Вакуум

Од Википедија — слободната енциклопедија

Вакуумпростор без супстанца. Самиот збор „вакуум“ е од латинско потекло (лат. vacuus - празен).

Една од значајните особености на вакуумот ја прикажал Ото фон Герике во 1654 г. со Магдебуршките коњи, кои не можеле да ја разделат металната вакуумска топка.
Опит со стаклена инка на кој се прикажува дејството на вакуумот врз топчето предизвикан од вшмукуваето преку грлото. Топчето не паѓа, туку има задршка додека трае вшмукувањето. Извел: проф. Оливер Зајков. Институт за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Притисокот во вакуумот е многу понизок од атмосферскиот притисок[1], и во идеален случај тој тежнее кон притисок од нула паскали. Најголемиот (најдлабокиот) вакуум се наоѓа во вселената ( Pa).

Вакуумот бил честа тема на филозофски дебати на грчките филозофи, но емпириски не бил истражуван сè до XVII век. Еванџелиста Торичели ја конструирал првата вакуумска лабораторија во 1643 година, а извел и други експерименти како резултат на неговите теории за атмосферскиот притисок.[2]

Индустриската примена на вакуумот започнува во XX век, со воведувањето електричната светилка и вакуумската цевка.

Вакуумот може да се произведе така што од некој затворен простор со помош на т.н. вакуум-пумпа ќе се извлече целиот гас.

Особини на вакуумот и негова примена[уреди | уреди извор]

Низ вакуумот се простираат светлината, честичките, цврстите тела, електричното и магнетното поле, но не и звукот — за простирање на звукот потребна е материја. Топлината низ вакуумот простира со зрачење (електромагнетни бранови од инфрацрвениот дел на спектарот), но не и со спроведување. Спровдувањето на топлината се одвива преку материјалните носители, па во простор со низок притисок тоа е значително послабо, и оттаму е примената на вакуумот во термосите.

Во светилката има делумен вакуум, со траги на аргон наместо воздух за да се зачува волфрамското влакно.

Вакуумoт се користи во бројни процеси и уреди. Првата вообичаена примена била во светилките со влакно за да се заштити волфрамовото влакно од хемиска деградација. Хемиската инертност на вакуумот, исто така се користи за заварување со електронски млаз, за нанесување тенки слоеви со испарување, за суво нагризување во производството на полуспроводници, за нанесување оптички слоеви, вакуумско пакување итн. Смалувањето на конвекцијата (мешањето) ја подобрува топлотната изолација на термосите. Високиот вакуум го потпомага дегазирањето што се користи за сушење со замрзнување и за вакуумска дестилација.

Особината на вакуумот да ги пропушта електроните без расејување довела до примена во електронскиот микроскоп, вакуумските цевки (првото радио) и катодните цевки (првите телевизори). Отстранувањето на триењето во воздухот со создавање вакуум се користи во конструкцијата на ултрацентрифугите и депонирањето на енергијата кај замаецот.

Вселенски простор[уреди | уреди извор]

Вселенскиот вакуум всушност е многу слаба плазма што ја сочинуваат наелектризирани честички, електромагнетни полиња, а понекогаш и ѕвезди.

Најголем дел од вселената има густина и притисок скоро колку совршен вакуум. Во вселенскиот простор практично нема триење поради што ѕвездите, планетите и останатите небесни тела се движат слободно по нивните идеални гравитациски патеки. Меѓутоа, не постои совршен вакуум, дури ни во меѓуѕвездениот простор каде се наоѓаат неколку водородни атоми по кубен сантиметар, правејќи притисок од 10 fPa (10−16 Torr).

Високиот вакуум на вселената би можел да претставува погодна средина за извесни процеси, на пример оние кои бараат совршено чисти површини, но за вообичаена примена многу полесно е да се создаде еквивалентен вакуум на Земјата, отколку да се совладува Земјината гравитација.

Ознаки на вакуумот во техничката примена[уреди | уреди извор]

  • Низок вакуум (анг. Low vacuum): 100 kPa - 3 kPa
  • Среден вакуум (анг. Medium vacuum): 3 kPa - 100 mPa
  • Висок вакуум (анг. High vacuum): 100 mPa - 1 µPa
  • Многу висок вакуум (анг. Ultra high vacuum): 100 nPa - 100 pPa
  • Екстремно висок вакуум (анг. Extremely high vacuum): < 100 pPa

Особини[уреди | уреди извор]

Многу особини ги задржуваат вредностите различни од нула кога вакуумот се приближува до идеалниот. Тие идеални физички константи се нарекуваат константи на слободниот простор. Неколку најосновни се:

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Chambers, Austin (2004). Modern Vacuum Physics. Boca Raton: CRC Press. ISBN 0-8493-2438-6. OCLC 55000526.
  2. How to Make an Experimental Geissler Tube, Popular Science monthly, February 1919, Unnumbered page, Scanned by Google Books: http://books.google.com/books?id=7igDAAAAMBAJ&pg=PT3