Шеќерна волна

Шеќерна волна — слаткарски производ со мека и растресита текстура, по изглед налик на памук, поради што понекогаш се нарекува шеќерен памук. Се подготвува од стопен шеќер, кој се истура низ сито врз брзо вртлив, ладен метален барабан или конус. При процесот на подготовка се создаваат тенки нишки што се собираат во топка. Доколку шеќерниот сируп се обои со прехранбени бои, шеќерната волна добива соодветна боја.[1]
Историја
[уреди | уреди извор]Измислена е во САД од забарот Вилијам Морисон и слаткарот Џон Вортон во 1904 г., и за првпат била претставена на панаѓурот по повод 100-годишнината од купувањето на Луизијана, во Сент Луис, Мисури. Двајцата иноватори успеале да продадат цели 68.655 парчиња по цена од четвртина долар, што било половина од цената на влезницата за самиот панаѓур.[2]
Производство
[уреди | уреди извор]Шеќерната волна се прави од шеќер и прехранбени бои. И денес, технологијата на производство и машините не се многу изменети од порано. Самите машини претставуваат голем кружен метален сад, во чиј центар има мал вртечки сад. Во тој сад се става шеќерот и се додава боја. Греачот го топи шеќерот, кој под дејство на центрифугална сила се исфрла низ ситни отвори во големиот сад, каде што повторно се кристализира. Вртејќи стапче или вафлен корнет по работ на големиот сад, „памукчијата“ ги собира тенките нишки шеќер и така му го дава обликот на производот.
Бидејќи шеќерната волна е полна со воздух, изгледа огромна — особено во рацете на малите деца, кои се најчести купувачи. Обично, големината на готовиот производ ја надминува нормалната човечка глава. За многумина, јадењето шеќерна волна е составен дел од занимливости како циркус или панаѓур. Најчестата боја ѝ е розова, но се среќава и бела, жолта, виолетова, зелена и сина. Огромно задоволство за децата е не само да ја јадат, туку и да го следат процесот на подготовка. Првично изгледа мека како волна (оттаму и доаѓа името на македонски), а во устата се топи.
Шеќерната волна е мека додека е сува, но ако се навлажни, станува леплива. Затоа во влажно време ѝ се намалува трајноста.
Постои и шеќерна волна спакувана во херметички картонски или пластични кутии.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Swarns, Rachel L. (2014-07-27). „In Coney Island, Weaving a Confection That Tastes Like Long-Ago Summers“. The New York Times (англиски). ISSN 0362-4331. Посетено на 2025-04-13.
- ↑ Official Gazette of the United States Patent Office (англиски). The Office. 1907. Архивирано од изворникот 2021-07-12. Посетено на 2020-10-17.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]![]() |
„Шеќерна волна“ на Ризницата ? |