Шриланкански леопард

Од Википедија, слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Леопард од Шри Ланка
Леопард од Шри Ланка
Заштитен статус
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Фамилија: Felidae
Род: Panthera
Вид: P. Pardus
Подвид: P. p. kotiya
Триномен назив
Panthera pardus kotiya
Деранијагала, 1956[1]
Распространетост

Шриланканскиот леопард (лат. Panthera pardus kotiya) познат и под името Котија, е подвид на леопард кој живее на Шри Ланка. Сепак, "kotiyā" (котија) на локалниот синхала јазик значи „тигар“, додека за леопард се употребува "diviyā" (дивија).

Неодамнешно истражување покажало дека националниот парк Јала е едно од најгусто населените места со леопарди во светот. Сепак ова животно се уште се смета за загрозен вид. Познато место за набљудување на леопарди е и националниот парк Вилпату на Шри Ланка.

Карактеристики[уреди]

Шриланканскиот леопард е еден од десетте познати подвидови на леопард. Крзното му е жолтеникаво, прошарано со темни точки и розети. Од седум измерени женки бил изваден просек од 29 килограми, додека кај мажјаците просекот е 56 килограми. Најтешкиот мажјак бил тежок 77 килограми[2].

Распространетост и живеалиште[уреди]

Овој леопард се среќава единствено на островот Шри Ланка и е најголемиот предатор во земјата. Во минатото се знаело многу малку за ова животно, но со истражувањата кои се прават во моментот (проектот Леопард [1]), покажуваат дека леопардите се распространети низ целиот остров, внатре и надвор од заштитените региони. Ова животно е среќавано во различни живеалишта, вклучувајќи суви зимзелени шуми, сурови џунгли, планински шуми, дождовни шуми и шуми од влажната зона.

Исхрана[уреди]

Како и повеќето мачки, и шриланканскиот е доста прагматичен во изборот на храна во која спаѓаат мали цицачи, птици, рептили, но и големи цицачи. Цејлонски дамчест елен е најчест плен на ова животно во сувите предели. Леопардот лови и самбар, мутџак, дива свиња и мајмуни. Забележани се и нападни на возрасни домашни говеда.

И овој подвид лови како останатите леопарди, тивко го следи пленот сè додека не се доближи на кратко растојание. Потоа изненадно напаѓа со голема брзина и најчесто го убива пленот со загризување на гркланот.

Однесување[уреди]

SrilankaLeopard in wild.jpg

Неодамнешна студија во националниот парк Јала покажува дека шриланканскиотне е ниту подруштвен, ниту помалку ноќно животно од другите популации. Тие се самотни ловци, со исклучок на женките кои имаат малечки. И двата пола живеат на територии кои се препокриваат едни со други.

Сезоната на парење е преку целата година со незначително зголемување за време на сувата сезона. Леглото обично има 2 малечки.

За разлика од другите леопарди, овој подвид не го крие пленот на дрвјата. Ова е заедничко со други популации каде леопардот е суперпредатор, што значи дека нема потреба да го крие пленот на места кои се недостапни за другите предатори.

Опасности[уреди]

Шриланкански леопард во дивината

Опстанокот на овој леопард е загрозен најмногу од ловокрадството и загубата на природното живеалиште. И покрај овие закани, леопардот многу лесно се адаптира на новите услови, и без никаков проблем може да живее во близина на човекови населби. Поради годините со немири во Шри Ланка, напорите за заштита биле спречени, посебно во Националниот парк Вилпату и источните региони.

Заштитен статус[уреди]

Потребни се дополнителни истражувања на овој леопард за да бидат поуспешни методите за заштита. Проектот Леопард (Leopard Project) кој го води WWCT, е доста помогнат од владата во Шри Ланка. WWCT во моментот работат во централниoт ридски регион каде распарчувањето на популациите се одвива многу брзо.

Погрешна идентификација[уреди]

Во доцните 1980-ти и на почетокот на 1990-те, зборот котија (kotiya) многу често бил погрешно преведуван во шриланканските медиуми како „тигар“ поради погрешната информација која ја добиле од врвот на Министерството за флора и фауна во Шри Ланка. Наводно тие изјавиле дека „на Шри Ланка нема котија (тигри) туку дивија“, со што погрешно се протолкувало Panthera pardus kotiya (леопардот од Шри Ланка) како дивија (diviyā – на синхала јазик, овој термин е употребуван за мали диви мачки). Иако е точно дека на Шри Ланка нема тигри, но зборот за тигар всушност е вијаграја а не котија. За жал, жителите на островот почнале да го употребуваат зборот котија за тигар, а дивија за леопард.

Терминот дивија со векови бил користен за опишување на мали диви мачки како мачката рибар и ‘рѓаво-дамчестата мачка.

Наводи[уреди]

  1. Panthera pardus kotiya. Обединет таксономски информативен систем. http://www.itis.gov/servlet/SingleRpt/SingleRpt?search_topic=TSN&search_value=726468.  (англиски)
  2. Nowell K, Jackson P (1996). „Panthera Leo“ (PDF). „Wild Cats: Status Survey and Conservation Action Plan“. Gland, Switzerland: IUCN/SSC Cat Specialist Group. стр. 78. ISBN 2-8317-0045-0. http://carnivoractionplans1.free.fr/wildcats.pdf. 

Надворешни врски[уреди]