space Odyssey) — научнофантастичен роман на британскиот писател Артур Кларк, објавен во 1968 година. Романот бил напишан во текот на снимањето на филмот истоимениот филм во режија на Стенли Кјубрик, а бил објавен по филмот.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од 47 глави распоредени во шест дела.

Прв дел: Исконска ноќ[уреди | уреди извор]

Првиот дел се состои од следниве глави:

  • Пат кон исчезнувањето
  • Новата карпа
  • Академија
  • Леопардот
  • Средба на изгрејсонце
  • Подемот на човекот

Група од околу 50 човеколики мајмуни, предводени од мајмунот Гледа-Месечина, едвај преживува, борејќи се со гладот предизвикан од долготрајната суша. Една ноќ, на небото се појавува силна светлост проследена со силен звук, а утредента, во близина на пештерите во кои се кријат мајмуните се појавува кристална карпа во форма на правоаголник. Необичната карпа е активна, предизвикувајќи светлосни ефекти и ритмички звуци, а освен тоа влијае врз постапките на мајмуните, кои како хипнотизирани гледаат во неа. Под влијание на карпата почнува да се развива мозочната актинвост на мајмуните и еден ден, Гледа-месечина зема камен и убива свиња. Потоа, мајмуните постепено почнуваат да користат прости алатки и да ловат. На тој начин, тие повеќе не гладуваат и постепено почнуваат да напредуваат. Еден ден, тие убиваат антилопа и за првпат пленот го носат во пештерата за да го јадат. Најпосле, една ноќ, во пештерата влегува леопард, меѓутоа мајмуните сложно го напаѓаат и го убиваат. Од неговата глава, тие прават трофеј и утредента ја напаѓаат противничката група мајмуни при што го убиваат нивниот водач. Во следните стотици илјадници години мајмуните напредуваат и постепено се преобразуваат во луѓе, а потоа човештвото забрзано се развива.[1]

Втор дел: МНТ - 1[уреди | уреди извор]

Вториот дел се состои од следниве глави:

  • Посебен лет
  • Орбитален рандеву
  • Шатл кон Месечината
  • Базата Клавиус
  • Неправилност
  • Патување под светлината на Земјата
  • Бавно зазорување
  • Прислушкувачи

Хејвуд Флојд, научник и астронаут, итно е испратен на Месечината. Официјалното оправдување е дека на Месечината се појавила епидемија, но всушност, тој е испратен на тајна задача. Најпрвин, тој слетува на меѓународната вселенска станица, а оттаму заминува во базата Клавиус која се наоѓа на Месечината. Неговата вистинска задача е да ја испита необичната магнетна активност која се појавила во кратерот Тихо. Таму е пронајдена црна правоаголна карпа со непознато потекло за која се претпоставува дека е стара околу три милиони години и дека веројатно е производ на некоја друга цивилизација. Флојд и другите членови на експедицијата го посетуваат местото каде е закопана карпата. Додека го набљудуваат монолитот, наеднаш тој произведува силен звук, а истовремено, четири вселенски сонди, поставени на различни места во Сончевиот систем, рагистрираат необичен проток на енергија чиј извор се наоѓа на Месечината.[2]

Трет дел: Меѓу планетите[уреди | уреди извор]

Третиот дел се состои од следниве глави:

  • „Откритие“
  • ХАЛ
  • Обичаите на пловидбата
  • Низ астероидите
  • Минување покрај Јупитер
  • Светот на боговите

Еден вселенски брод патува од Земјата кон Сатурн. Во бродот се наоѓаат астронаутите Дејвид Боумен и Френк Пул, заедно со утре тројца колеги кои се хибернирани и треба да бидат разбудени кога бродот ќе пристигне на целта. Со бродот управува компјутерот ХАЛ 9000, кој поседува вештачка интелигенција. Истовремено, само тој ја знае вистинската цел на вселенската мисија. Во текот на летот, Боумен и Пул ги извршуваат рутинските работи при што бродот минува низ еден појас со астероиди, а потоа и покрај Јупитер чија гравитација му го дава забрзувањето на патот кон Сатурн. Тогаш, астронаутите испраќаат две сонди кон Јупитер од кои едната веднаш е уништена, додека другата успешно влегува во орбитата на планетата и испраќа информации кон Земјата.[3]

Четврти дел: Провалија[уреди | уреди извор]

Четвртиот дел се состои од следниве глави:

  • Роденденска прослава
  • Излегување
  • Прекината врска
  • Првиот човек кон Сатурн
  • Дијалог со ХАЛ
  • Неопходноста на сознанието
  • Во вакуум
  • Сам
  • Тајната

ХАЛ ги известува астронаутите дека може да се расипе антената. Пул излегува надвор од бродот и ја поправа антената, а кога се враќа во бродот, тој и Боумен утврдуваат дека антената е сосема во ред. Така, тие сфаќаат дека ХАЛ погрешил и контролата на мисијата им препорачува на астронаутите да го исклучат компјутерот. ХАЛ повторно известува дека е расипана антената, а Пул повторно излегува надвор од бродот за да ја поправи. Тогаш, вселенската сонда почнува да се движи, го удира Пул и потоа заминува во вселената, влечејќи го зад себе астронаутот. Боумен конечно се уверува во ненормалното однесување на ХАЛ и брза да ги разбуди хибернираните астронаути, а ХАЛ се спротивставува на таквата одлука. Всушност, ХАЛ бил програмиран за да биде целосно посветен на извршувањето на мисијата, а во мигот кога утврдува дека сакаат да го исклучат, тој одлучува да ги отстрани астронаутите (кои не ја знаат вистинската мисија на бродот) и самиот да ја доврши мисијата. Затоа, ХАЛ намерно ја отвора вратата на бродот, кој ја губи атмосферата и така хибернираните астронаути веднаш умираат. Боумен едвај успева да се спаси, а потоа го исклучува ХАЛ, ја поправа антената и испраќа извештај до Земјата за случувањата на бродот. Дури тогаш, контролата на летот му кажува за пронајдениот монолит МНТ - 1 и му ја откриваат вистинската мисија - да се испита дали има траги од друга цивилизација на Јапет, еден од сателитите на Сатурн.[4]

Петти дел: Сатурновите месечини[уреди | уреди извор]

Петтиот дел се состои од следниве глави:

  • Опстанок
  • По повод вонземјаните
  • Амбасадор
  • Орбитирачки мраз
  • Јапетовото око
  • Постариот брат
  • Опит
  • Стражар
  • Во окото
  • Излез

Со големи напори, Боумен го оспособува бродот за нормално функционирање. На патот кон Сатурн, тој размислува за можноста од постоење на други интелигентни суштества во вселената, а за да не западне во лошо расположение, интензивно слуша музика. Конечно, тој влегува во орбитата на Сатурн, а потоа и во орбитата на Јапет и кружи над него. На неговата бела површина во вид на око, тој забележува голем црн предмет во вид на правоаголник, кој е сличен на МНТ - 1. Боумен се спушта кон монолитот, кој тогаш се активира и Боумен забележува дека низ него има голем отвор исполнет со многу ѕвезди. Кога вселенската сонда влегува во отворот, тој се затвора.[5]

Шести дел: Низ капијата на ѕвездите[уреди | уреди извор]

Шестиот дел се состои од следниве глави:

  • Големата централа
  • Туѓо небо
  • Пекол
  • Прием
  • Рекапитулација
  • Преобразба
  • Дете-ѕвезда

Сондата на Боумен паѓа низ тунелот и тој здогледува необичен свет во кој не важат законите на просторот и времето за кои знаат луѓето, па тој никако не може да си ги објасни неверојатните призори. Потоа, тој поминува низ огромен отпад од вселенски бродови и се приближува кон површината на џиновско црвено сонце околу кое врти џуџеста бела ѕвезда. Повторно, Боумен присуствува на неверојатни призори на сончевата активност од кои го заштитува некоја непозната сила. Најпосле, тој слетува на некоја рамна површина и влегува во наместен стан, исполнет со мебел, храна, облека итн. Кога го вклучува телевизорот, тој гледа филм и сфаќа дека вонземјаните намерно ја подготвиле собата по угледот на оние на Земјата. Потоа, тој заспива за последен пат и во сонот чувствува дека спомените му се враќаат наназад сè до најраното детство, а кога завршува тој процес, на креветот се наоѓа бебе кое ги отвора очите и заплакува. Пред бебето се наоѓа правоаголник и тогаш исчезнуваат сите остатоци од Боумен, а бебето добива нови, необични знаења и способности: пред себе го здогледува Млечниот Пат, а потоа му се отвора целата вселена, а тоа се претвора во дете-ѕвезда и пред себе ја гледа планетата Земја.[6]

Продолжението на романот[уреди | уреди извор]

Во ноември 1982 година, Кларк го напишал епилогот на романот со наслов „По 2001“ во кој наведува дека, кога го завршил романот, воопшто не планирал да напише негово продолжение. Уште повеќе, според неговите зборови, во текот на следната деценија ја исмејувал и самата помисла на такво нешто, како нешто бесмислено. Меѓутоа, во меѓувреме, тој добивал многу писма од читателите, кои биле љубопитни да дознаат што се случило понатаму. Затоа, како едне вид интелектуална вежба, тој напишал еден нацрт-текст за можното продолжение, и тоа во форма на краток филмски синопсис при што еден примерок му испратил на Стенли Кјубрик, а еден на неговиот агент Скот Мередит. Кјубрик бил воздржан, но Мередит бил воодушевен и почнал да го убедува да ја напише книгата што ќе претставува продолжение на „2001: Вселенска одисеја“. Така настанал романот „2010: Втора одисеја“, а Кларк ја искористил 37. глава од првата книга како премин меѓу двата романа.[7]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 7-28.
  2. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 29-69.
  3. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 70-95.
  4. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 96-135.
  5. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 136-160.
  6. Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 161-184.
  7. „Epilog: Posle 2001.“, во: Artur Klark, 2001: Odiseja u svemiru. Opatija: Otokar Keršovani, Beograd: Narodna knjiga, 1983, стр. 185-186.